Македонија
Гоце Делчев е наше минато и стварност, а неговото дело е синонимно поврзано со нашата татковина
Гоце Делчев е интимно вткаен во нашата душевност и нација и неговото дело е синонимно поврзано со нашата татковина. Гоце Делчев е наше минато и наша стварност, а наша завет е да ја реоткриеме вечната духовност. Ова беше порачано на отворањето на научниот симпозиум „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, што денеска и утре се одржува во организација на Институтот за национална историја – Скопје.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Никола Јанкуловски, на отворањето на дводневниот научен собир порача дека Делчев е интимно вткаен во нашата душевност, во битот на нашата нација, заради што треба и на ваков начин, со суштински научни согледби да му се поклониме.
– Должни сме, но не само пред Делчев и историјата, туку и пред нацијата во чиј што код се вградени неговите мисла, идеја и дело, и пред времето идно. Овој собир им го должиме и на потомците имајќи предвид дека делото на Делчев е синонимно поврзано со нашата татковина, а таа не е во наша трајна сопственост и веќе им припаѓа на поколенијата што доаѓаат по нас. Всушност, нашата научна посветеност и поклонението пред гоцевото дело е траен генерациски завет, изјави Јанкуловски.
Гоцевото разбирање на светот како поле за културен натпревар помеѓу народите, според Јанкуловски, ја отсликува неговата непобитна врска со учителството и нераскинливиот спој со револуционерната идеја, изразена преку водењето на своите чеда кон патот на слободата и изборување на рамноправност со другите народи.
– Гоце Делчев не е само клучна личност од нашата историја, туку и дел од нашиот бит, присутен во сите сфери на нашето катадневие. Обемната научна програма опфаќа 40 реферати на еминентни професори и научници, можам да изразам увереност дека во претстојните два дена ќе бидат засегнати и поставени мноштво прашања со кои ќе се реконстурира вечно неистражената историска величнина на Гоце Делчев, изјави Јанкуловски.
Наша завет, нагласи ректорот на УКИМ, е преку научната спознајност на остриот интензитет што Гоце генерациски го предизвикува во нас да ја реоткриеме вечната духовност, бидејќи како што рече, Гоце е нашиот бит, наше минато и наша стварност.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Љупчо Коцарев, рече дека кај нас музата на историјата има многу непријатели, најмногу меѓу историчарите и политичарите, и на 150 годишниот јубилеј посака да се обединиме околу градењето достоинствена иднина во која македонизмот ќе биде нашето битисување, а Гоце Делчев нашиот водач.
Македонизмот, според Коцарев, подразбира две работи – автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет и дека македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците коишто живеат во државата Македонија, но и оние во соседните земји, вклучително и Бугарија и Грција.
– Сегашниот однос на дел од политичарите, па дури и на историчарите спрема македонизмот предизвика вознемиреност затоа што таквиот однос ја исклучува иднината од минатото, ставајќи ја таквата иднина надвор од историската сензибилност… Македонија се наоѓа во противречна и конфузна положба денеска. За европската иднина за нас, треба да замислиме иднина без нас, изјави Коцарев.
На шесте работни сесии, што ќе се реализираат денеска и утре во Музејот на македонската борба и во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ свои реферати ќе презентираат 46 еминентни професори и научници од земјава, а ќе биде промовирана и поштенска марка посветена на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, отпечатена во шест илјади примероци, како и изложба „Портрети на Гоце Делчев“ составена од 12 портрети од Делчев изработени од академскиот сликар Ангел Петров.
-
Гостиварпред 3 месеци
Голем интерес! Гостиварци уживаа во кино под отворено небо
-
Што, како, каде?!пред 3 месеци
Професионална масажа и физиотерапија „ФИЗИО БЕТИ“ нов салон во Гостивар
-
Гостиварпред 3 месеци
Водата од водоводот во Гостивар загадена со бактерии, не е безбедна за пиење
-
Гостиварпред 3 месеци
Во ОВР Гостивар пријавена измама од адвокати за купопродажба на имот
-
Гостиварпред 3 месеци
Инцидент при работна акција за уредување на црквата „Св.Петка“ во Галате
-
Гостиварпред 2 месеци
Трагедија во Гостивар: Дете починало на фудбалски тренинг
-
Гостиварпред 1 месец
Инцидент во маркет во Гостивар
-
Гостиварпред 3 месеци
Одбележани 80 години од злосторот во Беличица-Почит за положените животи за слободна Македонија