Министерството за економија го објави Јавниот повик за субвенционирање на претпријатија за сертифицирање на ХАЛАЛ систем. Фирмите кои сакаат да го воведат овој стандард од државата може да добијат 70% од докажаните трошоци направени за оваа намена, но не повеќе од 200.000 денари поединечно.
Како што е наведено во огласот право на учество имаат сите активни претпријатија кои ги исполнуваат следните услови: работење во траење од најмалку шест месеци пред објавувањето на јавниот повик, имаат деловно седиште на територијата на Република Македонија и намирени обврски кон државата и вработените.
„Барањата за субвенционирање ќе ги разгледува Комисија формирана од министерот за економија. Изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите утврдени во Јавниот повик, ќе се прави запазувајќи го принципот “прв дојден, прв услужен“, односно по редослед на поднесување на апликацијата, до исцрпување на расположивите средства.“, стои во огласот.
Крајниот рок за аплицирање е 1 октомври 2018 година. Детали за условите и начинот на поднесување на барањата може да се најдат на веб страната на Министерството за економија.
Ова е шеста година како државата доделува субвенции за ХАЛАЛ сертификат кој означува храна, козметика, лекови и друго произведени според исламските правила. На светскиот пазар овој сертификат се смета за доказ за квалитет на одреден вид производи и услуги.