Живот
Белешка-Во чест на г.г. Доситеј од Маврово, првиот поглавар на МПЦ, симбол на чистота, добрина и духовна мудрост
Горе, каде што сините неба и златните сончеви зраци се спојуваат со волшебната природа, се создаваат митови и приказни кои ги раскажуваат судбините на луѓето од овие простори. Овој текст нуди поглед на животот во селата околу Мавровското езеро, каде што човекот и природата живеат во взаемна почит и соживот. Преку патешествијата на Димитар Стојкоски, роден во село Маврово, откриваме како суровите услови за живот не само што ги обликуваат судбините на луѓето, туку и создаваат една посебна врска со нивната родна земја.
Велат дека синото небо е огледало на животот и единствен сведок на нивната вечна сплотеност. Косите сончеви зраци упатени кон волшебно испегланата пајажина се знаци за живот. Слика која не може да се замисли ниту во некоја генијална имагинација, пајажината се топи, а сонцето гордо ги милува планинските води.
Токму тука се создава митот за постанокот на ова парче земја, митот за вечниот судир на водата и карпата, митот што со векови се чува и прераскажува низ вресокот на реката и ја раскажува приказната за нашинците одвеани со ветерот на сите страни на светот. Раскажува за патешествијата, страдањата и тагата, раскажува за гордите судбини на луѓето гурбетчии од овие места. Безброј судбини, а сите со ист копнеж.
Со ист копнеж, некогаш кога и да е, и по крајот на светот, да се вратат во оваа рајска убавина
Немо стојам по коjзнае кој пат пред ваквата глетка на тој вечен судир на водата и карпата, кој како да го отсликува животот во селото, каде луѓето во суровите услови за живот низ таквиот судир се борат за да ја утврдат положбата на победник и да бидат посилни и посилни заради опстанокот.
Тоа цврсто, закоравено, таа бучна и пенлива. Час го корне и подрива, час нежно го лади и милува.
Суровите услови за живот на просторите наметнале императив за прилагодување кон суровите закани за опстанок на овдешното образование. Затоа и не била непозната миграцијата која станала составен дел од нивниот маченички живот. Но тие никогаш, и покрај сите искушенија, не ги напуштиле своите огништа кои до денес чадат пребарувајќи ја надежта.
Луѓето овде се во постојана борба со природата, каде се бара дополнителна енергија да се издржи сето тоа. Во менталитетот на овие домородни жители всаден е чипот на коегзистенција со природата, оти таа е нивниот опстанок, нивното спасение, нивната иднина.
Со взаемна почит, човекот и природата направиле вистински чуда – тој ја сочувал во мера која сосема му одговара – тој ја сочувал во мера која сосема и погодува, а за возврат добил сѐ што му е потребно за опстанок, па и повеќе. Од искон па до денешно време со взаемна почит ја сочувале зацртаната релација на соживот помеѓу двете чуда на планетата Земја.
Ова е простор за само една од можните варијанти на заедништво и хармонија во живеење. Овие жители одамна ја прочитале мудроста на опстанокот, и нивното враќање на овие незаменливи простори е само прашање на време, под прекрасната Бистра како китка наредените трите села Леуново, Никифорово и Маврово околу Мавроското езеро.
Исти, но секако различни се патешествијата и судбините на нашинците разнесени низ светот со единствениот копнеж за враќање во својот крај. Токму сега, во моментот, во оваа рајска тишина ја слушам приказната што ја носи водата нежно милувајќи го каменот – како симбол на вечен опстој; за судбината на Димитар Стојкоски од село Маврово.
Роден е на 07 декември 1906 год. во село Маврово, како четврто дете по ред, од осум братчиња и сестрички, од таткото Лазар и мајката Софија, кога суровоста на животот ги оделува од родниот крај во потрага за подобар живот и опстој.
Димитар е роден непосредно пред празникот Свети Климент и семејната слава – Свети Алимпиј-Столпеник. Ваквото совпаѓање, колку и да е случајно, го следи натамошниот животен пат на Димитар, несекојдневен – бесмртен.
Младиот Димитрија израснува и е воспитан во топла домашна атмосфера, во која доминирале стремежот и љубовта кон Бога и кон се што е добро и убаво. Растел далеку од родниот крај, но неговите родители прават се што можат нивните рожби да не го заборават старото огниште. Во топлите квечерини и долгите студени зимски вечери, покрај огништето, ја раскажуваат вистинската приказна за Мавровци, македонскиот народ, за традициите, длабоката набожност, за светињите во родниот крај и за народноста и верата на дедовците.
Тогаш во душата на момчето Димитрија се раѓа силна желба и копнеж – да го види родниот крај, да го посети и да остане таму. Таква била пораката на Бога и шепотот што допирал до срцето негово. Тој шепот нашол одговорност и покорност во срцето на младиот Димитрија, во неговата душа се раѓа желба за поголеми сознанија. Белград ги подава рацете кон него, за да го прегрне и стопли младото фиданче македонско. Тука го добива основното образование и завршува гимназија.
Се зајакнува неговата желба за сознавање на Бога и Божјите тајни. Копнее младата душа за подвиг и излегува од својот топол дом, од каде се посветува и ги поставува цврстите темели на неговото подоцнежно образование, и тргнува на повикот Господов низ широкиот свет за негово сознание.
ПАТЕШЕСТВИЕТО НА Г. Г. ДОСИТЕЈ – ПАТЕКА НА СВЕТОТО ТРОЈСТВО
Вистински предизвик за еден комплексен проект за промоција на алтернативниот туризам, што произлегува од концептуалното решение на Агенцијата за промоција на туризмот, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, како и другите чинители – ЈУ Национален Парк „Маврово“, во еден заеднички спој низ делата на дедо Доситеј.
Природните реткости, раскошно распространетите убавини на поднебјето, чудесно пресликаните рајски пејсажи што ги будат чувствата кај добронамерниците, планинарите од целиот свет, се предизвик за туристичка реакција за откривање на просторот низ мноштво патеки каде домашните и странските љубители на планините посакуваат да станат дел од оваа волшебна природа макар и за миг.
Откривањето на културното, научното и црковното творештво создавано со векови е надополнување за исполнување на чувствата и душата на вљубените во природата, особено одејќи по патеките на духовното патешествие на Дедо Доситеј.
Патеката на Светото Тројство – на патешествието на Дедо Доситеј, првиот поглавар на Македонската Православна Црква и Архиепископ Охридски и Македонски, е патека дел од Западната трансферзала и ја има компаративната предност што почнува со еден дел од територијата од денешниот Национален парк Маврово, исполнет со ретки природни убавини и културно-народно творештво низ трите села Маврово, Никифорово и Леуново. Неговото духовно патешествие го има својот зародиш од родното Маврово – осознавањето го навестува преку Манастирот Свети Пантелејмон во с. Никифорово кој датира од четвртиот век, за потоа неговата духовна љубопитност да го одведе преку Леуново и планината Бистра до манастирот Свети Ѓорѓија во с. Кнежино – Кичевско. Неговото патешествие на седумнаесетгодишна возраст се заокружува во манастирот Света Богородица Пречиста – Кичевско.
Добронамерникот, одејќи по Патеката на животот на Првиот поглавар на МПЦ – Архиепископот Охридски и Македонски, посакува да го открие и духовното богатство, вткаено низ животот во бессмртните дела на Неговото Блаженство Архиепископот Доситеј. Посакав да ја осознаам душата поврзана со ликот на верникот, добар Христов пастир, кој што во текот на повеќе децении со вера, љубов и благодетни дарови служел на Божјата црква со неговата чистота, добрина и духовна мудрост.
Голема благодарност за ова мое осознавање и духовно задоволство должам на Прота Ставрофор Стојан Јанкоски и првиот секретар на МПЦ и триесет и едногодишната соработка со г.г. Доситеј. Седејќи овде во Божјиот храм Свети Никола, ги слушам блажените зборови кон Блажениот. “Да зборувам за него, за неговиот долг животен пат, свесен сум дека неможам да ги опфатам сите негови добрини, сите возвишени дела, сознанија и убавини. Не можам да го насликам во желбата, онаков каков што беше во животот: Голем во своите желби, Недостижен во своите мисли, Непоколеблив во своите дела. Како да најдам зборови да го насликам за да го почувствуваме неговото големодушно срце, од кое блика љубов и добрина.”
