Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!



  • Дата: 21/08/2017 | 10:50

ЕДЕН ДЕН СО: Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово

„Животот не се мери со секунди и минути, туку според делата“

Кои се вашите утрински ритуали и навики?

Работните, но и сите други утра години на ред, најмалку деценија-две, ми започнуваат стандардно-ритуално,со личносварено кафе ( ееее море пусто турско, пет века не се шега…. ),со „деци“ минерална вода  или студен сок и со постојано, скришум под трепавици, погледнување кон големиот часовник на sидот спроти масата на која седам, зашто секоја минута во периодот од 6 до 7 часот ми е исклучително битна и поради тоа  филигрански прецизно тежнеам да ја искористам максимално рационално. А, зошто ми е тоа толку битно, бидејќи толку време вкупно имам на располагање, „од темел до покрив“ да се подготвам за заминување на работа. Во таа постојана брзаница или како што некои модерно демек знаат кажат, во тој тајминг, јас треба комплетно да се средам и „аудио и видео“ и пред да исчекорам од прагот кон скалите за надолу,  да бидам потаман „пакет“ адекватен за работниот, односно професионалниот ден што ми претстои. Зашто, природата на мојата професија секојдневно, без исклучоци, бара стопостотна пристојност во секој поглед, мисловна и емоционална урамнотеженост во секој миг и минерска концентрација и смиреност. И пред се и над се – професионално „исправена кичма“, односно хабитус.

Други ритуали и навики барем засега немам, освен што обично од дома нанапред исчекорувам со десна нога ( апсолутно НЕ како политички манир, туку најверојатно како дел од македонскиот архаизам и автентичен фолклор, можеби донесен од мавровско)

Како и со какви обврски ви поминува работниот дел од денот?

Со бројни и со различни по природа и карактер. Од првото утринско електронско или телефонско запознавање со најкарактеристичните безбедносни појави и настани, регистрирани на подрачјето во изминатите 24 часа, преку изготвување на вообичаениот пресек ( извадок ) на тие настани и потоа како обликувани соопштенија или информаци нивно пласирање кон медиумите, до подготвување и давање изјави, учество во директни радио или тв-емисии, организирање на пресс-конференции, промовирање на превентивни или други активности и слично.Моето ингерентно подрачје како портпарол на СВР Тетово, патем да нагласам, е просторно и демографски мошне големо, со огромна флуктуација на луѓе и стоки и со ситен и сериозен криминал од различни сорти и видови, а кој повеќе или помалку се случува, односно провлекува секојдневно. Сето тоа мора добро да се апсолвира, едно по едно да помине низ глава, да се исфилтрира низ моето професионално „сито и решето“ и како„ сув дестилат“ на крајот да се „пушти“ во етерот, фигуративно речено. Во тој контекст, простор дури и за најситни грешки едноставно нема, враќање назад во стилот „пу, пу не важи“ нема, па затоа одговорноста е до небо голема. Зашто, проблематиката на која работам е пресериозна и тука нема место за импровизации, за ефтини „крпеници“ и за – извини згрешив, утре нема да се повтори веќе.

Со што го исполнувате слободното време?

Најмногу и најчесто со утрински или вечерни прошетки по кејот на Вардар, зависно од денот, троа да го „одморам умот“, оти и тој се трошел, велат старите. Доста гледам телевизија, претежно спортски настани и се помалку вести, кои неретко знаат до дно да ми го надразнат желудникот и потоа долго да чувствувам мачнина со нагон за повраќање, претежно предизвикан од некој претходно слушнат или виден  „квази интелектуелен,смрдливо- гангренозен трулеж, пласиран од „големите“ ,„ѓоамити“ истражувачки новинари. Понекогаш  во друштво со синот знам да одморам уши со по некој стар рок хит или целосно да им се препуштам на величенствените метафори на корифејот на македонската поезија Радован Павловски, да испијам макијато со луѓето кои искрено ми значат и кои ги почитувам, да „тркнам“ до родното Ниќифорово и таму да „наполнам батерии“ додека шетам низ високите, столетни буки…

Гостивар ве знае по долгогодишната новинарска кариера, а актуелно сте полициски портпарол. Каде повеќе се пронаоѓате и зошто?  

Тешко прашање. Би бил ептен стереотипен кога би одговорил издвоено или дедуктивно. Она што е заеднички иментител е дека и како новинар и сега како портпарол моја „икона“ била и ќе остане чесноста како основен постулат на мојата личност и карактер, одговорноста и совесноста во тоа што го работев и работам и желбата да бидам поразличен од другите, да бидам свој. Никогаш не сум копирал никого, но умешно, на себе својствен начин сум знаел да препознаам вистинска вредност, па дури и модифицирана со ЈАС во неа, да создадам нова креатура која на „прва“ ќе остави впечаток. Сепак, ако би морал да одлучам – срцето и натаму посилно ми чука, ми пулсира во новинарството каде, покрај другото, далеку е побогат изразот, посилен предизвикот и каде најнепосредно  имаш можност да покажеш и докажеш колку си го научил занаетот, општествено да влијаеш, да иницираш и финализираш процеси. Јас лично преферирам побогат израз, што секогаш не е можно во портпаролскиот вокабулар, каде еден и еден се два и каде е тесна рамката за апозиции и повеќе од две-запирки.

Никогаш не би простиле за…

За нечесност и лицемерие.За „продавање“ на блиските по род и убедување, само и само материјално да се профитира. За гнасни лаги и за груби навреди, изречени без повод и причина. За лесно изневерени очекувања кои со душа сте ги очекувале, а некој или некои, безсрамно, за џабе ги упропастиле и „мува не ги лази“, а камо ли „студени морници“. Гниди на времето сегашно, кои за жал се намножија до немајкаде и назад.

Кое е вашето животно мото?

Имам повеќе, но за оваа прилика ќе ги издвојам:

-Не прави што сакаш, туку секогаш сакај го тоа што го правиш.

-Ако некој ти каже дека си коњ, удри му шамар. Но, ако десетина ти го кажат истото, купи си самар.

Еве уште едно – Само погледни во огледалото и ќе се видиш самиот и светот околу тебе. Всушност, светот е големо животно огледало во кое ќе видиш и грди и убави. И мазни и рапави. А, животот, животот е  миг „фатен“ во галиматијасот на вчера, денес и утре и треба да се живее. И тој – животот, додека трае и долго потоа до незаборав, НЕ СЕ МЕРИ СО МИНУТИ И СЕКУНДИ, ТУКУ СПОРЕД ДЕЛАТА.