Локални избори 2022
Интервју со Арбен Таравари, кандидат за градоначалник на Гостивар од Алијанса/Алтернатива
Арбен Таравари на овие Локални избори бара втор градоначалнички мандат во Гостивар, како кандидат на Алијанса за Албанците/Алтернатива. Програмата со која настапи пред гласачите е наречена „Трансформација на Гостивар“, и содржи проекти за развој на туризмот, локалната економија, ефикасно управување итн. Во неговата биографија стои дека е роден на 9 април 1973 г. во Гостивар. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а специјализирал неврологија и семејна медицина. Има докторат во областа на Паркинсонова болест. Како професор работел на Медицинскиот факултет во Скопје, а како невролог на Универзитетската клиника за неврологија. Скопје. Во 2017 година од јуни до октомври беше министер за здравство во Владата. Во ноември 2017 стана градоначалник на Општина Гостивар. Генерален секретар е на Алијанса за Албанците.
„Заедништвото, сплотеноста и соработката се мојот примарен мотив“
Gostivarpress.mk:
Што ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на Општина Гостивар?
Арбен Таравари:
Поради тоа што силно верувам и сум посветен на тоа да им служам на граѓаните во потрагата по најдобри решенија за живот во општината. Постојано се борев, со целиот свој потенцијал и енергија, а и понатаму ќе продолжам да се борам да ги отстранам недостатоците и проблемите во општината. Доколку повторно ја заслужам довербата на народот и бидам избран за градоначалничката функција, дефинитивно во мојот фокус ќе бидат граѓаните и нивните потреби, низ радовни средби, дискусија за политиката на работа, промените што сите нам ни се потребни преку размена на вистинските информации и аргументи.
Gostivarpress.mk:
Кампањата за Локалните избори веќе изминува. Кога разговаравте со граѓаните и ја баравте нивната доверба, што им велевте, зошто треба да го дадат својот глас за вас, што ве чини поразличен, подобар од вашиот противкандидат?
Арбен Таравари:
Лидерството, стремежот да се искорени корупцијата, силната посветеност за подобрување на добросостојбата во општината, уважувањето на сечиј глас од секој граѓанин, соработката, почитувањето на различностите, правилното искористување на потенцијалот со којшто располагаме како општина… За мене, успехот значи животот во општината да биде подобар отколку што сме го затекнале во минатото. Сакам за мојата работа и за работата на мојот тим да се гледа низ призма на конкретни резултати, коишто беа видливи и за време на претходниот мандат. Просперитетот на сите граѓани, подобрувањето и одржувањето на инфраструктурата, градењето доверба едни во други, рамноправна распределба на ресурсите во општината, деполитизирање и департизирање на образованието, сето тоа е во мојата визија за подобар живот во општината.
Gostivarpress.mk:
Најискрено и најреално, издвојте еден поважен проект за којшто во овој момент сте 100% сигурни дека ќе го реализирате доколку го освоите градоначалничкиот мандат. Како јавно ветување за кое граѓаните може да ве држат за збор.
Арбен Таравари:
Еве, ќе бидам конкретен. Аква парк со четири базени, а Гостивар и околината атрактивна туристичка дестинација. Со привлекувањето туристи ќе се помогне локалната економија. Навистина имаме многу да понудиме, прекрасна и чиста природа, ретки занаети, гостопримливи угостители, топол и приемчив дух. Сите ние, Албанци, Македонци и Турци имаме што да понудиме. Заедништвото, сплотеноста и соработката се мојот примарен мотив за движење кон напред, па така и во ова.
Gostivarpress.mk:
Да сте обичен граѓанин, а не кандидат за градоначалник, кои би биле вашите барања од општинското раководство на Гостивар?
Арбен Таравари:
Олеснет пристап до услугите на локалната власт, активно учество во процесот на одлучување, редовно обезбедување информации за сите важни прашања од интерес на локалната заедница, разбирање на потребата и вредноста од вклучувањето на граѓаните, градење доверба. Би сакал да истакнам дека треба да учиме и од недоразбирањата, нормално е да се случат. Така ќе продолжиме да се развиваме. Се потсетив на зборовите на еден од моите омилени автори, Исмаил Кадаре, дека недоразбирањата не само што не треба да нè попречуваат, туку тие се можеби и побитни од секое разбирање. Грешката што ја прават некои претенденти за јавни функции е што го игнорираат фундаменталниот услов на политиката – дека таа се одвива меѓу повеќе човечки суштества. Гласот на народот е најважен!
Gostivarpress.mk:
Каков изборен резултат очекувате во недела?
Арбен Таравари:
Апсолутна победа во мирна и демократска атмосфера на гласање!
-
Гостиварпред 3 месеци
Голем интерес! Гостиварци уживаа во кино под отворено небо
-
Што, како, каде?!пред 3 месеци
Професионална масажа и физиотерапија „ФИЗИО БЕТИ“ нов салон во Гостивар
-
Гостиварпред 3 месеци
Водата од водоводот во Гостивар загадена со бактерии, не е безбедна за пиење
-
Гостиварпред 3 месеци
Во ОВР Гостивар пријавена измама од адвокати за купопродажба на имот
-
Гостиварпред 3 месеци
Инцидент при работна акција за уредување на црквата „Св.Петка“ во Галате
-
Гостиварпред 2 месеци
Трагедија во Гостивар: Дете починало на фудбалски тренинг
-
Гостиварпред 1 месец
Инцидент во маркет во Гостивар
-
Гостиварпред 3 месеци
Одбележани 80 години од злосторот во Беличица-Почит за положените животи за слободна Македонија