Македонија
101 година од замонашувањето на првиот поглавар на МПЦ – г.г. Доситеј

„Радувај се, благодетна! Господ е со тебе!“
(Од Евангелието според светиот апостол Лука)
Со оваа ангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата, започнува спасението на човештвото и обновата на вистинското сознание. Историјата на Новиот завет ја отвора архангелот Гаврил со зборовите „Радувај се!“, најавувајќи дека Новиот завет ќе биде извор на радост за луѓето и за сите што ќе го побараат патот на вистината.
Поради тоа, Благовештение се смета за еден од највеличествените и најрадосни христијански празници.
Токму на овој празник, во април 1924 година, младото искушеничко срце на Димитар Стојкоски од село Маврово било подготвено за пресвртничкиот чекор – замонашувањето. Во тој свет и тивок чин, тој го добива духовното име – Доситеј.

Посетата на првиот македонски Архиепископ Г.Г. Доситеј (по возобновувањето на древната Охридска Архиепископија) на манастирот Св. Богородица Пречиста, 21 Септември 1973, каде како млад тука бил замонашен.
Зошто младиот богослов Димитар го прекинал своето школување во Богословијата на Српската православна црква во Сремски Карловци во 1922 година и го избрал тежок и неизвесен пат на монаштво, засекогаш ќе остане духовна тајна. Но, самиот Доситеј ќе одговори со длабока вера:
„Тоа беше Божја промисла – со мене управуваше силата на Светиот Дух“.
За моментот на замонашувањето, г.г. Доситеј се сеќава:
Според прописите на Православната црква, на монахот при замонашувањето му се дава богословска книга. Мене, мојот духовен татко ми го подари Светото Евангелие во мал формат. По чинот на монашење, отецот Григориј искрено ми се обрати:
„Мој духовен сине, неодамна отидов во Кичево само за тебе. Таму го поврзав и оковав ова Евангелие. Ти го давам со посвета – за молитвен спомен и сеќавање на овој ден. Ако некогаш паднеш во искушение, читај ги молитвите на Господ Бог – тие ќе те заштитат“.
Денот на неговото замонашување – празникот Свето Благовештение – бил избран од игуменот Григориј со посебна духовна промисла. Со света литургија и благослов, тој го удостоил искушеникот со нов чин и ново искушение.
По монашењето,“ продолжува Доситеј, „игуменот Григориј ми донесе уште една книга и ми рече:
„Мило мое чедо, во ова време откако си овде во светата обител, и откако Господ нè удостои да те благословам со моите грешни раце, да те потстрижам и да ти го облечам црното монашко руво, гледам дека кај тебе постои исклучителна љубов кон книгите. Земи ја оваа книга – житието и пофалните слова на Свети Климент Охридски. Моли му се, и нека Господ ти помогне да бидеш еден од достојните монаси на Христовата Црква“.
Г.Г. Доситеј е роден во Маврово на 7 декември 1906 година. Тој е возобновител и прв Архиепископ Охридски и Македонски на МПЦ – Охридска Архиепископија. Во историјата се смета и како духовен наследник на Арсениј II, последниот Архиепископ на Охридската Архиепископија пред нејзиното укинување во 1767 година. Се упокојува на 20 мај 1981 година во Скопје.
Век и повеќе помина од моментот кога богословот Димитар Стојкоски – Доситеј, целосно му се посвети на Бога. Со своето дело се вгради длабоко во темелите на Македонската православна црква. Во негово време од темел била возобновена Црквата, со сите нејзини витални органи: епархиите, епископатот, свештенството, црковните општини во татковината и во дијаспората, црквите и манастирите, образованието и просветата. Во 1967 била отворена Богословијата, а во 1977 година Богословскиот факултет во Скопје.
Неговата визија за обновата на Охридската архиепископија и посветеноста кон изградбата на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, го поставуваат г.г. Доситеј високо на пиедесталот на најзаслужните личности во црковната историја на Македонија.
ЕПЦ „Дедо Доситеј“ – с. Маврово
-
Гостиварпред 3 месеци
Распоред на свештеници за Задушница во Гостивар
-
Што, како, каде?!пред 1 месец
Во Гостивар отворен нов салон за убавина „Beauty Room Stella“ – Жените го заслужуваат најдоброто!
-
ФОТО ВЕСТпред 3 месеци
ФОТО ВЕСТ: Гостиварските советници ги обоија дланките како симболична поддршка за лицата со ретки болести
-
Македонијапред 1 недела
9 мај – Ден на победата над фашизмот
-
Македонијапред 1 месец
Православен празник Цветници, предвесник на Велигден
-
Македонијапред 1 месец
Денеска е Лазарова сабота во спомен на чудесното воскресение на Лазар извршено до Исус Христос
-
Видео емисиипред 3 месеци
ВИДЕО | Вештините на мечувањето во Гостивар – На тренинг со клубот „Витез“
-
Видео емисиипред 2 месеци
ВИДЕО | Осмомартовско интервју со д-р Елеонора Спасовска, специјалист радиолог