Поврзи се со нас

Гостивар

Меѓународен ден на Ромите во Гостивар-Најавена иницијатива за официјализирање на ромскиот јазик

Објавено

на

На пригоден настан во присуство на гости од локални, државни и верски институции, како и од здруженија и организации, во Гостивар попладнево беше прославен 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.

Одбележувањето започна со интонирање на ромската химна, по што следуваше прикажување на кратко видео за историјата на Ромите кое опфати и претставување на светски познати личности со ромско потекло, како актери, спортисти, уметници и сл.

Во своето обраќање, градоначалникот Арбен Таравари кажа дека Општина Гостивар е единствената во светот која го има истакнато ромското знаме и спомена неколку проекти кои се направени во населбите со ромско население напоменувајќи дека голем проблем останува населбата „Дупка“ каде луѓето живеат во субстандардни услови.

„Се‘ уште останува рак рана на Гостивар населбата „Дупка“. На секој поважен состанок  со поголеми инвеститори, кога ме прашуваат што можеме да направиме за Гостивар, размислувам за проблемот на таа населба, тој дел од Циглана. Се надевам дека до крај на мандатот барем ќе започнеме да го решаваме, можеби нема да завршиме, но да започнеме. Има уште нешто за кое ќе ми биде потребна помошта од ИВЗ, а тоа е џамија што треба да ја изградиме. Заслужувате да имате џамија. Иако мислам дека треба да се спојуваме, да бидеме заедно, да не се делиме. Мислам дека Гостивар е најинтегриран град на сите етнички заедници што живеат овде и мислам дека треба да бидеме горди на тоа“, рече градоначалникот.

Советникот од ДСР во гостиварскиот Совет, Фирдаус Ајдари најави дека ќе се покрене иницијатива за официјализирање на ромскиот јазик во Гостивар.

„Денес се потсетуваме на една година од трајното поставување на ромското знаме во општината. Сакам да истакнам дека ќе се потрудиме заедно со правната администрација на општината да го започнеме прашањето за официјализирање на ромскиот јазик во основното и средно образование во Гостивар“, рече Ајдари.

На настанот се обрати и потпретседателот на ДСР, Кашмир Салиу. „Гледам вчера државните институции одбележуваат Ден на Ромите. Од 365 дена во годината вчера се сетија дека во Македонија живеат и Роми. Дали еден претставник излезе и кажа конкретно еден проект што направил за Ромите. Во земјава има само еден град и еден градоначалник кој заедно со мене, со советникот на ДСР и сите Роми направи Гостивар да биде пример како се интегрираат Ромите. Господинот Арбен Таравари имаше голема доверба во мене кога му кажав дека со официјализирањето на знамето само ќе се издвоиме како општина што се грижи за Ромите, и така и бидна. Искрено се надевам дека од страна на советникот, ќе биде предложено во Советот за наредниот 8 Април ромскиот јазик да биде во официјална употреба во Гостивар.“, рече меѓу другото Салиу, кој во оваа прилика доби плакета од општината за придонес за афирмација на ромската заедница во Гостивар.

Плакета беше доделена и на Еснафското здружение на Ромите.

Сподели ја веста:
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена