Репортажи
Дивата сеча ги умира шумите во гостиварско – повисока свест и казни за спас
За спас на шумите и еко-системот неопходно е активно вклучување на сите општествени чинители во борбата против дивата сеча, поголема едукација на децата и младите за значењето на шумите, поттикнување почит и позитивен став кон екологијата, јавна осуда на кражбите на дрва, повисоки казни за дрвокрадците, ефективна ажурност на институциите. Ова се генерално заклучоците кои може да се извлечат од истражувањето што го направивме за проблемот со пустошењето на шумските предели, кој во гостиварскиот регион, како и во поголемиот дел од земјава, има сериозни размери.
Немилосрдно се опустошуваат големи површини шума, цвета „бизнисот“ со продажба на нелегално исечените дрва. За ваквите состојби повеќе од потребно е често да се зборува, да се крева аларм во јавноста, да се работи на подигнување на свеста – се согласија сите наши соговорници.
Александар Алексоски е командир на Шумската полиција во Гостивар од самото нејзино формирање, пред 23 години. Како добар познавач на состојбите проценува дека скоро половина од дрвата што се користат како огрев од населението на поширокото гостиварско подрачје, потекнуваат од дива сеча. Како најпогодени реони, „жешки точки“ се сметаат пределите во околината на Лакавица, Куново, Србиново, Врањовце, Митрови Крсти, Речане…Но, нема шума поштедена од нелегално сечење, вели командирот.
„Дрвото на луѓето им доаѓа како најевтина опција за огрев. Шумското стопанство и Националниот парк Маврово работат плански, нивната количина за сечење на дрвја (етат) за секоја година е предвидена и строго треба да се придржуваат на планот. Груби податоци, можам да кажам дека за Шумско тоа е околу 20 илјади кубни метри дрво, додека НП Маврово можеби нешто малку повеќе. Тоа се вкупно нешто над 40-тина кубни метри, плус некоја дрвна маса доаѓа од други региони кои имаат помалку население, како Македонски Брод, Кичево и сл. Ако се земе бројот на жители што имаат потреба од дрвна маса на подрачјево, просечно ќе се дојде до некои цифри кои се движат од 80 па и до 100 илјади кубни метри годишно. Таа дупка помеѓу етатот на јавните претпријатија и потребите се обезбедува со бесправно сечење. И таа „работа“, кражбата на дрва, станува атрактивна, профитабилна“, вели Алексоски.
Шумската полиција во Гостивар има 14 шумски полицајци и едно службено теренско возило. Обврска им е да бидат активни со патроли 24 часа, на смени, најмалку по двајца. Носат униформа, легитимации и се вооружени со пиштоли за лична заштита. За поефикасно справување со дрвокрадците, особено со организираните и поголеми групи, треба координирано делување со останатите надлежни институции, а оперативни планови за соработка не постојат, вели командирот.
„Бесправните сечи што се правеле во минатото, практично тешко може да се санираат. Тоа стана голем општествен проблем и да речам смешно е ако се очекува една служба како што е шумската полиција, која на моменти беше и слабо опремена, без возила и концепциски згрешена, дека ќе може да се справи со толку голем општествен проблем. Мислам дека државата сепак увиде дека за таа работа треба целото општество со сите ресурси да се вклучи во борба против ова општествено зло, кое зазема се‘ поголеми размери. Така, се вклучи полицијата, добија со закон овластувања да може да контролираат, одземаат, да има соработка помеѓу нас. Но, клучен момент е што нема оперативни планови за соработка, сето тоа не е регулирано со посебен правилник и така доаѓа до слободно толкување на обврските.“, вели тој продолжувајќи со образложување дека голем проблем се лоцира и во малите казни. „Порано со Законот за шуми имаше предвидено многу високи казни, од 2.000-2.500 евра и одземање на предмети и средства. За правните лица беа уште повисоки. Со новиот Закон за прекршоци кој е императивен закон од Законот за шуми, тие казни драстично се намалија. Сега највисока е 250 евра. Ваквите прекршоци може да се третираат и како прекршоци против здравје и природа, па максималната казна би била 750 евра.“
Пораката на Алексоски е општеството комплетно да се ангажира, а тоа според него почнува од воспитување на децата, тие да се едуцираат да немаат негативен став кон шумите, што за жал, вели, не е случај во нашата средина, особено во руралните.
Шумската полиција во Гостивар минатата година открила и одзела 23 кубни метри дрва, диво исечени. Одземени биле 2 товарни возила, по 4 патнички возила, запреги и самари, како и повеќе моторни пили. Поднесени биле вкупно 19 пријави за бесправно сечење шуми, од кои 11 прекршочни и 8 кривични. Од службата напоменуваат дека споредено со претходите години тоа се намалени бројки, што е резултат на ковид пандемијата.
Шумите умираат, а штетите се огромни и далекусежни
Глетките од некогаш богатите шуми на гостиварското подрачје, сега се застрашувачки, алармираат еколозите и планинарите кои најдобро ја познаваат состојбата на терен. Особено ги загрижува што се уништува зеленилото во срцата на планините. Шумите умираат, а штетите се огромни и далекусежни.
„Неконтролираната сеча е голем проблем на целиот Балкан и во Македонија и при тоа се занемарува заштитната функција на шумите за еколошката рамнотежа. Поради неконтролираната сеча се зголемува опасноста од поплави, свлекување на земјиштето, пораст на температурата, обилни дождови и невремиња кои може да ги активираат пасивните подземни води и да доведат до тектонски пореметувања и земјотреси и производството на кислород кое се намалува. На местото каде што се намалува зелениот шумски појас се повлекуваат и изворите, па се зголемува опасноста од намалување на водата. Последиците од климатските промени ќе доведат до големи негативни промени на еколошката рамнотежа на целата планета“, вели Валентина Штерјоска, еко активист од Гостивар која потенцира: „Белите дробови на Гостивар секако изумираат и со редовната сеча на дрва за огрев и дрвна индустрија, а кога ќе се додаде проблемот со еколошкиот криминал со дива сеча на дрвја состојбата е и локално и глобално поразителна.“.
Во однос на решението да се спречи дивата сеча на дрва Штерјоска вели дека решение има барем тој процес да се намали, но цени дека надлежните немаат разработено систем и сериозен пристап:
„Прво многу граѓани кога ќе се јават во полиција дека се сведоци на дива сеча во полиција им бараат да се легитимираат и потоа тие се во опасност да бидат откриени и да бидат предмет на закана од страна на дрвокрадците. Значи сакам да посочам дека пријавите треба да се анонимни на бесплатна телефонска линија за да може луѓето безбедно да пријават. Треба да се зголемат законските овласувања на шумската полиција, да има промена на законските регулативи за дрвокрадците. Треба сериозен пристап на државата кон проблемот дека пријавите за дива се завршуваат во фиоките на обвинителството или во лавиринтите на судот, бидејќи бизнисот на шумската мафија е многу исплатлив.“
Како мерки и предлози екологистката и професор во гостиварската гимназија ги дава: „Да се отвори посебен сектор во МВР за гонење на еколошки криминал, кој специјално ќе се заложи за откривање и гонење на дивата сеча. Секако, масовно пошумување, субвенции за одгледување на шуми, гасификација, многу, многу построги мерки и сериозно разработен систем од страна на надлежните институции и државата за намалување на дивата сеча на шумите и бизнисот на шумската мафија. Постојаната едукација на младата популација за еколошките вредности“.
Позитивен пример и порака за еко-свест и љубов кон природата
Гостивар дава неверојатен позитивен пример за тоа како се сака природата, планините, шумите. И над се‘ како таа висока еколошка свест и пасија, може да се пренесат на младите генерации.
Исмет Шурбан е лиценциран планинарски водич и пасиониран вљубеник во природата, кој на децата успешно им ја всадува љубовта кон планината и почитта кон животната средина. „Откако знам за себе планинарам и нема ништо поубаво, почисто и поздраво на светот од планините. Секој момент и прилика во животот ги користам да бидам во висините, со природата. Истото се трудам и успевам да им го пренесам и на новите генерации.“, вели Шурбан.
На негова иницијатива и под негово водство, група дечиња активно се вклучени во планинарење и секој викенд уживаат во нови планински предели на гостиварскиот регион. Љубовта кон природата, како и свеста за нејзина заштита и зачувување кај дечињата постојано расте. „Децата веќе се навикнаа дека не треба да го фрлаат ѓубрето во природа, каде ќе стигнат, па дури и друго ѓубре ако има, тие го собираат во ќесите. Ја засакаа природата и планините многу, знаат да се однесуваат одговорно и со почит“, посочува со гордост планинарот.
Крајно време е да се послушаат мислењата, ставовите и искуствата на сите вклучени страни, да се делува барем чекор по чекор, со надеж дека позитивните примери ќе ги има многу повеќе отколку разочарувачките, кои може да не однесат единствено во пропаст.
„Со овој текст, порталот Gostivarpress.mk се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“
-
Гостиварпред 3 месеци
Голем интерес! Гостиварци уживаа во кино под отворено небо
-
Што, како, каде?!пред 3 месеци
Професионална масажа и физиотерапија „ФИЗИО БЕТИ“ нов салон во Гостивар
-
Гостиварпред 3 месеци
Водата од водоводот во Гостивар загадена со бактерии, не е безбедна за пиење
-
Гостиварпред 3 месеци
Во ОВР Гостивар пријавена измама од адвокати за купопродажба на имот
-
Гостиварпред 3 месеци
Инцидент при работна акција за уредување на црквата „Св.Петка“ во Галате
-
Гостиварпред 2 месеци
Трагедија во Гостивар: Дете починало на фудбалски тренинг
-
Гостиварпред 1 месец
Инцидент во маркет во Гостивар
-
Гостиварпред 3 месеци
Одбележани 80 години од злосторот во Беличица-Почит за положените животи за слободна Македонија