Интервју
Интервју: Киро Кипроски – новинар, хроничар, публицист
Во пресрет на промоцијата на најновото дело на гостиварецот Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство, хроничар и публицист направивме интервју во кое откриваме малку повеќе за новата книга„Сага за македонските воени пилоти“, но и за неговата новинарска кариера, ставовите околу состојбата со новинарството некогаш и денес и друго.
Половина век посветен на пишувањето
Неодамна излезе од печат вашата нова книга и делото деновиве ќе биде промовирано пред јавноста и читателите. Кажете ни малку повеќе што содржи книгата, за какво издание станува збор?
Киро Кипроски: Есента со мојот драг повеќедецениски пријател Ставре Џиков, заедно со колегите, раководството на весникот „Нова Македонија“ Ратко С.Атанасовски, главниот и одговорен уредник и неговиот заменик Александар Димковски и Марјан Белевски, бевме на еднодневен прстој во Долно-реканскиот кај, а прошетката ја крунисавме со посета на Бигорскиот манастир и на „Куќата на Мијаците“. На оваа средба Џиков ми предложи заедно да напишиме книга посветена на 25 годишнината од фомирањето на Военото воздухопловство и протвивоздушната одбрана на Република Македонија. Тоа беше начелниот договор, а по неколку месеци на 19 јануари (Водици) Џиков телефонски ми се јави и конкретно се договоривме да почнеме да ја пишуваме книгата и од печат да излезе неколку денови пред 10 јуни 2017 година, ден што Военото воздухопловство и протвивоздушната одбрана го прославува како роденден.
Во книгата „Сага за македонските воени пилоти“ за првпат објавуваме интересни настани, фотографии, факсимили, разговори, интервјуја, биографии, репортажи и сл. Во оваа прилика ќе наведам само неколку; како членовите на аеро клубовите од Скопје и Куманово, во потполна тајност расклопија и сокрија авиони, едрилици и падобрани од ЈНА, пилотите во одбрана на татковината, за развојот на авијацијата, за учеството на македонските воздухоплови во меѓународните мисии на мирот итн. Потоа, пишуваме и за тоа, зошто, 10 јуни 1992 е прогласен за Ден на Военото воздухопловство и протвивоздушна одбрана на РМ. Одговорот е: на овој ден воените пилоти Дане Илијевски и Александар Манев, од скопскиот аеродром го имаа првиот официјален лет со авион со македонско знаме и македонски ознаки. Во книгата поместуваме уште многу интересни четива за настани за кои досега не е пишувано.
Каков беше текот, процесот на создавањето на книгата и пишувањето?
Киро Кипроски: Активно работевме четири месеци. За овој период разговаравме со многу живи сведоци кои непосредно учествувале во создавањето на македонското воено-воздухопловство, со проф-д-р Трајан Гоцевски, првиот министер за одбрана на Република Македонија, со генералниот секретар на ВСМ, со пилоти, воени старешени кои биле на високи функции во АРМ итн. Ова за нас беше непозната тема, но со сериозниот пристап и со помош на нашите соговорници успеавме на одбележувањето на 25 годишнината од формирањето на ВВ и ПВО на Република Македонија да дадеме голем придонес. И не само тоа, од заборав отргнавме многу значајни настани.
Што е предвидено за самата промоција, кој ќе се обраќа и каква ќе биде програмата?
Киро Кипроски: Организатори на промоцијата се Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Издавачката куќа „Антолог“- Скопје. Рецензентите на книгата проф.д-р Михајло Миноски, проф. д-р Александар Стојчев и проф. д-р Трајан Гоцевски ќе бидат и промотори, а програмата ќе ја води Ленче Смилевска.
Кратки музички интермеца ќе приредат ученици од Средното музичко училиште „Илија Николовски- Луј“ од Скопје. Исто така, ќе биде отворена Изложба на фотографии и макети на воздухоплови од макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски- Микс“ од Скопје, како и Изложба на воени униформи од воздухопловството. Промоцијата ќе се одржи на 9 јуни (петок) во 20 часот во просториите на Музејот на македонската борба за државност и самостојност во Скопје.
