Поврзи се со нас

Живот

Фасцинантна животна приказна за патот до успехот – Небојша Петревски, фотограф

Објавено

на

Животот е борба – дури и кога го живееш својот сон!

Првичната идеја ни беше да направиме интервју со Небојша Петревски како успешен млад фотограф, за неговите почетоци, развој, љубов и посветеност кон фотографијата. Но, при првиот муабет и договарање се сложивме дека во неговата приказна има нешто повеќе. Тоа ни оддалеку не е обична животна сторија. Повеќе наликува на книга или на филм. Исполнета со предизвици, разни препреки, моменти на голема среќа и големи разочарувања, падови и воздигнувања. Додека ни зборуваше за своите премрежја, добивавме впечаток дека пред нас се наоѓа некој човек, со најмалку 60 години живот зад себе.

А, Нено (како што го знаат повеќето гостиварци) има само 28 години. Веќе е сопруг и татко на две деца. Има свој бизнис, успешно работи и планира да го развива уште повеќе. До тука, па и може да се помисли дека ова, сепак, е вообичаена приказна со некои интересни елементи. Но, што кога ќе споделаме со вас дека овој млад човек, првото работно искуство го имал кога бил седмо одделение… дека како средношколец менаџирал кафуле, работел во обложувалница, па неколку години ја водел, дека создал семејство на возраст од 21 година, дека се соочил со сериозен здравствен проблем на најмилите, дека имал обиди (помалку и повеќе успешни) во неколку бизниси, дека првиот фотоапарат го купил на кредит, а кога му го украле заедно со целата друга опрема, пак подигнал кредит и купил нови…:) Да, така и ние помисливме: Овој човек за неполни триесет години живот има што да каже и раскаже. Благодарнни сме што ја отвори душата пред нас, без проблем, без предрасуди, без шминка, само со порака: „Во животот треба да се гледа само напред! Ако имаш желба за некоја работа, биди вреден, труди се, посвети се и не ги слушај коментарите наоколу. Ќе успееш!“.

Први работни искуства

Иако потекнува од познато гостиварско семејство, Небојша немал секогаш лесен живот. По болеста, па смртта на дедо му, кога тој бил мало дете, семејството западнало во финансиска криза. Тоа го натерало да започне да работи во кафуле, како келнер. Имал само 13 години и одел во седмо одделение. По завршување на часовите, се посветувал на работата. И заработувал. Да помага дома, а и за себе. Како средношколец заедно со двајца свои другари, се зафатил да менаџира угостителски објект, кој извесно време успешно функционирал. Во меѓувреме, неговото семејство се обидело со неколку бизниси: локалот, добро познат меѓу гостиварци  – Калигула, потоа изнајмување на веспи, па на крај отвориле Тобако. Небојша бил вклучен во секоја работа, а се трудел да се ангажира и дополнително. „Ми се чини нема работа што не сум ја работел. И градежништво…и чистење…и товарење дрва. Не се срамам од чесна работа“, вели тој.

Духовен животен пресврт

„Кога го завршив средното економско училиште, се вработив во обложувалница. Во тој период започнав многу да читам. Најчесто биографски книги на успешни личности, мотивациски дела и книги коишто инспирираат. Во тоа време, не бев начисто со себе. Не знаев што сакам да бидам, која е мојата цел во животот. И токму читајќи ги тие книги, сфатив дека мора да си поставам цел, ако сакам да успеам“, раскажува Небојша.

Семеен предизвик

Најголемиот дел од младите, во денешно време, не помислуваат на брак во своите рани дваесетти години. Нено „рипнал во тавче“ на 21 година. Со неговата сопруга Катерина имаат две ќерки, Ива и Ангела. Борбениот дух на главниот лик во нашата приказна и овде се истакнува. Семејството се соочило со сериозна здравствена состојба, но позитивниот пристап е веќе сраснат со неговата личност: „Никогаш не ме напушти мислата дека се` ќе биде во ред. Кога дознавме за компликациите, поминавме тежок период, ама сфатив дека секој ден е нова борба. Среќен сум што сега можам да кажам дека моето семејство и моите деца имаат еден нормален живот“.

Првата ќерка, Нено ја добил на 22 години. Некоја година подоцна, започнал да се интересира за фотографијата.

Прва и последна љубов на професионален план

„По природа сум авантурист, многу сакам да патувам, да откривам и запознавам нови простори. Така, шетајќи некогаш , сфаќав дека не можам да ги споделам моите доживувања со најблиските, па за да го направам тоа, си купив фото апарат. Паметам дека подигнав кредит за да го купам. Без никаква намера да се занимавам професионално со тоа. За да научам подобро да фотографирам се запишав на курс за фото во Скопје. Брзо учам, љубопитен сум и лесно се вклопувам во нови средини и со нови предизвици. На курсот добив желба и ми се роди љубов кон уметничката фотографија. Но, за жал, подоцна по укажување на многу мои блиски, увидов дека тоа не е исплатливо на нашите простори. Полека, полека се преориентирав кон комерцијално фото. Тука, има една случка која ме врати на почеток… од финансиска гледна точка: со поголемата ќерка бевме во Скопје и требаше да правиме некоја наменска фотосесија, сето тоа заврши и кога се вративме во Гостивар видов дека целата опрема, фото апаратот и се` друго ми беше украдено од автомобилот. Фактички, загубив се` што имав и се прашував што и како понатаму. Си реков мора да терам, нема застанување.

