Изминатите денови на гостиварското подрачје се регистрираа од 4 до 7 новозаразени со коронавирус, а дневно се тестираат по 20-тина граѓани. Вкупната бројка на активно болни моментално изнесува 84, и регионот е во фаза на понизок ризик од ширење на вирусот.
Според информациите од епидемиолошката служба поголемиот дел од новите случаи во последниот период, се од територијата на Општина Гостивар. Епидемиолошките анкети утврдиле дека во поголемиот дел се работи за семејни кластери, односно заразени членови на семејство кои живеат во еден дом.
За сега состојбата се оценува како релативно стабилна и подобрена во споредба со претходно кога секојдневно се бележеа двоцифрени бројки на новозаболени, а Гостивар беше во црвена алармантна фаза на распространетост на ковид.
Од институциите и медицинските служби постојано се упатуваат апели да се почитуваат мерките на заштита, да се носат маски, да се одржува растојание, зголемено ниво на хигиена и да нема групирања.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше со ковид вкупно биле дијагностицирани 991 пациент. Како оздравени се водат 850, додека со смртни последици завршиле 57 случаи.