Поврзи се со нас

Интервју

ИНТЕРВЈУ со Митрополитот Тетовско – гостиварски г. Јосиф по повод 10 години епископски чин

Со Митрополитот Тетовско – гостиварски г. Јосиф разговараме по повод 10-годишнината од неговото пребивање во највозвишениот, но воедно и најодговорниот призив во Светата Православна Црква – епископскиот чин. За предизвиците, секојдневните обврски, искушенијата и тешкотиите… За придобивките, но повеќе за одговорностите… За тоа што значи да се биде епископ, да се биде “на местото Христово“ – како што тоа го исповеда православното теологија, да се одговара за доверената паства и за доверената епархија…

Објавено

на

„Големината е во тоа да не осудуваме, но уште повеќе во тоа да простуваме“

 

Ваше Високопресвештенство, годинава навршувате 10 години од Вашата хиротонија во епископски чин. Уште на почетокот би Ве прашале, сумирајќи ја оваа измината декада – зажаливте ли некогаш што прифативте толку возвишен призив?

Ќе се согласам со констатацијата на апостолот Павле дека Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра ра­бота (1. Тим 3, 1). Но овде под добра, апостолот алудира на возвишена, на одговорна… Моето стапување во епископскиот чин не беше на мое барање, туку по волјата на Светиот архијерејски синод како израз на благоволението Божјо. Бев повикан на послушание кон Синодот преку мојот избор на кандидатската листа за епископи. И токму тоа дека извршувам послушание беше и тогаш, а и сега, во тешките моменти, е мојот поттик, она што ми дава волја да продолжам. Зашто, си велам, штом слободоволно сум прифатил да извршувам послушание, треба и да опстојам. Ако во моментот на мојот избор се прашував само јас, а особено имајќи ги предвид своите слабости, можеби ќе беше поинаку. Но Црквата ме повика на „добра работа“ – едноставно ја прифатив нејзината волја. Сигурен сум дека поради тоа го добив и благословот Божји, а го имам и како постојана поткрепа молитвеното застапништво на Црквата.

Што значи да си епископ?

Според етимологијата на грчкиот происход на зборот, епископ значи надгледник, оној којшто пази, внимава на Црквата што му е доверена – онаа на епархиско ниво, како надлежен архијереј, или па на автокефално, како нејзин првојерарх. Во најбогословска смисла, согласно зборовите на свети Игнатиј Богоносец, епископот е на местото Христово и во обличјето на Христос. А тоа место е крстоподобно, распнувачко, место на страдање и по својот облик е да се биде слуга, како Христос – Кој дојде за да послужи, а не да му служат.

Наследивте дел од поранешната Полошко-кумановска епархија, односно Полошкиот регион беше сведен на нова и самостојна епархија. Кои беа првите предизвици?

Најпрво претстоеше административното организирање на новиот субјект, но, секако, и устројство на некои духовни сегменти. Така, покрај регистрацијата на епархијата пред надлежните институции и внатрешното црковно административно уредување преку изборот на членови на телата и органите на епархиско, намесничко и парохиско ниво итн., особено се посветивме на богослужбениот живот во епархијата, трудејќи се да ги посетиме сите населени места и да служиме за празниците низ различни храмови и манастири во епархијата. Сметавме дека од особена, насушна, важност е грижата за литургискиот и светотаискиот живот на верниот народ, како и тоа да се запознаеме со луѓето и нивните предизвици по македонските села и населби во овој многунамачен крај.

Кои проекти во овој период би ги истакнале како Ваше достигнување – што е тоа што досега го направивте?

Уште на почетокот спроведовме и иницијатива за внатрешно доуредување и реновирање на соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, со што сакавме епархијата да добие репрезентативен објект за епархиски и црковни збиднувања.  Храмот целосно се зографиса, се освежи иконостасот, се смени и подот, а се реши и загревањето со инсталирање на систем по најсовремени стандарди. Во меѓувреме се отпочна и со градбата на нови храмови во село Брвеница, посветен на „Свети Атанасиј Велики“, и во населба Циглана, во Гостивар, посветен на “Преображение Христово“. Во овој период се довршија и осветија веќе започнатите храмови во Туденце, Мала Речица, Стенче и во Маврово. Во најголемиот манастир во епархијата – „Свети Атанасиј“ во Лешок се изгради нов конак, а се започна со целосно реновирање на веќе постоечкиот, како и со ревитализација на иконописот и санација на кровот на манастирскиот помал храм “Успение на Пресвета Богородица“. Во овој манастирски комплекс, уште на почетокот, еден од објектите целосно се оспособи како културен центар, во кој се одржуваат разни црковни и културни манифестации. Исто така, целосно беше изграден и осветен и конакот при манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка, со келии за монаштво, но и со гостински дел за поклоници. Во Гостивар беше реновирана и доизградена административната зграда при соборниот градски храм.

Како што и самиот спомнавте, пред речиси цел месец бевме сведоци на еден несекојдневен духовен настан за овој наш крај – канонизацијата на преродбеникот и просветителот Кирил Пејчиновиќ. Кажете ни повеќе и за самиот процес и што значи оваа канонизација за верниот народ на ТГЕ?

Самиот процес не значи дека ние некого го создаваме, го правиме светител, всушност канонизацијата не е процес на „произведување“ на светители, туку овој чин значи објавување на еден (една) богоугодник (-чка), пред верниот народ за светител, што се случува поради богоугодниот и добродетелен живот, а по милоста и благодатта Божја. Значи Бог е Тој што светителите ги прави свети, а Црквата тоа го објавува. За да дојде до тоа, секоја Помесна Црква грижливо ги испитува животот, делата и чудата кои се случуваат по молитвеното застапништво пред Бога на предложениот за канонизација, ги откопува моштите, доколку има сведоштво каде се, и потоа, по сумирањето на фактите коишто според преданието се потребни како услов, го врши впишувањето во списокот на светители.

За ТГЕ канонизацијата на преподобниот Кирил Лешочки е од огромно духовно значење. Верниот народ и помесната Црква добиваат свој застапник пред Божјиот престол, а моштите на светителот стануваат место на поклонение и утеха за оние кои со вера и покајание ќе пристапуваат. Моштите на преподобниот се наоѓаат во Лешочкиот манастир и веќе се светиња кон која пристапуваат голем број на богокопнежливи души. Во исто време, канонизацијата на свети Кирил Лешочки значи и наше признание пред духовното и преродбенското дело на преподобниот, пред неговиот неуморен труд за воспитувањето и вистинското образование на народот – во добродетелност, во воздржание, во подвиг и во евхаристијско живеење. Уште поважно, свети Кирил е од редот на коливарите, кои низ тогашниот православен свет на Балканот се обидувале да ги вратат правилните, преданиски норми на верата. Не помалку важно е и неговото залагање за народниот јазик, па неговите дела се од исклучителна национална и лингвистичка вредност.

Вие сте од помладата генерација на епископи, кои се растени и воспитувани во еден поинаков контекст. Ова веројатно е видливо и низ Вашето секојдневие… Честопати може да Ве видат во друштво на помладата генерација на верници, но и повозрасните ја сведочат Вашата грижа и за нив…

Не треба да ги делиме луѓето, иако е нормално во некој период силите да ги насочуваме повеќе кон некого и да поминуваме повеќе време со одредени луѓе. И нам, на епископите, како и на сите луѓе, ни требаат луѓе, требаат и пријатели и имаме потреба од дружба. И некако е природно тие односи да се воспоставуваат со оние што ни се блиските по годините, по интересот, по карактерот… Тоа не значи дека за другите забораваме. Најважно е, всушност, да не се заборавиме, да не заборавиме дека сме Божји и на каква служба да Му послужиме на Бога сме повикани.  Луѓето ќе зборуваат разни работи, и добри и лоши. Во нашиот контекст особено се милува да се зборува за другите, најчесто без причина и повод, и тоа  го нарекуваме озборување или клеветење…  Не разбираме дека некогаш правиме големи соблазни, креираме мислење за некого за некого без опипливи докази, уништуваме луѓе, семејства, рушиме кредибилитет, и тоа го правиме едноставно од неукост, а неретко и со намера. Тоа е наша лоша одлика. Големината е во тоа да не осудуваш, но уште повеќе во тоа да простуваш.

Во проповедите често упатувате поуки за духовниот и за секојдневниот живот… Што би порачале на верниот народ во Тетовско-гостиварската епархија?

Има многу нешта, но за овој простор што го издвојувате, за што сум Ви особено благодарен, би потенцирал дека нашиот фокус треба секогаш да биде на евангелските вредности. Ни недостига ближниот во нашиот живот, грижата за оној што е до нас и покрај нас…. Старецот Силуан вели: „мојот брат е мојот живот, моето спасение…“ Овој постулат е израз и на соборноста на нашата вера – ние се трудиме за и кон заедницата, а не за и кон самољубието, себичноста, омразата, зависта… Христос ни ги претставува главните насоки за нашето животно движење, говорејќи ни: Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! Не само што ни ги кажа овие зборови, Христос ни го покажа ова и со Својот пример: ги зеде на Себе нашите немоќи и ги понесе болестите (Иса. 53,.4), преврзувајќи ги раните на човекот поразен од гревот и заробен од смртта и спасувајќи го преку Своето страдање и преку Воскресението.

Би рекол дека добар почеток за сечие поправање се Господовите зборови: Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив! (Лк. 6, 31)

Сподели ја веста:

Маркетинг

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 19 минути

Упатство за гласање на претседателските избори

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 2 часа

Се распределува избирачкиот материјал на ИО во Гостивар, гласаат болни и немоќни

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 2 часа

Молк пред утрешните претседателски избори – Денес гласаат болни, затвореници, лица во старските домови

Спортпред 3 часа

Интернационале Милано по 20 пат шампион на Италија

Македонијапред 4 часа

Сообраќајот по влажни коловози, застои нема

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 17 часа

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право

Гостиварпред 19 часа

Лични документи можат да се подигнат и во среда

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 20 часа

За гласање утре во Гостивар пријавени 129 болни и немоќни, во Врапчиште 30

Гостиварпред 20 часа

Верни на традицијата-ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ со Велигденски концерт во четврток

Гостиварпред 4 недели

Света архијерејска Василиева литургија во Гостивар со гости од Србија и чин на ракоположување

Гостиварпред 1 месец

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 3 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 4 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 4 месеци

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 5 месеци

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

Гостиварпред 8 месеци

Стефановски: Гостивар одличен како домаќин и публика, благодариме од срце!

Спортпред 8 месеци

ФК Гостивар загуби на домашен терен од Силекс 1-2

Гостиварпред 9 месеци

Осветена црквата „Св.Климент Охридски“ во Пожаране: Да го чуваме православието, секој храм е парче небо на земјата!

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена