• Дата: 14/02/2018

Се слави Свети Трифун, заштитник на лозјето

Православните христијани денес, 14 февруари, го слават празникот во чест на Св.Трифун, чувар и заштитник на лозјето.

Според обичаите, лозарите за првпат одат на лозјата во новата календарска година и ги закројуваат, надевајќи се дека така светецот ќе помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. Попрскувањето на лозјата со светена вода и  поткаструвањето на гранчињата, се прави со верување дека свети Трифун ќе го заштити родот од разни болести, штетници и од невреме. Исто така, постои верување дека светецот на својот празник забодува факел во земјата, па снегот почнува да се топи.

Според преданијата, Свети Трифун живеел во трети век, а се родил во сиромашно семејство во мало селце во Мала Азија, во областа Фригија. Родителите од мал го дале да ги пасе гуските во селото. Пораснал како беден гускар и како младич им служел на селаните и им помагал на сите. Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Во Рим ја излекувал ќерката на царот Гордијан, па тој богато го наградил. Св.Трифун богатството го раздал на сиромасите и продолжил да живее скромно, во пост и во молитва и да им прави добро на луѓето. Но, кога на престолот дошол цар Дациј, којшто чул дека Трифун проповеда христијанство, му ја отсекол главата. Св.Трифун бил убиен токму на 14 февруари.

Оставете коментар

Вашата Емаил адреса нема да биде објавена.Задолжителните полиња се означени *

*