Тоа можеше да се почувствува само тогаш кога се наоѓавме во негова близина, покрај него, до него – до неговите бессмртни дела. Но доволно е да бидеме со него неколку мигови, за да го почувствуваме овој Божји пратеник со својата душа, да му се восхитуваме, да посакаме тие мигови никогаш да не се изменат, никогаш да не се разделиме од тој старечки ум, од изворот на љубовта кон секого и кон сè.
Посакувам да Неговото Блаженство Архиепископот Доситеј го вклопам во промислата на неговиот претходник Свети Климент Охридски, подучени од Светото писмо: “Помнете ги Вашите наставници што Ви го проповедаат словото Божјо, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подржувајте ја нивната вера.” Вака и Архиепископот Доситеј, угледувајќи се на Свети Климент и Свети Наум – охридските чудотворци и другите македонски сведители, гори како свеќа на својата возвишена и одговорна должност, работи за доброто на Црквата и на својот народ. Сите свои дела, сиот живот, телото и духот ги посветува на Бога и на својата татковина, својот сакан македонски народ, како главен инспиратор на сите нејзини активности и постигнувања.
Непоколебливоста во своите идеи за создавање на црковно-духовно творештво во животот на Г.Г. Доситеј како прв поглавар на МПЦ, со Божја промисла е исткаена и преточена во создавање на:
- Преведување на црковните книги и молитви и нивните вредности на македонски мајчин јазик за потребите на божјите храмови во Македонија;
- Формирање на средно теолошко училиште и интернат во населба Драчево – Скопје;
- Активности и богослужење по македонските храмови и на Соборните настани од 1967 година, каде Архиепископот Македонски Г.Г. Доситеј своите длабокоумни мисли ги изразува пред своите соборјани при што беседи: „Чувствувам безгранична радост што како духовен син на Македонскиот народ денес го ставам потписот врз најзначајниот документ во последниве 200 години од животот и активностите на Македонската православна црква, кога Светиот Синод ја прогласи МПЦ како природна наследничка на обновената Свети Климентова архиепископија.“
Значаен момент во активностите на Г.Г. Доситеј е и вклопувањето на теолошкиот факултет во воспитно-образовниот процес на Република Македонија;
- За векови со Божја промисла се остварува идејата за изградба на Божјиот храм Свети Климентова црква во Скопје.
Можеби правата слика за Г.Г. Доситеј ја дава првиот секретар на МПЦ – прота Стојан Јанкоски како негов близок соработник, кој вели: “Во своето раководење со МПЦ низ сите години за грешките на своите соработници ги казнувал со зборовите – ЌЕ СЕ МОЛАМ НА ГОСПОД ЗА ПРОШТЕВАЊЕ НА ВАШИТЕ ГРЕШКИ!”
Премногу сме скромни за целосно разбирање на Неговиот внатрешен духовен свет, но затоа и одговорни да ја истакнеме неговата возвишеност како прв Македонски Архиепископ и неговите големи заслуги за самостојноста на нашата духовна водилка. Постојат јубилеји, но неговиот имаме потреба посебно да го истакнеме и одбележиме на достоен начин.
ДУШКО ШАРЕВСКИ
фото/илустрација: ©Gostivarpress.mk
Лето Господово 2024
-
Гостиварпред 2 месеци
Инцидент во маркет во Гостивар
-
Македонијапред 2 месеци
Невработените со можност за бесплатни обуки и полагање за возачки дозволи за камион и автобус
-
Светпред 2 месеци
Во Словенија нови правила за странци за постојан и привремен престој
-
Гостиварпред 2 месеци
ПАТЕПИС: Во прегратките на Кораб – Светилиштата како вечност
-
Македонијапред 3 месеци
Ваучери од 250 евра за студенти за набавка на електронски уред и грантови за млади за старт на свој бизнис
-
Рецептипред 3 месеци
Домашна кремаста пилешка паштета – брз и едноставен рецепт
-
Вестипред 2 месеци
УЈП со важно известување за корисниците на МојДДВ
-
Гостиарскипред 2 месеци
Гостиварецот Деан Поповски победник во уникатното голф дерби во Белград