Тече последниот ден за искористување на ваучерите за домашен туризам. Како што информираше Министерството за економија, заклучно со вчера (14 декември) искористени се 61.648 ваучери од вкупно доставени 100.336.
Од таму најавија дека платформата „Дома си е дома“ преку која се реализираше мерката ќе биде затворена за реализација денеска. Исто така, гостите кои што користат ваучер за домашен туризам ќе треба да бидат одјавени од сместувачките капацитети најдоцна до денес.
Хотелиерите кои што имаат гости кои што користат ваучери за туризам ќе треба најдоцна до 18.12.2020 година до Министерството за економија да достават фактури за плаќање, по што до крајот на годината ќе им бидат исплатени средствата од искористените ваучери.
Со мерката ваучери за домашен туризам во вредност од 6.000 денари која е дел од Третиот сет мерки на Владата за справување со последиците предизвикани од пандемијата беа поделени 117.531 ваучер за домашен туризам на сите вработени граѓани кои во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле вкупни нето приходи од плата и надоместоци од плата не поголеми од 60.000 денари според податоците од Управата за јавни приходи.
Ваучерите за туризам се користеа во домашните туристички објекти кои беа регистрирани на платформата “Дома си е дома“