Подигнав нов кредит, вложив во нова опрема. И ми се исплати. Ме ангажираа за сликање на Балиндолска вечер, па за крштевка, за свадба, па за друга семејна веселба, за презентации на фирми, објекти во градба..се редеа ангажмани и се` уште ги има и тоа се` повеќе. Како што растеше побарувачката, така ја надополнував опремата, со камера, па со дрон. Ја направив првата панорама на Гостивар со дрон, снимката доживеа 100 илјади прегледи, веројатно им беше интересно затоа што до тогаш никој го немаше видено градот така, од воздух.“, ни откри Небојша за почетоците на неговата популарност во светот на фотографијата и видео продукцијата.

Фото и видео продукција на стабилни нозе

Денес, Нено веќе може да се пофали со своја фото и видео продукција, која стои на стабилно тло и пред која престојат нови патеки за освојување. За година и пол, има сработено реализирано над 160 семејни веселби, свадби, крштевки, родендени, преку 300 снимања со дрон, десетина реклами… Посебно интересно е учеството во создавање на документарниот филм на турската национална телевизија, преку кој проект го прошетал целиот Балкан. „Документарецот „Скриен Балкан“ се однесува на откривање на убавините на балканските земји. Бевме низ цела Македонија, во Србија, Грција, Бугарија, Босна, Косово. Целта на турската национална телевизија беше да  го претстави пред публиката во Турција овој дел од светот, особено оние места и градби коишто се останати од старо турско време“, вели Небојша.
И кога нема ангажмани, тој е секогаш активен. Не ги испушта фотоапаратот и камерата од раце. Постојано е актуелен, а за промоција на она што го создава ги користи социјалните мрежи: „Мора да кажам дека преку Фејсбук направив голема реклама. Така, луѓето можат да ме запознаат и да ја видат мојата работа. Речиси секојдневно ставам нови слики и снимки, од нашиот град, од Маврово, Охрид и од сите други места кадешто патувам. Народот тоа го цени и не го крие воодушевувањето“

Работниот календар за налето веќе му е полн со ангажмани за редовните настани. Во план има и снимање на филм, два документарци и оригинален проект за убавините на Македонија. Како што расте обемот на работа, Небојша околу себе ја шири соработката и во својата продукција вклучува и други луѓе. „Она кон кое се стремам е еден ден да имам огромна продукциска куќа и верувам дека желбата за овој сериозен проект ќе ми се исполни“.

При крај на раскажувањето на животната приказна на Небојша Петревски, сигурни сме дека ја чепнавме суштината, но уште многу нешта останаа недокажани, недопишани затоа што се работи за исклучителна личност и живот богат со секакви искуства кои е навистина тешко да се вметнат во рамки на пишаното.

Ќе завршиме со неговите зборови: „Останувам верен на фотоапаратот и камерата. Останувам верен на Гостивар и Македонија. Ги сакам мојот град и мојата земја и сметам дека младите не треба да бегаат надвор од границите, туку да вложат повеќе труд, да работат посветено и да ја градат својата иднина во родното место“.

 

 

Љупка Антеска

Сподели ја веста:

Маркетинг

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

Гостиварпред 1 час

Градинките во Гостивар се вклучија во Неделата на имунизација-Повисока свест за важноста на вакцините

Македонијапред 2 часа

Синдикатите на Првомајски протест- „Ние работниците“

Македонијапред 3 часа

Минималните трошоци на семејство во април 60.212 денари, скокнале за 20 евра за еден месец

Гостиварпред 4 часа

Лишен од слобода гостиварец за фотографирање на гласачкото ливче

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 5 часа

Како гласаше Гостивар во првиот круг на седмите претседателски избори?

Гостиварпред 5 часа

Повеќечасовно минирање кај гостиварска Бањица денес

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 6 часа

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова 362.682 (40,08%), Стево Пендаровски 180.306 (19,93%)

Здравје и убавинапред 7 часа

11 намирници за подобра циркулација

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 18 часа

Резултати за Врапчиште со обработени 92% од избирачките места

Гостиварпред 1 месец

Света архијерејска Василиева литургија во Гостивар со гости од Србија и чин на ракоположување

Гостиварпред 1 месец

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 3 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 4 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 5 месеци

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 5 месеци

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

Гостиварпред 8 месеци

Стефановски: Гостивар одличен како домаќин и публика, благодариме од срце!

Спортпред 8 месеци

ФК Гостивар загуби на домашен терен од Силекс 1-2

Гостиварпред 9 месеци

Осветена црквата „Св.Климент Охридски“ во Пожаране: Да го чуваме православието, секој храм е парче небо на земјата!

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена