Гостивар
ИНТЕРВЈУ со д-р Ратко Наумоски, раководител на инфективно одделение во Гостивар

„Состојбата со ковид е сериозна, сите изгледи се дека Гостивар веќе е во нов бран“
Регионот на Гостивар е меѓу првите периодов по број на новозаразени со коронавирус. Денес беа потврдени дури 43 нови случаи. Нагло порасна и бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Инфективното одделение во гостиварската болница има уште неколку слободни кревети. За новата ковид состојба во Гостивар, кластерите, најчестите извори на зараза, ризиците и друго, разговаравме со раководителот на одделението д-р Ратко Наумоски.
Најпрво кажете ни ја моменталната состојба на инфективното одделение во Гостивар. Колку пациенти со ковид се лекуваат и каква е нивната состојба?
Д-р Наумоски: Моментално на инфективното одделение имаме 21 пациент. Од нив четири добиваат кислородна поддршка, двајца се наоѓаат во потешка состојба и тоа се пациенти со други коморбидитети. За останатите пациенти може да кажаме дека се во релативно стабилна состојба. Бројката на заразени расте, амбулантски во последните два дена помош побарале четириесетина лица. Карактеристично е што повеќето болни сега се помлади пациенти, значи се спушта возрасната граница. Некаде од 35 години, па нагоре.
Гостивар до скоро беше речиси чист од коронавирус. На што се должи наглиот пораст на заразени?.
Д-р Наумоски: Состојбата се влоши во цела Македонија. Се укинаа рестриктивните мерки, нема никакви ограничувања, а народот заборави на носење маски, миење раце, одржување дистанца. Маска никој не носи и во затворени простории. Се одржуваат прослави на кои присуствуваат многу луѓе, голем дел од граѓаните беа на одмор, а на граница на враќање не им бараат никаква потврда, тест…ништо. Сето тоа придонесе за зголемување на бројот на нови случаи.
Дали ова значи дека веќе се наоѓаме во нов бран на коронавирус?
Д-р Наумоски: По сите изгледи веќе имаме нов бран на ковид. Состојбата е сериозна.
Има ли некои промени во симптомите кај болните овој период. Што би ги советувале, кога да побараат лекарска помош?
Д-р Наумоски: Симптомите се исто како и претходно, со тоа што кај некои пациенти се јавува плус и дијареа. Би советувал, секој што ќе почувствува симптоми веднаш да се јави на матичен лекар, да не чека, да не се лекуваат на своја рака и да се направи тестирање.
Граѓаните имаат различни ставови за вакцините. Гостивар е меѓу регионите со најмал процент на вакцинирани, има недоверба, сомнеж. Кое е досегашното искуство со вакцините и заштитата и вашиот став околу имунизацијата.
Д-р Наумоски: Вакцина за било која болест не значи 100% заштита и тоа е многу познато и многупати кажано. Сепак, евидентно е дека навистина мал процент од вакцинираните со две дози, се заразиле од вирусот. Вакцината штити и тука нема дилеми. Важно е што клиничката слика кај вакциниран што се заразил со коронавирус е многу подобра, отколку кај невакциниран. Спречува сериозни последици и тоа секако е придобивка. Повторно би апелирал до населението да се вакцинира. Од пациентите кои се на нашето одделение, само 4 биле вакцинирани со две дози, значи повеќето се невакцинирани
Што мислите дека треба да се преземе во овој момент како превентивни мерки од страна на надлежните и од самите граѓани?
Д-р Наумоски: Сметам е добра мерка да се прават тестови на граница. Се враќаат луѓе од одмори, гастарбајтери доаѓаат, а тестирања на влез од земјава нема никакви. Имајќи предвид дека голем дел од кластерите сега ни се семејни кластери, на таков начин би се спречило ширење. Исто така, многумина го фатиле вирусот на прослави, потоа млади кои одат на забави, по дискотеки, каде никакви мерки не се запазуваат, ниту пак некој внимава на нешто. Секој поединец мора да биде одговорен, да тргнеме од себе си, да носиме маски, да си одржуваме хигиена и секако тука се вакцините. Добро е матичните лекари да ги препраќаат пациентите кои се сомнителни на корона на тестирање, да се открие навреме вирусот, да се делува соодветно и да се направи изолација на контакти.
Инфективното одделение веќе се исполнува, има уште малку слободни кревети, на кој начин ќе се организира понатаму работата за згрижување на пациенти со ковид?
Д-р Наумоски: Да, ако се пополни инфективно планираме од понеделник да се активира модуларната болница, која моментално функционира како пункт за давање вакцини. Но, ако бројот продолжи да расте модуларната ќе се врати во функција на згрижување ковид болни.
- Македонијапред 1 месец
Отворена летната сезоната за риболов во водите на ЈУНП „Маврово“
- Македонијапред 2 месеци
Силен земјотрес во Босна, почувствуван во Македонија
- Здравје и убавинапред 2 недели
Внимателно во природа, заштитете се од крлежи, оси, стршлени…
- Македонијапред 1 месец
Се празнува Спасовден
- Гостиарскипред 3 месеци
Во Гостивар се одржува „Вешта жена“: Уникатни трпези, забава и дружење
- Гостиварпред 2 месеци
Објавена прелиминарната листа со имиња за распределба на социјални станови во Гостивар
- Гостиварпред 2 месеци
Велигден 2022 во Гостивар: Сплотени со радост во срцата, Христос Воскресе-Навистина Воскресе!
- Гостиварпред 1 месец
Илчо Димитров и Елена Дуровска младенци на Галичка свадба 2022