Интервју
Интервју: „За вклучување на жената Ромка на пазарот на трудот важен е целокупниот пристап на институциите на системот“
Во ромската заедница, предизвиците за вработување се сосема очигледни. Додека вкупната стапка на невработеност кај ромската заедница е двојно пониска од националниот просек, ситуацијата за Ромките е особено загрижувачка – нивната стапка на вработеност во последниве години се движи само околу 8%. Голем дел од Ромките се ангажирани во неформалната работа, главно во трговијата и хигиенските услуги. Ромките како дел од овој неформален сектор се соочуваат со недостаток на стабилност и фер услови за работа.
Решавањето на овие прашања бара фокусирани напори за намалување на невработеноста и неформалната работа, особено кај жените Ромки. Создавањето можности за пристојно вработување и економска независност е од клучно значење за подобрување на социо-економскиот статус на ромската заедница.
На оваа тема зборуваме со Елена Силјаноски, активистка со долгогодишно работно искуство во невладиниот сектор за унапредување на положбата на Ромите во општеството и контакт лице за работа на терен во Гостивар во рамки на проектот “Вработена Ромка = Независна Ромка“ имплемeнтиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, финансиски поддржан од шведската фондација Kvinna Till Kvinna.
Дали бевте вклучени во сите досегашни кампањи „Вработена Ромка = Независна Ромка“ од 2019 година до сега? Дали гледате некаков значителен прогрес на терен, во однос на поголема доверба од жените Ромки, од нивната желба да се квалификуваат за отворените работни места?
Како контакт лице за работа на терен во Гостивар вклучена сум од 2023 година, меѓутоа запозната сум со сите досегашни активности и кампањи кои се реализирале во рамки на проектот. Од моето досегашно лично искуство можам да кажам дека има мал напредок во однос на довербата на жените Ромки за нивно вклучување на пазарот на трудот и секако за квалификување за отвoрените работни места кои ги нудат компаниите. Воедно, мора да напоменам дека на довербата кај жените Ромки исто така влијае и средината од каде што потекнуваат, но и пристапот од страна на институциите и компаниите кои нудат можност за нивно вработување.
Што сметате дека е најважно за да се обезбеди поголем пристап до формално вработување за жените Ромки?
Според мене, врз база на моето долгогодишно работно искуство за вклучување на жената Ромка на пазарот на трудот, важен е целокупниот пристап на институциите на системот, односно начинот на којшто пристапуваат кон вклучувањето на жените Ромки на пазарот на трудот. Релативно ниското ниво на информираност кај невработените жени Ромки укажува на потребата за усогласување на регулативата, ставовите на различните чинители, како и поголема информираност за можностите, правата и обврските на невработените жени Ромки.
Каква е улогата на образованието и обуките во олеснување на процесот за вработување на жените Ромки?
Голем е бројот на жените Ромки кои немаат завршено основно образование, а со тоа тие практично и не можат да се вклучат на пазарот на трудот, па дури ни да се вклучат во одредена обука преку некоја од мерките. Поради оваа причина голем дел од нив се приматели на социјална парична помош.
Мора да напоменам дека улогата на образованието е клучот за успех во понатамошниот живот. Со вклучување на жените Ромки во образовниот систем, со тоа и докомплетирање на образованието преку програма за образование на возрасни, истите би се евидентирале во АВРСМ, а со тоа би се вклучиле во преквалификација и доквалификација за одредена струка, за да бидат подготвени да конкурираат на пазарот на трудот.
Сметам дека образованието на возрасни како и усвојување на програма за образование на возрасни игра клучна улога во општеството за намалување на невработените лица, а со тоа и вклучување на жените Ромки на пазарот на трудот.
Како Вие им помагате на жените Ромки во процесот на вработување?
Мојата помош во процесот на вработување се состои од индивидуални средби, советување и организирање на информативни работилници на кои им се објаснува што всушност значи да се формално вработени и како да дојдат до формално вработување. Активностите со невработените Ромки се насочени кон услугите кои ги нуди АВРСМ, а се спроведуваат со индивидуален приод преку информирање, советување, мотивирање и други активности за зајакнување на капацитетите за вработување на невработените лица.
Опишете ни ја процедурата од првиот контакт со невработените жени Ромки на терен до нивно вработување.
Целокупната процедура се одвива преку теренска посета на семејства и идентификување и мапирање на невработени жени Ромки. При теренската посета првично е запознавање на семејствата со мене како контакт лице за работа на терен и информирање за тоа што е активен барател на работа, а што пасивен. Доколку не се воопшто евидентирани во АВРСМ им се објаснува и процесот на евиденција и фактот дека преку нивно евидентирање и редовно пријавување во АВРСМ како активни баратели на работа со нивното досегашно образование и компетенции можат да се вклучат на пазарот на трудот, како и да се вклучат во одредена мерка од Оперативниот план за вработување.
Оние кои не се евидентирани во АВРСМ ги придружуваме до агенцијата и таму се евидентираат како активни барателки на работа, им се објаснува начинот на пријавување и понатамошно следење на активните мерки за вработување.
Информативните теренски посети се одвиваат неколку пати кај едно семејство, односно се работи за менторски средби со жената Ромка сѐ до нејзиното вклучување во обуките кои ги нуди агенцијата и вклучување во одредена мерка за вработување.
Исто така, кога жените се вклучуваат во мерките за вработување се следи нивниот понатамошен процес, односно редовноста и заинтересираноста, сѐ до крајниот резултат – успешно завршување на обуката и нивно вработување. Целиот процес со одвива со голема поддршка, помош, сензитивен пристап и меѓусебна доверба со жените Ромки.
Како мислите дека приватниот сектор може да се вклучи во оваа иницијатива?
Приватниот сектор во оваа иницијатива може да се вклучи со меѓусебна соработка со невладините организации кои дејствуваат како сервиси во самата ромска заедница. На тој начин можат да пристапат кон заедницата преку најразлични информативни работилници и средби за да се стекне еден пријателски однос, доверба, меѓусебна почит и поддршка каде жените Ромки ќе се почувствуваат задоволно и полесно ќе се вклучат на пазарот на трудот.
Дали има конкретни успеси што може да ги споделите од работата со жените Ромки низ годините?
Сакам да истакнам дека низ годините има многу позитивни искуства поврзани со вклучувањето на жените Ромки во образовниот процес и нивно понатамошно школување, зајакнување на нивните капацитети и вклучување во голем број на обуки. Исто така, голем број на жени Ромки кои завршиле високо образование се вработени во државни институции, невладини организации и во приватниот сектор. Жените Ромки кои имаат завршено основно и средно образование, а понатаму се квалификувале и доквалификувале за одредена професија, полесно се снаоѓаат на пазарот на трудот и се вклучени во приватниот сектор.
Која е Вашата порака до невработените Ромки?
Жените можат и умеат да се вклучат на пазарот на трудот и да напредуваат на професионален план со помош и поддршка од семејството, бидејќи економски независна жена е силна жена и се стреми кон подобро утре за себе и за своите најблиски.
Која е Вашата порака до компаниите кои се скептични за идејата за формално вработување на жена Ромка?
Компаниите треба да развијат поголема доверба, информираност и посензитивен пристап за формално вработување на жените Ромки, со цел да им дадат шанса за зајакнување на нивните капацитети и напредок.
(комерцијална објава)
-
Рецептипред 3 месеци
Наједноставниот рецепт за плескавици од тиквички е сѐ што ви треба во овие топли денови за супер брз ручек и совршен вкус!
-
Гостиварпред 3 месеци
Гостиварецот Гоце Димовски нов директор на Дирекцијата за ТИРЗ
-
Гостиварпред 3 месеци
Жител на Добридол измамен за 2700 денари на пазар во Тетово
-
Гостиварпред 2 месеци
Преполно инфективното одделение во Гостивар, труењата со храна зачестени
-
Светпред 3 месеци
Земјотрес од 4,4 степени во Албанија
-
Македонијапред 3 месеци
Денес се слави Петровден
-
Гостиварпред 3 месеци
Општина Гостивар: Остри казни за сите кои го прекршуваат законот и го уништуваат јавниот имот
-
Гостиварпред 3 месеци
Викендов 61 издание на Галичка свадба