Поврзи се со нас

Гостивар

Пред гостиварци промовирана книгата „Отвори ги очите“ од Љупка Антеска

Пред љубителите на пишаниот збор, вчеравечер во Гостивар беше промовирана стихозбирката „Отвори ги очите“ од Љупка Антеска. Ова е нејзино трето поетско дело, а за стиховите кои ги содржи, авторката вели дека се одраз на реалноста и на денешницата. Дека во дел од нив има своевиден бунт против изместените вредности, а носат порака: водилки во животот да ни бидат добрината и љубовта.

„Како поет и како човек, не можам да замижам пред ова време-невреме, кога човек на човека му е чудовиште. Кога секојдневно трчаме по обврски и го пренагласуваме материјалното, а забораваме на малите, едноставните радости кои всушност не прават луѓе. Не можам да премолчам дека постојано брзаме и немаме време за едно кафе со пријателите. Не можам да речам дека љубовта има само розова боја, затоа што нема, љубовта ги има сите бои и нијанси. Мојата поезија е реална, ненашминкана, напати сурова, а таква и ќе остане.“, рече Антеска.

Пред присутните во Центарот за млади и заедницата, како промотори на книгата зборуваа Снежана Стојчевска и Цветанка Колева.

„За песните во оваа збирка, може да се каже дека се како огледало, затоа што секој што ќе ги прочита, ќе види дел од себе во стиховите. И секој може да ги прочита на свој начин, некој во нив ќе види духовитост, некој сарказам и иронија, но сигурно е дека читателот ќе се препознае и пронајде“, рече Стојчевска, меѓу другото во своето обраќање.

Колева нагласи дека книгата не е типично женско писмо, но дека на моменти ја открива моќта и борбеноста на жената. „Во збирката има песни кои на умешен начин доловуваат како тоа жената може и успева да ги заврши сите обврски, да биде мајка, домаќинка, да работи…но, песните кажуваат и која е цената за тоа, што само жената си ја знае“, рече Колева.

Заедно со промоторките, стихови читаше и поетесата Катерина Гогова. Во музичкиот дел на гитара настапи младиот, талентиран гостиварец Висар Зибери.

Сподели:
Advertisement
Остави коментар

Напишете коментар

Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Популарно изминативе 100 дена

error: Содржината е сопственост на Gostivarpess.mk!