Вие сте доајен на македонското новинарство кој пишувал и следел секаков тип на настани во различни општествени периоди. Активен сте и по пензионирањето. Ако треба да направите споредба меѓу новинарството некогаш и новинарството денес, кој ќе биде вашиот коментар.?
Киро Кипроски: Идната година ќе одбележам златен јубилеј 50 години откако почнав да соработувам со дневниот весник „Нова Македонија“, а првите почетоци ги направив во детскиот неделник „Наша просвета“, потоа како средношколец и како студент соработував и со младинските весници „Млад Борец“ и „Студенски збор“. Во мојата новинарска кариера имам соработувано со новинските агенции „Танјуг“, „МИА“ и „Макфакс“, со Радио Скопје, ТВ Скопје, подоцна со македонското радио и со македонската радио телевизија, Радио Дојче веле – програма на македонски јазик, Радио Берлин – програма на македонски јазик, „Арена“ и „Спортски новости“, „Свјет“ и „Викенд“ изданија на НИП „Вјесник“ Загреб, неделниците „Журнал“, „Починка“, „Екран“, двонеделникот „Порта 3“, ги уредував фабричките весници „Готекс“ и „Силика“ , „Полог“ од Тетово, „Монитор“ од Гостивар. Целиот работен век го минав како новинар – уредник на емисиите на македонски јазик на Радио Гостивар.
Нема област за која не сум пишувал од земјата и странство. Во полвековното активно работење во новинарството сум известувал од ЗОИ „Сараево – 84“, Светско првенство во кајак на диви водини на реката Радика, 1975г. Од повеќе, општински, регионални, државни, балкански, светски и европски првенства во фудбал, кошарка, ракомет, скијање, борење и при тоа ги користев сите форми на новинарско изразување:вести, информации, извештаи, коментари, колумни, фељтони, репортажи, анегдоти. Секако текстовите за весниците ги илустрирав со исклучителни фотографии кои ги ги создавав, а за радиото со тонски парчиња. Значи секогаш сум бил четири во едно (возач, новинар, фотограф и тон снимател).
Тешко можам да направам споредба пред неколку децении и денес. Да почнам да ја споредувам технологијата за создавањето на вестите, извештаите, фотографиите и нивно пласирање, неспоредливо е со денес. Мене и на моите колеги кои известувавме од Маврово, долнореканскиот регион, мијачијата, во дадени периоди и од Гостивар, ни требаше со часови да чекаме во пошта да не поврзат со редакцијата да го издиктираме извештајот. Филмот го праќав со било какво превозно средство ќе се појавеше на патот (автобус, камиони, автомобили што беа реткост) искрен да бидам, а тоа може да се види во документацијата на вестите, за секој настан сум известувал. Денес со мобилните телефони, лапт топ, дигиталните фото апарати и камери работата на новинарите од технички аспект е многу олесната.
Но, во годините пред и некоја година по осамостојувањето на Македонија, весникот „Нова Македонија“ страниците ги затвораше до 19 часот, а доколку имаше значаен настан, текстот го испраќав и до 22 часот. Во тие години новинарите работеа со голема љубов, постоеше натпревар кој ќе напише подобра информација, интервју, фотографија и сл. И тогаш политиката вршеше влијание врз новинарите, но, не како денес да ти пишуваат текстови, а ти само да ги потпишеш. Се случува за исти настан на неколку телевизии да го слушам извештајот со нов глас, со исти инсерти. Ви се молам, какво е тоа новинарство. Ако Македонија сака да стигне во ЕУ И НАТО, да стане демократска држава, по мое длабоко убедување треба да изврши темелна реформа во новинарство, новинарите слободно да пишуваат и за напишаното да одговараат, а не да пласираат невистини и да се повикуваат на анонимен извор. Последниве недели се изнаслушавме за имињата што ја сочинуваат новата Влада, а на крајот од тие имиња речиси ги нема во Владата. Не е информација кога се сервира на телевизијата или во печатените медиуми и порталите, како што пишуваат медиумите…
Кои се следните предизвици кон кои ќе се насочите како автор во наредниот период?
