Поврзи се со нас

Гостивар

Димитриевски од Гостивар: Луѓето се разочарани, ова е последна шанса за промени!

Објавено

на

„Граѓаните дефинитивно живеат тешко, разочарани се, голем дел од нив и лично фрустрирани поради манифестацијата на супериорноста на власта, која сака да покаже во јавноста дека никој ништо не и‘ може, сметаат дека тие ги бираат граѓаните, а не граѓаните нив. Луѓето очекуваат нови движења кои ќе понудат нови, реално остварливи политики кои ќе ги сменат работите во државата. Ова е последна шанса во државата да се промени нешто суштински, во спротивно ние ќе заминеме, тие тоа и го сакаат за да си направат нивна приватна држава.“, порача вечерва пред гостиварци, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски на промовирањето на Здружението на граѓани од Гостивар „Движење за прогресивни промени“.

Гостиварското здружение е едно од неколкуте низ земјава кои се формираа по концептот на иницијативата „За наше Куманово“. Димитриевски најави дека ќе ги има во целата држава, а целта е тие да се спојат во политичко движење и да учествуваат на наредните парламентарни избори.

„Целта е сите овие организации на ниво на целата држава да ги фузираме во заедничко граѓанско политичко движење кое ќе учествува на следните парламентарни избори, а тоа ќе се случи во септември оваа година. Особено во Гостивар ме радува мултиетничкиот пристап на иницијативата, овде гледам припадници на многу етнички заедници и Македонци, Албанци, Турци и Роми и сите останати кои живеат тука. Ги охрабрувам да продолжат и да се приклучат на оваа иницијатива. Единствено граѓаните можат да ги земат нештата во свои раце и да ја променат црно-белата слика во државата, да станат свои на своето“, истакна Димитриевски кој на настанот упати низа критики за политиките на власта, велејќи дека младите заминуваат затоа што не сакаат да живеат во несредена држава во која има селективност и нема систем, дека државата е трансферирана во приватно акционерско друштво, дека најголемите партиски активисти се припадниците на Министерството за внатрешни работи, дека Македонија тоне во долг, се прават опструкции на неистомисленици…

„Денека живееме во држава во која она што Груевски не заврши да го присвои, го завршија овие. Денес возачите на министрите од власта се побогати од самите министри, затоа што имотот што го крадат го пишуваат на нивно име. Дополнително на тоа, 23 година по ред владее со државата еден политички субјект, кој на власт дојде со пушка во раце, се вика ДУИ“, кажа тој.

За претседател на гостиварското Здружение „Движење за прогресивни промени“ е избран Љубомир Величковски, кој во обраќањето пред присутните подвлече:

„Преку глава ни е на сите. Собрани сме вечерва во ова политичко сивило, затоа што сме ја забележале храброста и идејноста на еден човек кој се двои од клишеата на останатите политичари. Заедно со мојот иницијативен одбор гордо и достоинствено стоиме пред вас и го формираме здружението, какво што има и во други градови, со цел да придонесеме за прогресивни и искрени идеи за нашиот град и нашата држава. Сите сакаме да живееме во Македонија без корупција и криминал, со еднаков пристап до правда за сите и граѓанска еднаквост. Си го сакаме јазикот, ја почитуваме културата и историјата, сакаме да одиме напред заедно“.

На настанот во Гостивар присуствуваа и членови од граѓанските здруженија од Куманово, Тетово, Прилеп, Крушево и Кочани.

Сподели ја веста:
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена