• Дата: 06/02/2018

Фрустрации кај децата – Неопходни се трпение, поддршка и заштита при растењето

Детето уште како ембрион во утробата на мајката чувствува релативна сигурност. Заштитено е од сите психички и физички дразби, тука му е топло и зема храна од мајката. Со раѓање на детето таа топлина, сигурност и заштита детето ја добива преку доењето, но ова трае одреден период, после тоа детето престанува да се дои  и се одделува од мајката. Овој период на одделување е многу тежок за самото дете и претставува прва криза и разделба на детето од мајката. Така да ова е првата фрустрација која што детето ја доживува – каква ќе биде таа разделба и како детето ќе ја доживее зависи од мајката. Следната криза или фрустрација која што детето ја доживува е периодот кога му излегуваат првите забчиња. Излегувањето на првите забчиња е многу болно и непријатно искуство, за да ја намали болката која што ја чувствува детето започнува да гризе и да става се во уста па дури и неговиот најблизок објект мајката. Доколку мајката во овој пероид му помогне на детето на пр.му понуди колаче или нешто друго што би му ја намaлила болката тоа во психичка смисла би му помогнало на детето да направи некој компромис, а со тоа детето го задржува чувството на сигурност и заштита.

Доколку детето побара од мајката да спие со него и да го милува, а мајката тоа го одбие тогаш детето ќе се чувствува отфрлено и фрустрирано, или доколку детето побара да му седне на таткото во скут, а тој не дозволува исто така детето ќе биде фрустрирано.

Раѓањето на второто дете во семејството предизвикува фрустрација кај првороденото дете доколку првото дете претходно не е добро подготвено. Одделувањето на детето од мајката или родителот со кој што е поврзано предизвикува фрустрација.

Честите расправии во семејството помеѓу родителите се најголем извор на фрустрации кај детето кои најчесто се поврзани и со ноќно мокрење кај детето. Оваа реакција се јавува како резултат на тоа што детето не може да се избори со оваа фрустрација и често пати поради секојдневните проблеми во семјството.

Детето може да биде фрустрирано во различни периоди на неговиот развој. Детето се сретнува со голем број на непознати ситуации коишто се за него непријатни – поаѓањето на училиште, средбата со нови и непознати другарчиња, сите овие ситуации може да предизвикаат фрустрации доколку со негативни искуства се сретнало многу рано во животот.

Доколку преовладуваат пријатни моменти тоа ќе му помогне на детето подоцна во животот полесно да ја поднесе и реши фрустрацијата. Доколку  детето  растело без поддршка и заштита, тоа ќе предизвика чувство на помала вредност кај него и како возрасен човек ќе се повлекува. Секое негативно искуство како возрасни ќе го доживува како фрустрација.

пишува: м-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог
Советувалиште за брак и семејствo
Центар за социјална работа Гостивар

Оставете коментар

Вашата Емаил адреса нема да биде објавена.Задолжителните полиња се означени *

*