Средношколци од гостиварските училишта од различни националности, деновиве преку уметноста, се дружат и се стекнуваат со нови знаења и вештини. Активностите се дел од проектот „Заедно кон Европа“ и опфаќаат мултикултурни работилници, куклен театар, создавање на ликовни уметнички дела и друго.
Проектот го спроведува Здружението „Силиндарт“ од Гостивар. Во негови рамки, денес беше организирана куклена претстава Црвенкапа на македонски, албански и турски јазик, наменета за првачињата. Куклите за претставата ги изработија средношколците, кои беа вклучени и како актери.
„Целта е ученциите да се дружат, да научат нешто ново, да развиваат креативност. Исто така, сакаме да им овозможиме убава атмосфера и интересни активности во нивниот град, за да не размислуваат да заминуваат во странство, како што е случај со години наназад. Да увидат дека и овде може да се случуваат забавни и поучни настани“, изјави Бурхан Амети, претседател на Здружение Силиндарт.
Освен куклената претстава, учениците изработија мозаик околу мостот во близина на Основниот суд во Гостивар, а во Центарот за култура ќе биде отворена и изложба на сликите кои заеднички ги создаваа.
Проектот се реализира во рамки на манифестацијата Нов културен бран, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.