Секторот за внатрешни работи Тетово започна со серија превентивно-информативни средби со угостителите од тетовско-гостиварското подрачје, чиј носител е Отсекот за превенција. Во рамките на овие средби со кои ќе бидат опфатени над 30 угостителски објекти, полициските службеници ќе им укажуваат на сопствениците на локалите на потребата од доследна примена и целосно почитување на владините одлуки кои се однесуваат на заштита од ширење на коронавирусот „Kовид-19“.
„ Покрај тоа, ќе им биде нагласена и неопходноста од задолжително постапување според утврдените протоколи за работа, особено при организирање на забави, прослави и други манифестации. На средбите, исто така, угостителите каде најчесто се организираат вакви настани, поблиску ќе бидат запознати и со законските импликации, доколку не постапуваат согласно законски предвидените стандарди и критериуми и пред се доколку во објектите непријавено се организираат сведбени или други семејни свечености со поголем број присутни гости.“, вели портпаролот на СВР, Марјан Јосифоски.
Превентивните активности ќе продолжат до крајот на овој месец и нивна цел е уште еднаш да се информираат угостителите-како практично да се однесуваат и на што најмногу да обрнат внимание кога станува збор за превенцијата од „Kовид-19“.