Занимливости
„Дуга“ – џиновскиот напуштен радар во близина на Чернобил
Тоа беше успешен супертаен проект на воздухопловната одбрана кој го упропасти чернобилската трагедија.
Студената војна е добропозната како период во кој тензиите помеѓу СССР и западните земји беа исклучително високи. Трката за вооружување подразбираше развој на оружје и затоа раководството на СССР сфати дека е неопходно да бидат усовршени технологиите на воздухопловната безбедност.
Се претпоставуваше дека на балистичка ракета лансирана во САД ѝ се потребни 20-30 минути да стаса до СССР. На силите за ПВО им беше потребен систем кој ја открива ракетата 2-3 минути по стартот, за да има доволно време да се преземат мерки и ракетата да биде пресретната. Кон средината на шеесеттите години од минатиот век конструкторот Владислав Репин и академикот Александар Минц предложија систем на ракетни радари во три нивоа. Првото ниво се сателити кои го откриваат пламенот на ракетата во инфрацрвен спектар. Второто се „задхоризонтните“ радари (со дострел зад линијата на хоризонтот) кои користат радиобранови за откривање на пламенот, и третото се копнените радари кои ја детектираат ракетата кога таа ќе се приближи на советската територија. Со помош на овие три нивоа опасноста од „лажна тревога“, односно од погрешни реакции на системот е сведена на минимум, но е зголемена одговорноста на човековиот фактор во случај на евентуални погрешни одлуки.
Проблемот се појави во второто ниво. Физичарите не поседуваа технологија со чија помош би можеле да направат задхоризонтен радар. Истражувачите на чело со инженерот Франц Кузмински применија метод за рано откривање на авиони кој во 1946 година го откри научникот Николај Кабанов. Тој функционираше и во јоносферата, горниот слој на атмосферата, на висина од 60 до 1.000 километри, кој содржи многу слободни електрони поради таканареченото космичко зрачење. Излезе дека јоносферата на околу 300 километри височина ги одбива радиобрановите, што им овозможува да патуваат околу земјата. Методот на Кабанов изгледаше вака: изворот испраќа радиобран, тој го лоцира авионот на растојание од 900 до 4.000 километри, се одбива од него и се враќа на антената која го прима сигналот, го анализира и ја определува големината, брзината и насоката на летачкиот објект. Овој метод може да служи и за откривање ракети зашто радиобрановите ја одржуваат плазмата на издувните гасови на ракетниот мотор, а не авионот.
Овој метод требаше дополнително да биде истражен, па затоа во шеесеттите години од минатиот век на територијата на Украинската СССР на подрачјето на градот Николаево (480 километри југоисточно од Киев) започна да се гради првата експериментална задхоризонтна радарска станица. Проектот го доби називот „Дуга“. Излезе дека станицата ќе биде огромна. Нејзината антена за прием беше висока 135, а долга 300 метри, додека предавателот беше висок 85 и долг 210 метри. Покрај оваа антена подигната е и зграда долга 90 метри со огромен примопредавател на приземјето и на првиот кат. Правењето вакви примопредаватели беше мошне ризично и тешко. Работниците на механички погон во Днепропетровск (денес Днепар, 400 километри југоисточно од Киев) не можеа самите да ја завршат оваа работа, па затоа Кузмински формираше дополнителни екипи стручњаци кои дојдоа на помош. По завршувањето на изградбата на стручњаците им беше потребна една година да ја нагодат „Дуга“ за да може коректно да ги препознава целите. Системот беше пуштен во работа на 7 ноември 1971 година.
Тестирањето беше успешно и затоа Франц Кузмински предложи да се направат уште два системи „Дуга“ во воени населби на различни страни на СССР. Изградбата започна во текот на седумдесеттите години од минатиот век. Првиот ваков радар почна да функционира во борбен режим во 1982 година на територијата на рускиот Далечен исток, на подрачјето на Комсомољск на Амур (6.070 километри југоисточно од Москва), а вториот проработе подоцна во Украинската СССР на подрачјето на градот Чернобил (90 километри северозападно од Киев). Благодарение на ваквата положба на станиците на минимум беше сведено влијанието на поларната капа во јоносферата. Оваа капа го спречува движењето на радиобрановите и кога таа ја заслепува едната страна на земјата на другата сигналот ќе биде идеален.
Двата нови системи беа значително поголеми од првиот во Николаев. Главниот радар во Чернобил беше составен од два антенски блока за прием: поголем кој беше висок 140 и долг 900 метри, и помал со висина од 90 и должина од 500 метри. Кај Чернигов беше направен примопредавател долг 300 метри, така што растојанието помеѓу двата дела на овој систем изнесуваше околу 80 километри. Не беше лесно да се направи чернобилската „Дуга“. За изградба на приемникот требаше да се обезбедат илјадници тони мошне цврсти цевки за конструкцијата, и тоа среде големата немаштија. Покрај тоа, на нив имаше специјални емитери направени во облик на издолжени корпи. Овие емитери требаше да бидат премачкани со цинк за да не зарѓаат.
Проектот „Дуга“ се држеше во строга тајност и поради тоа речиси никој не знаеше од каде потекнуваат тие звуци. Сергеј Бабаков, историчар во Чернобилскиот музеј во Киев, пишува дека дури ни некои советски офицери немале претстава зошто е направен овој комплекс, а некои сметаа дека тоа е оружје за уништување на непријателот со помош на електричен импулс. Радарот испраќаше импулси отприлика десет пати во секунда, а од 1976 година (кога и двата комплекси функционираа во пробен режим) многу земји почнаа да го фаќаат овој радиосигнал. Набргу беше установено дека изворот на сигналот се наоѓа во СССР. „Дуга“ го доби прекарот „Руски клукајдрвец“. Ниту еден од познатите методи не помогна етерот да се заштити од специфичниот шум зашто радарот понекогаш ја менуваше фреквенцијата и тонот што им одеше на нерви на луѓето, па затоа некои земји како што се Норвешка, Шведска, Швајцарија и други изразија протест кон СССР поради кршењето на Меѓународниот план за распределба на радиофреквенциите.
Специфичните звуци на „Дуга“ на радиобранови:
Советската власт одлучи и понатаму да го држи проектот во тајност и во програмата за модернизација на „Дуга“ само го додаде отстранувањето на шумот. Оваа програма подразбираше и технологии кои овозможуваат уште подобро да се избегне поларната капа во јоносферата и подобри методи за откривање ракети, а исто така и усовршување на други детали. Меѓутоа, на 26 април 1986 година дојде до чернобилската катастрофа, кога експлодираше реакторот број 4 во локалната нуклеарна електрана. „Дуга“ се наоѓаше на само 10 километри од електраната. Во неа, секако, сè беше на своето место, но гамата зрачење го оневозможи нејзиното понатамошно функционирање. Воената населба околу „Дуга“ беше евакуирана, но целиот персонал остана таму во специјална подземна просторија сè до 1987 година, додека не беше изнесена целата опрема. Ништо не беше оштетено зашто опремата се чуваше во зона заштитена од нуклеарно зрачење.
Техниката беше пренесена во Комсомољск на Амур, но „Дуга“ и понатаму ја следеа малери. Имено, поради новите идеи поврзани за ПВО, понатамошниот развој на овој проект беше прекинат во 1988 година, за во текот на деведесеттите години од минатиот век на рускиот Далечен исток да изгоре во пожар. Така завршува приказната за „Дуга“.
Комплексот во Комсомољск на Амур беше демонтиран во 1998 година, а во 1995 година експерименталната радарска станица во Николаев престана да работи, за во 2001 година да биде уништена. Чернобилската „Дуга“ сè уште стои на своето место благодарение на близината на Чернобил и на зоната на отуѓување. Овој џиновски и навистина необичен објект го привлекува вниманието на „сталкерите“ (така се нарекуваат илегалните туристи во Чернобилската зона на отуѓување), и покрај тоа што тука демне смртоносна опасност со оглед на тоа што цевките се мошне зарѓани. Од друга страна, овој комплекс е последниот кој е зачуван и во извесна смисла претставува споменик на противвоздушната одбрана на доцниот СССР.
Извор: Russia Beyond
-
Гостиварпред 3 месеци
Стани успешен техничар за е-трговија, дигитален маркетинг и угостителство, сметководител, банкар, правник – запиши се во СЕОУ Гостивар
-
Видео емисиипред 3 месеци
Гледајте денес – Видео интервју со д-р Стојо Бошкоски
-
Гостиварпред 3 месеци
Гостиварецот Гоце Димовски нов директор на Дирекцијата за ТИРЗ
-
Гостиварпред 1 месец
Преполно инфективното одделение во Гостивар, труењата со храна зачестени
-
Гостиварпред 3 месеци
MINT fintech group и во Гостивар: Менувачница, Осигурување, Инвестициски решенија, Дигитални плаќања, Кредити..
-
Гостиварпред 2 месеци
Жител на Добридол измамен за 2700 денари на пазар во Тетово
-
Рецептипред 2 месеци
Наједноставниот рецепт за плескавици од тиквички е сѐ што ви треба во овие топли денови за супер брз ручек и совршен вкус!
-
Гостиварпред 3 месеци
Долга традиција на незаменлив вкус, „Ла Шишко“ со нов локал во Гостивар