Поврзи се со нас

Интервју

ИНТЕРВЈУ со Анастасија Јосифовска од Гостивар, студент на магистерски програм за медиумски комуникации во Словенија

„Квалитетното образование е една од главните предности на студирањето во Република Словенија“

Објавено

на

Република Словенија изминативе години за македонските студенти стана една од најпосакуваните земји за студирање. Идните студенти се одлучуваат за тамошните универзитети поради привлечните струки, условите коишто ги нудат и перспективите што понатаму им се отвораат.

Дваесет и три годишната Анастасија Јосифовска од Гостивар е една од повеќето млади чиј избор за високо образование паднал на словенечки универзитет. Таа дипломирала инженерство по компјутерски науки и информациски технологии на Факултетот за електротехника и компјутерски науки – Универзитет во Марибор (Faculty of Electrical Engineering and Computer Science at the University of Maribor – UM FERI), а моментално е студент на магистерски програм за медиумски комуникации на истиот факултет.

За читателите на Gostivarpress.mk го споделува своето искуство од студирањето во Словенија, условите, студентскиот живот, предизвиците и можностите.

Зошто се одлучи да студираш токму во Словенија, што беше пресудно да донесеш одлука да го продолжиш образованието на Универзитетот во Марибор?

Анастасија Јосифовска: Кога размислував каде да гo продолжам моето образование и барав совети и мислења, добив многу негативни искуства од студентите овде. Тие се жалеа на професорите, програмата, начинот на оценување и самиот образовен систем. Ова ми отвори дилема дека можеби треба да барам подобра алтернатива.

Словенија нуди многу повеќе можности за личен и професионален напредок. Државата има високо рангирани универзитети и добивањето диплома од таква институција е многу ценето денес. Ова беше уште еден важен фактор во мојата одлука. Понатаму, студирањето во Словенија е речиси бесплатно –се плаќа само минимална такса при запишување, околу 30 евра. Останатите трошоци се покриени од државата, што значеше дека немам голем финансиски товар во врска со факултетот.

Клучен момент во моето одлучување беше и тоа што имав пријатели кои веќе студираа таму. Тие беа презадоволни од нивните искуства со студиите и животот во Словенија, поточно во Марибор. Нивните позитивни впечатоци и искуства ми дадоа дополнителна мотивација и сигурност дека тоа е вистинскиот избор за мене. Сите овие фактори заедно придонесоа да се одлучам да студирам во Словенија и до сега сум многу задоволна.

Какво беше твоето искуство за време на студиите во однос на одвивање на наставата, начинот на студирање, условите на факултет, сместувањето и општо студентскиот живот?

Анастасија Јосифовска: За почеток, морам да напоменам дека сето ова се однесува само на мојот смер на мојот факултет, затоа што има разлики во начинот на одвивање на студиите, иако факултетите спаѓаат под еден универзитет. За време на студиите, главната потешкотија ми беше слабата основа од средното образование, што ми отежна при совладувањето на материјалот.

Многу луѓе ме прашуваа дали словенечкиот јазик беше пречка. Напротив, професорите и асистентите на мојот факултет имаат огромно разбирање за тоа дека на почетокот словенечкиот јазик може да биде бариера. Тие прават компромиси, како на пример давање преводи на англиски јазик на испитите или дозволување да се изразиме на англиски или српски јазик при усно одговарање. Така што, јазикот беше најмалата пречка.

Многу ми се допаѓа начинот на кој функционира преминувањето од една во друга студентска година, бидејќи имаш право само еднаш да повторуваш година и тука нема „доживотни студенти“ – тоа е голем фактор при мотивирањето да ги положиш сите предмети во рок.

Што се однесува до студентските бенефиции, имаме таканаречени бонови кои служат како попуст во рестораните кои нудат студентски оброци. Со бон добиваш оброк по избор (главен оброк, салата, супа и овошје). Исто така, имаме попусти на јавен превоз, музеи, театарски претстави и манифестации.

Живеам во државен студентски дом и можам да кажам дека сум презадоволна. Домот нуди сè што може да му биде потребно на еден студент и повеќе од тоа. Собите се пристојни, дел од апартман со кујна, трпезарија, тоалет, бања и тераса. Дополнително, има простории за фитнес, музички соби и простории за дружење. Студентскиот кампус е вистинско место за остварување нови контакти и пријателства, особено со редовните студентски забави.

