Министерството за образование и наука, вчера информираше дека течат тестирањата, на единствената Национална платформа преку којашто ќе се одвива наставата од далечина од први октомври годинава.
„Тестирањето е дел од постапката за постигнување на целосна функционалност на платформата, и во тест фазата се детектираат и надминуваат сите предизвици. Со цел да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година тестирањата продолжуваат и во наредните денови.“, соопшти МОН.
Исто така, Министерството за образование и наука информира дека во моментов се прават сите подготовки, тестирања и оптимизации на платформата.
Пробните часови коишто вчера требаше да се одржат, за поголемиот дел од учениците не поминаа успешно. Платформата „падна“, а децата и наставниците не успејаа да видат какво ќе биде искуството со онлајн наставата. Надлежните најавија дека обиди за организирање пробни часови ќе има и во текот на денешиот ден.
Организацијата на средношколци „Средношколски глас“ реагирае дека платформата не е функционална. „Националната платформа за учење на далечина не функционира, учениците во речиси сите основни и средни училишта добија насоки да се најават на платформата на 28.09.2020, но платформата кај повеќето ученици воошто не функционира, а во текот на утрешниот ден треба да се одржат првите пробни часови на платформата. Како ќе успеат првите пробни часови кога платформата воопшто не е функционално кај повеќето ученици. На официјалната страница за платформата исто така покажува дека има и мобилна верзија, но во теорија мобилната верзија не е воопшто функционална. Ние средношколците сме незадоволни од непристапноста и нефункционалноста на платформата. Образованието е право, а не привилегија и поради таа причина треба да биде достапна и функционална како и на компјутер така и на мобилните телефони. Се надеваме дека министерството ќе ја корегира нефункционалноста и недостапноста на оваа платформа.“, наведоа во својата реакција.