Периодов зачестена е појавата на неконтролирано палење огнови на отворено, што е голем ризик од брзо проширување и сериозна опасност. Најчесто тоа се случува по нивите на кои се чистат отпадоците, меѓи и стрништа, што е вообичаена земјоделска практика за овој период од годината. СВР Тетово апелира до земјоделците и сите останати кои се движат на отворен простор да се воздржат од палење и да бидат внимателни да не предизвикаат пожари.
„Имајќи во предвид дека огновите неретко брзо пламнуваат и се шират, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира, пред се до земјоделците да не палат огнови и потоа да заминат од местото, но и да не фрлаат опушоци или неизгаснати догорчиња додека работат на нивните ниви. Истото се однесува и на граѓаните кои поради најразлични потреби се движат низ шумите. И ним им се советува да бидат докрај внимателни, зашто доволно е само една искра да се претвори во голема огнена стихија, која потоа тешко се локализира и која може да резултира со сериозни последици по животот и имотот на голем број граѓани.“, вели полицискиот портпарол Марјан Јосифоски.
Намерното предизвикување пожар претставува кривично дело за кое е предвидена повеќегодишна затворска казна, зависно од околностите и последиците.