Вести
Православните верници слават Прочка, празник на проштавањето и очистување од гревовите

Прочка претставува голем празник за православните верници и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Проштавањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите… се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики поклади, меѓу народот познат и како Проштени поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници, како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници, како што се: Тодорова сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
На Прочка се изведуваат богати обичаи, како што се проштавањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, богатата трпеза, итн. Очигледно е дека некои обичаи, како што е на пр. проштавањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.
Обичајот проштавање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштавање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштаваат, па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразови, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштаваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“.
Амкањето е интересен обичај, кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен, во други места памучен), кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без притоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.
-
Гостиварпред 3 месеци
Курсна листа на НБРМ и приватните менувачници во Гостивар
-
Занимливостипред 2 месеци
Речениците на Толстој ја откриваат тајната на среќен живот: Најголемите вистини се наједноставни
-
Занимливостипред 1 месец
Неколку непознати факти за гладијаторите
-
Занимливостипред 2 месеци
Како се прават најдобрите кубански цигари – Отмена арома на луксузот
-
Гостиварпред 3 месеци
Девизниот курс денес според приватните менувачници во Гостивар и НБРМ
-
Гостиварпред 2 месеци
Се потсетуваме, најсреќните на Водици во Гостивар кои го извадија крстот од Вардар
-
Гостиварпред 1 месец
Распоред на дежурни свештеници за Задушница во Гостивар
-
Македонијапред 2 месеци
Србите го слават Свети Сава – Национален празник на српската заедница во земјава