Вкупно гледано, моето искуство за време на студиите во Словенија е многу позитивно. Наставата е организирана, начинот на студирање е прилагоден и за странски студенти, а условите на факултетот и сместувањето се одлични.

Што се предностите, а што маните на студирањето во Словенија, според тебе?

Анастасија Јосифовска: Студирањето во Словенија носи многу предности, но има и некои мани. Прво, квалитетното образование е една од главните предности. Универзитетите нудат високо квалитетни програми и модерни наставни методи, со стручни и пристапни професори. Потоа, студирањето во странство ми овозможи да стекнам нови искуства и да научам за различни култури и начини на живот, што ми помогна да се усовршам како личност. Запознав многу нови луѓе, не само од Словенија, туку и од други земји, што ми отвори многу врати за идна соработка и пријателства. Словенија нуди многу можности за професионален развој и кариера. Сепак, носталгијата за дома е една од маните. Често ми недостасуваат семејството и пријателите, и понекогаш ми е тешко да се справам со овие чувства. За да успеам, мораше да направам некои жртви, како што е одвојувањето од моите најблиски и прифаќањето на нов начин на живот. Сепак, верувам дека сите тие жртви вредат за подобра иднина.

Има ли перспективи во Словенија за вработување по завршување на факултетот?

Анастасија Јосифовска: Има перспективи за вработување во Словенија и пред завршувањето на факултетот, а и по стекнувањето на диплома. Една од големите предности е постоењето на студентски сервис, организација која активно им помага на студентите да најдат работа. На тој начин, преку понудата на соодветен работен ангажман отвара можност за стекнување искуство и контакти уште за време на студиите.

Сепак, успехот во наоѓањето работа по завршувањето на факултетот зависи многу од самата личност. Снаодливоста, комуникативноста и знаењето се клучни фактори. Ако си квалитетен студент и работник, со труд и трпение можеш да успееш и да просперираш. Работодавците во Словенија ги ценат посветените и вешти млади луѓе и доколку покажеш дека имаш капацитет и желба за работа, перспективите за вработување се доста добри.

Со други зборови, не е лесно и едноставно, но можностите постојат, а успехот зависи од твојата способност да ги искористиш тие можности и да се истакнеш на пазарот на трудот.

Меланија Николовска

Сподели ја веста:

Маркетинг

Advertisement
Advertisement
Македонијапред 2 недели

Невработените со можност за бесплатни обуки и полагање за возачки дозволи за камион и автобус

Гостиварпред 4 недели

ПАТЕПИС: Во прегратките на Кораб – Светилиштата како вечност        

Вестипред 3 недели

УЈП со важно известување за корисниците на МојДДВ

Гостиварпред 3 недели

Полициски службеник и уште едно лице осомничени за продажба на кокаин во Гостивар, Тетово и Скопје

Гостиварпред 4 недели

Во крводарителната акција на Gо Bikers од Гостивар собрани 20 единици крв

Вестипред 4 недели

Преку „е-услуги“ вадење имотен лист за неколку секунди

Рецептипред 4 недели

Крем супа од тиква и морков – топло, вкусно и хранливо

Гостиварпред 3 недели

Во Гостивар одбележани 80 години од загинувањето на борецот херој, Сретко Крстески

Гостиварпред 2 недели

Пронајдени гранати при ископ на тротоар во Гостивар

Гостиварпред 4 недели

ПАТЕПИС: Во прегратките на Кораб – Светилиштата како вечност        

Гостиварпред 3 месеци

Одбележани 80 години од злосторот во Беличица-Почит за положените животи за слободна Македонија

Гостиварпред 4 месеци

Кинолошки спектакл во Мавровско, над 200 кучиња на Меѓународната CACIB 2024 изложба

Гостиварпред 9 месеци

Света архијерејска Василиева литургија во Гостивар со гости од Србија и чин на ракоположување

Гостиварпред 9 месеци

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 11 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 11 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 1 година

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 1 година

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

следете нѐ и на телеграм

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена