Поврзи се со нас

Гостивар

70 ГОДИНИ ЈУБИЛЕЈ: Интервју со Самир Ајдини, директор на Националниот парк „Маврово“

Објавено

на

„НП Маврово е место кое треба да се доживее!“

 

НП Маврово оваа година одбележува голем јубилеј – 70 години постоење. Како течат подготовките за овој значаен настан и со какви се` активности ќе биде одбележано седум децениското постоење на Националниот парк? 

-Да, точно така. Оваа година славиме голем јубилеј 70 години од прогласувањето на оваа територија за заштитено подрачје Национален парк. Но, пред да ви одговорам на прашањето околу подготовките би сакал во неколку реченици да ги запознаам вашите читатели за историјатот на паркот. Во 1949 година од тогашното Народно собрание на Македонија поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели околу Мавровското Поле донесува закон за прогласување на Национален парк Маврово. Првото прогласување било на територија од 11 750 хектари а подоцна во 1953 територијата на паркот значително се зголемува на 73 088 хектари поделена во четири региони: Мавровска долина, Горна река, Долна река и Мала река. Вреди да се истакне дека прогласувањето на заштитеното подрачје доаѓа само неколку години по втората светска војна при што заштитата на животната средина е еден од приоритетите при обнова на државата.

70 години е голем период и низ нашата институција поминале неколку генерации на вработени, се склучиле голем број на пријателства, партнерства и соработка со многу други институции, фирми, физички лица и секако локалното население и овој јубилеј сакаме да го искористиме да ги поканиме и заедно да го прославиме, да размениме мислења идеи, предлози и насоки како да ја продлабочиме соработката и сите да си го најдеме заедничкиот интерес работејќи за унапредување за заштитата на животната средина. Сите заедно на 29 ноември ќе го прославиме јубилејот, при крај сме со подготовките ќе доделиме неколку благодарници и признанија, ќе имаме изложба на фотографии кои се произлезени од конкурсот на тема Приказни за убавините на НП Маврово, ќе ја промовираме новата веб страна и на крај на денот ќе има коктел.

Националниот парк Маврово може да се пофали со богат биодиверзитет, идеална местоположба, прекрасни предели и атрактивни локации. Да ги потсетиме нашите читатели на најважните специфики на паркот, оние што го даваат белегот на препознатливост и единственост.

– Ќе започнам со одговорот од вториот дел на вашето прашање. Македонија е пребогата со природни убавини, природно и културно наследство, знаменитости и секој предел си има свои карактеристики и специфичности. Самиот факт дека оваа територија е заштитено подрачје дава една додадена вредност во однос на останатите. За да ја имаат вашите читатели вистинската претстава за националниот парк Маврово без намера да го оптоварам интервјуто со премногу технички податоци ќе споменам само неколку кои ја покажуваат уникатноста на нашиот парк. 86 планиски врвови со височина со над 2000 м.н.в, распослани на 4 плиниини Кораб, Бистра, Шар Планина и Дешат, Шест климатски појаси почнувајќи од 600 м.н.в со топла континентална клима до над 2250 м.н.в со појас на Алпска клима, 16 кањони, 42 пештери, извори, леднички езера, водопади, ендемски видови. Ова е само дел од природното наследство што имаме задача да го зачуваме и унапредиме и секако ова природно богатсво да го искористиме за одржливиот развој на туризмот како една од најважните економски гранки во паркот за што за развој и унапредување на истиот има огромен потенцијал. Паркот има одлична местоположба, на само час и половина од двата аеродроми во државава, а исто така вреди да се истакне дека туристите кои патуваат за Охрид од Скопје секогаш го избираат патот кој поминува низ паркот единствено поради тоа што поминуваат низ заштитено подрачје што секогаш е прв избор на туристите. Можам слободно да кажам дека странските туристи никогаш не го одминуваат нашиот Инфо Центар што претставува една почетна точка од каде се добиваат сите информации кои им се потребни на туристите. Во инфо центарот ќе ви кажат за Кораб како највисок врв во Македонија, за Ростушкиот или Водопадот Дуф, во Ростуше, за Скијачкиот центар, за Пештерата Шаркова дупка, за Ледничкото езеро Локув, за Манастирот св Јован Бигорски, за Галичник и Галичката свадба, за Лазарополе, за Јанче за Маврово. Во Инфо центарот ќе добиете информација за 500-те километри, маркирани патеки за планински туризам од кои половина отпаѓаат на патеки за пешачење а другата половина на патеки за планински велосипедизам. Мапите за планински туризам се достапни во печатена форма и во електронска форма. Во Инфо Центарот може да си купите и некој сувенир, но и да дознаете за можноста за јавање на коњи, рафтинг на река Радика, параглајдинг, Спортско Качување на карпите во паркот за кајакарење на М. Езеро и може да се ангажира локален лиценциран водич во планина обучен по највисоки стандарди по програмата на UIMLA. На сето ова што го изнесов погоре ако се додаде и се уште неистражената природа од страна на странските туристи, гостопримството, културната и верска разноликост како придобивка, убавата храна обичаите, приказните сето тоа го прави НП Маврово место кое треба да се доживее.

