Гостиварската локална самоуправа ги изготви Програмите за финансирање на активности и проекти од различни области за следната година. Документите ќе се најдат на дневен ред пред општинскиот совет, на седницата закажана за петок (25 декември) заедно со предлог-буџетот за 2021-ва. Меѓу нив се Програмите за спорт и за поддршка на млади таленти.
Општината за поддршка на спортот, клубови и спортисти поединци предвидува вкупна сума од девет милиони денари. Минималниот износ на исплата за физички лица изнесува 10.000 денари, додека максималниот 60.000 денари. За спортските клубови сумата се движи од 15.000 до 150.000, при поединечна исплата. Во исклучителни случаеви, на пример, кога спортскиот клуб се наоѓа во тешка финансиска состојба или има амбиција да напредува кон нагорна линија, Советот има исклучително право да донесе одлука за исплата на поголема сума на парични средства од предвидените, се наведува во Програмата.
Програмата за стипендирање на млади таленти има вкупна финансиска рамка од 400.000. Предвидено е да се доделат десет стипендии за талентирани ученици во вредност од 3000 денари месечно во период од девет месеци. Исто така, се планира парична финансиска помош на млади таленти кои учествуваат на натпревари на регионално, национално и меѓународно ниво.