Трет ден со прес конференции на директорите на гостиварски училишта кои реагираат дека општината не се грижи доволно за образовните институции и бараат поголема соработка. Директорот на средното медицинско училиште, Агрон Алили излезе со изјава дека на неколку дена пред почетокот на новата учебна година училиштето нема струја и апелираше општината да го подмири долгот.
„Ние како училиште, а и дел од другите училишта сме исклучени од електрична енергија повеќе од два месеци. Мислам дека не е во ред да ја започнеме новата учебна година без струја. Се надевам дека општината ќе има разбирање и до крајот на оваа недела овој проблем ќе се надмине, за да може наставата да се одвива непречено. Исто така, се` уште не сме ги добиле согласностите кои општината треба да ни ги даде за вработување на кадарот што е на определено време. Се работи за дваесетина професори, сите тие треба да ги обноват договорите, а за да ги обноват ќе треба општината да даде согласности. Од кога на градоначалникот му беа одземени ингеренциите до денес, медицинско нема добиено ниедна согласност за вработување. Мислиме дека тоа има полиитчка позадина и дека намерно ни се прават такви опструкции за да имаме пореметување во наставниот процес.“, рече Алили.
На обвинувањата на директорите, од општината претходно одговорија дека учебната година ќе започне без проблеми и дека процедурите за согласностите за вработување се во тек. Градоначалникот Арбен Таравари изјави дека општината платила 20 илјади евра долгови за струја на училиштата.