Со површина од над 73.000 хектари, НП Маврово е најголем национален парк во државата, а и еден од поголемите во регионот. Како функционира заштитата на подрачјето и како ја организирате грижата за зачувување на живиот свет и на природното наследство?

– Заштитата на големата територија на заштитеното подрачје која ни е дадена на управување бара многу работа, љубов кон природата, пожртвуваност и не познава работно време. Голем е предизвикот да се зачува ова природно богатсво за да можеме ние, но и следните генерации да ги почувствувааме продобивките од паркот без разлика дали се работи за придобивки од туристичко-рекреативен, образовен научен или економски аспект. За да може да се заштити едно подрачје мора да се има соработка со сите кои егзистираат на територијата на паркот. Во постојана комуникација сме со туристичко-угостителските објекти, сопствениците на мали бизниси, планинарски друштва, сојузи, здруженија и локалното население каде што постојано ги истакнуваме предностите кои ги имаме сите кои живееме и работиме на територијата на паркот и сите заедно низ партнерски однос да го зачуваме ова природно богатство. Оваа соработка со сите што досега ги споменав ни е многу важна бидејќи колку и да имаме вработени во нашата инстутуција од службата за заштита на природа, поради големата територија некогаш не може во исто време да се покрие целиот терен. Затоа воспоставувњето на партнерскиот однос посебно со планинарските друштва и локалното население е од голема важност бидејќи тие исто така ќе претставуваат чувари на паркот. Нашата чуварска служба или службата за заштита на природа (ренџерите) се постојано на терен и ги вршат сите активности кои се во нивна надлежност и тие се во првата линија на заштита, но исто така сите вработени кои се на терен помагаат да ја зачуваме оваа прекрасна природа од недозволени активности кои ги имало ги има и ќе ги има во иднина а наша задача е да ги сведеме на минимум.

Како установа, се вклучувате во многу проекти кои на различен начин придонесуваат за промоција на понудата на Националниот парк, негова заштита, модернизација и слично. Што е актуелно во тој поглед периодов?

Во завршна фала е изработката на новата веб страна на НП Маврово која ќе биде специјализирана за туризам. На едно место ќе можат да се најдат сите сместувачки капацитети, ресторани но и понудата за активности. Патеките можат да се преземаат во  GPX формат но и воведуваме опција за online купување на Влезница во НП Маврово и Дневна риболовна дозвола. Оваа опција за купување беше направена во консултација со клиентите и во голема мерка ќе ги направи овие услуги поблиски до истите. Изработката на веб станата беше финансирана од СВИСКОНТАКТ.

Во напредна фаза е проектот со Воената Академија за Рана превенција и заштита од пожари. Во рамките на овој проект се набави професионален Дрон и се реализираше обука за 4 вработени за управување со безпилотното летало. Се поставија три кули на Кожа со по пет сензори кои ќе бидат поврзани со сервер во НП Маврово каде што ќе се детектира опасност од пожар и со знаење на точната локација ќе може брзо да се реагира. Ова е пилот проект кој ако се покаже продуктивен исти вакви кули со сензори ќе се инсталираат на целата територија на паркот.

Заврши реализацијата на проектот за обука на професионални водачи во планина кој беше финансиран од Мрежата на заштитени подрачја Паркови Динариди со кофинансирање од паркот каде што на конкурс се избраа 9 кандидати од локалното население и ја посетуваа обуката по УИМЛА стандардот реализирана од Македонската асоцијација за интернационални водачи во планина која ја има лиценцата за спроведување на обуки по УИМЛА стандард. Ова за нас е многу важен проект затоа што успеавме да обучиме неколку млади луѓе жители на паркот и се надеваме дека ќе придонесеме овие водачи да ја најдат својата иднина како партнери на паркот и ќе можат да заработуваат од својата професија.

При крај се активностите за почеток за реализација на подпроектот Развој на Мавровската долина во рамките на проектот за локална и регионална конкурентност финансиран од Европската Унија, администриран од Светска Банка а инплементиран од Владата преку кабинетот на Вицепремиерот за економски прашања. Бидејќи сме во фаза на предпотпишување нема да навлегувам во многу детали но од овој проект ќе произлезат многу активности кои значително ќе придонесат за развојот на туризмот во НП Маврово.

Што кажува вашето искуство околу однесувањето на туристите и посетителите во едно заштитено подрачје, има ли доволно развиена свест и почитување на правилата?

-Кога зборуваме за туризам во заштитено подрачје сметам дека однесувањето и свеста за почитувањето на правилата е право пропорционално со познавањето и разбирањето што претставува заштитено подрачје. Самиот факт дека НП Маврово е заштитено подрачје го прави попривлечно место за посета од туристите. Посетителите на паркот ја сакаат природата и имаат висока свест за зачувување на истата. Има различни случаи, но главно се почитуваат правилата на паркот. Како што истакнав пред тоа, однесувањето на посетителот ќе зависи од неговото познавање што значи заштитено подрачје. Ние веќе спроведуваме активности за тоа што претставува национален парк, што преставува заштитено подрачје кои се придобивките од тоа подрачје и во прв план ни се децата. Во репродуктивниот центар за Балкански елен во Бунец имаме едукативна патека за деца до 5 оделение каде што ги истакнуваме вредностите на паркот преку едукативни табли и со лица од паркот кои ја спроведуваат турата. Можам да констатирам дека има голем ефект кај децата и знаеме дека тие во иднина ќе ја сакаат природата ќе ја штитат ќе влијаат кај своите врсници роднини родители и полека но сигурно ќе се менува свеста за затитените подрачја. Така ќе добиеме туристи и посетители кои ќе ги почитуваат правилата и ќе уживаат во природата но ќе дозволат и другите да го почувствуваат истото. Ние ќе работиме на тоа да ги известуваме посетителите дека се наоѓаат во заштитено подрачје, дека важат одредени правила на однесување и дека за сите прашања што ги интересираат а со цел да поминат убав престој во паркот можат да добијат одговор во Инфо Центарот, но и на нашите веб страни и профилите на социјалните мрежи. Кога зборуваме за почитување правила ги користиме и искуствата од другите паркови во регионот но и пошироко, Скоро секаде се наплаќа влез во заштитено подрачје но тука кај нас тоа е нешто ново и немало навика да се плаќа за влез во Национален парк. Ние моравме да воспоставиме таква наплата и верувајте тоа за посетителот е симболична цена која во моментов изнесува 30 денари. И како што кажав претходно со зголемување на знаењето што преставува Национален парк така и се намалува отпорот и негативните коментари кон системот за наплата бидејќи се наоѓа на разбирање кај посетителите дека наплатата за влез е потребна. Морам да нагласам дека странските посетители веќе имаат искуство со наплата и дека уредно си ја извршуваат обврската, додека пак кај домашните посетители наидовме на мал отпор, но тоа веќе се надминува и плаќањето на влез во НП Маврово повеќе не претставува проблем. Исто така, ние ветуваме транспарентност при трошењето на прибраните средства од влез во НПМ и поголем дел ќе бидат инвестирани во подобрување на туристичката инфраструктура.

Кои се плановите на НП Маврово за наредниот период?