Киро Кипроски: Напоредно со создавањето на коавторската книга „Сага за македонските воени пилоти“ со публицистот Ставре Џиков, работам на две нови дела. Моногафија за една исклучителна личност, за неговиот животен пат, работа во Германија, учество во партиските здруженија, претседател на Македонска Православна Црковна Општина „Св.Климетн Охридски“ и потпретседател на Европскиот епархиски совет и во завршна фаза е монографијата за Духовните светилишта на гостиварското архиерејско намесништво.
Во план ми е да подготвам книга со репортажи од патувањето низ светот и Македонија (имам над 1.000 репортажи) проблем ќе ми биде да направам селекција за репортажите кои треба да влезат во книгата. Исто така, во план ми е да подготвам книга за древното македонско духовно светилиште „Св. Јован Крстител“ – Бигорски манастарир и за манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, за скитот „Св. Кирил Методиј“ во долнореканското село Битуше и за манастирот „Св.Пречиста“, Кичевско.
Дел од рецензиите за книгата „Сага за македонските воени пилоти“:
Проф.д-р Михајло Миновски: Во воведот авторите пишуваат дека нивната намера била да ја претстават на македонската јавност „ приказната за македонските воени пилоти“. Постигнато е многу повеќе од тоа. Преку животниот пат, школувањето, високата обученост, професионалната посветеност и пред се патриотизмот на македонските воени пилоти, претставено е како тие го создаваа и го развиваа Военото воздухопловство е битниот сегмент на Армијата на Република Македонија, или барем тоа би требало да е…
Проф.д-р Трајан Гоцевски: Предложениот ракопис, под наслов „Сага за македонските воени пилоти“ од нашите еминентни аналитичари, хроничари, јавни работници и неприкосновени интелектуалци: Ставре Џиков и Киро Кипроски, е поставен токму на еден таков сегмент од нашата историја, поврзана со формирањето и развојот на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана на нашава земја, како гарант за сувереноста на нашето небо и еден од условите Македонија да профункционира како независна држава.
Проф.д-р Александар Стојчев: Делото „Сага за македонските воени пилоти“ е оригинален труд, со оглед на тоа дека на оваа тема прв пат се вршат истражувања од ваков вид со приложување на оригинални фотографии и изворни податоци за личности и настани кои го одбележале македонското воено воздухопловство.
Објавени дела: ХЕЦ „Тито“ (1987), „Десет години на МПЦО „Св. Климент Охридски“ – Берлин (2001), „Мавровски светлини“ (2007), „Галичник засекогаш“ (2013) „Манастир Свети пророк Илија – Долно Јеловце“(две изданија, 2004 и 2013), „Македонија – мојот живот“ (2014) монографија посветена на зубовчанецот Гојко Јаковлески.
Објавени репортажи со фотографии од патувања во Тунис, Египет, Грција, Германија, Андора, Франција, Србија, Бугарија, Турција, Шпанија, САД, Албанија, Србија, Хрватска, Словенија, Кина, Швајцарија, Луксембург, Италија и од други држави, како и од повеќе краеви на Македонија.
Љ.Антеска
-
Рецептипред 3 месеци
Наједноставниот рецепт за плескавици од тиквички е сѐ што ви треба во овие топли денови за супер брз ручек и совршен вкус!
-
Гостиварпред 3 месеци
Гостиварецот Гоце Димовски нов директор на Дирекцијата за ТИРЗ
-
Гостиварпред 3 месеци
Жител на Добридол измамен за 2700 денари на пазар во Тетово
-
Гостиварпред 2 месеци
Преполно инфективното одделение во Гостивар, труењата со храна зачестени
-
Светпред 2 месеци
Земјотрес од 4,4 степени во Албанија
-
Македонијапред 3 месеци
Денес се слави Петровден
-
Гостиварпред 3 месеци
Општина Гостивар: Остри казни за сите кои го прекршуваат законот и го уништуваат јавниот имот
-
Гостиварпред 3 месеци
Викендов 61 издание на Галичка свадба