-Покрај редовните обврски за заштита на животната средина која произлегува и од актот за основање секако нема да бидат заборавени и другите обврски кои ние како институција ги имаме. Ќе продолжиме и ќе ја унапредиме образовната функција преку организирање на едукативни тури на ученици и студенти во паркот и ќе направиме напори училиштата да вметнат во своите обрааовни програми барем една посета во Националните паркови. Така сите ќе се запознаат не само теоретски туку и во пракса што претставува Национален парк како заштитено подрачје. Во планови сме да објавиме оглас за волонтери кои би помагале во работата на паркот, но и би стекнале знаења кои ќе им служат во нивната идна професија во областите од заштитата на животната средина. Спортскиот риболов ќе го унапредиме и ќе воведеме нови услуги како што е fly fishing  што е доста популарно во европа а нашиот потенцијал е огромен за таа активност.За ова но и за сите други планови во врска со спортскиот риболов имаме голема поддрѓка од риболовните друштва и со дел од нив ја унапредивме соработката. Ги примаме нивните сугестии и предлози бидејќи тие како спортски риболовци најдобро ја знаат проблематиката од нивна страна.  Од 01.02 кога почнува сезоната на спортски риболов ќе стартува и електронската продажба на Дневни риболовни дозволи со што го решаваме еден од проблемите. за достапност на пунктови за продажба на истите.Ќе продолжиме да ги подржуваме настаните кои ќе се случуваат на нашата територија како Галичка свадба, Маврово Опен, маратонот по повод 28 август во Леуново, реканско културно лето, питијадата т.е. секаде каде што се промовира регионот и паркот. Ќе направиме напори локалното население да се вклучи поактивно во процесите за развојаот на локалната економија, како пример може да се земе собирањето на други шумски плодови но не само собирањето туку и откупот и преработката. Има веќе почетни чекори и ќе се заложиме тоа да успее. Туристичкиот потенцијал веќе го споменав неколку пати и сметам дека во рамките на паркот и општината оваа гранка ќе биде движечка сила во унапредувањето на локалната економија. За развој на НП Маврово како туристичка дестинација од најголемо значење е соработката помеѓу давателите на туристички услуги помеѓу себе но и со нас како инститиција и со општината. Секогаш сме отворени за соработка и ќе се залагаме таа соработка да ја унапредуваме затоа што само заеднички можеме Туристичката дестинација да ја развиваме. Секој ќе го најде својот интерес и заедно ќе ја зголемиме довербата помеѓу нас. Преку нашиот сектор за туризам и Инфо центарот ќе работиме на заедничка понуда на дестинацијата и секој со својата активност ќе придонесе да се збогати истата. Оваа година се планира да се уредат неколку излетнички места, ќе ја збогатиме туристичката понуда со тури за набљудување на крупен дивеч при што се направени неколку пилот тури кои поминаа одлично, ќе се реконструира патеката до водопадод Дуф во Ростуше со обнова на сите мостови, планираме и доопремување на инфо центарот со нови содржини, ќе изработиме стратегија за развој на авантуристичкиот туризам, ќе изработиме промотивно видео, нови брошури и ќе направиме ремаркација и доуредување на патеките за планински туризам со воведување на нови технологии. Ова е само дел од активностите кои ќе се реализираат и секако дека сме отворени за нови предлози и идеи кои би произлегле од субјектите кои функционираат на територијата на паркот со цел да ја зајакнеме соработката и заеднички да придонесеме за економски развој одржлив туризам и заштита на животната средина во овој наш заеднички Национален парк Маврово.

Сподели ја веста:
Остави коментар

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Маркетинг

Advertisement
Македонијапред 2 недели

Невработените со можност за бесплатни обуки и полагање за возачки дозволи за камион и автобус

Вестипред 3 недели

УЈП со важно известување за корисниците на МојДДВ

Гостиварпред 3 недели

Полициски службеник и уште едно лице осомничени за продажба на кокаин во Гостивар, Тетово и Скопје

Гостиварпред 4 недели

Во Гостивар одбележани 80 години од загинувањето на борецот херој, Сретко Крстески

Гостиварпред 2 недели

Пронајдени гранати при ископ на тротоар во Гостивар

Македонијапред 4 недели

Комплетна листа на неработни денови во 2025-та година

Гостиварпред 3 недели

Пукање на улица во Гостивар, едно лице лишено од слобода

Гостиварпред 2 недели

Таравари во болницата во Гостивар промовираше инвестиции од околу 400.000 евра

Гостиварпред 4 недели

Повреден 18 годишник од Гостивар на забава во викендица во Маврово

Гостиварпред 1 месец

ПАТЕПИС: Во прегратките на Кораб – Светилиштата како вечност        

Гостиварпред 3 месеци

Одбележани 80 години од злосторот во Беличица-Почит за положените животи за слободна Македонија

Гостиварпред 4 месеци

Кинолошки спектакл во Мавровско, над 200 кучиња на Меѓународната CACIB 2024 изложба

Гостиварпред 9 месеци

Света архијерејска Василиева литургија во Гостивар со гости од Србија и чин на ракоположување

Гостиварпред 9 месеци

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 11 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 11 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 1 година

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 1 година

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

следете нѐ и на телеграм

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена