Забава
Приказната за „југословенскиот Лас Вегас“…
На западниот брег на хрватскиот јадрански остров Крк, некогаш имало мало рибарско село, каде што туризмот почнал да се развива во последните десетлетија на 19 век. Околу 100 години подоцна, на почетокот на 1970-тите, во екот на туристичкиот бум во поранешна Југославија, изграден е хотелско-рекреативниот комплекс „Халудово“.
Централниот дел на проектот и амбициозната визија на американските инвеститори било луксузното казино во хотелот „Палас“ именувано „Пентхаус Адријатик клуб“, коешто е споредувано со најдобрите казина во светот. Туристичкото одморалиште било еден необичен прозорец и поглед на капиталистичкиот свет кон социјализмот, и требало да носи богати туристи во текот на целата година. Поради сè тоа, местото остана запаметено како „југословенскиот Лас Вегас“.
Сепак, екстравагантниот претприемачки проект доживеа само една гламурозна сезона, со едвај 20 години како обичен хотел. По пропаста на поранешната држава и приватизацијата во независна Хрватска, пропадна и казиното, пишува порталот „Пункуфер“ (Punkufer).
Целиот комплекс го дизајнирал Борис Магаш – архитектот кој го осмислил и „Соларис“ во Шибеник, како и стадионот на Пољуд во Сплит. „Халудово“ беше замислено како луксузно туристичко место со два хотела, многу апартмани, вили, скулптури на Фран Кршиниќ во хотелскиот парк, рибарско село, низа спортски терени, базени и други забавни содржини.
Инвеститорот бил американскиот бизнисмен со италијанско потекло, Роберто Гучионе, инаку со-основач на списанието „Пентхаус“. Тој во проектот вложил 45 милиони долари, а официјален сопственик била државната компанија „Бродокомерц“ што на Гучионе требало да му плати процент од годишната заработка.
Сè почнало во 1972., отворен бил хотелот „Халудово палас“ и казиното „Пентхаус“. Помалку од еден месец по првиот оглас, првата група Американци слета на Аеродромот во Омисаље.
Луксузно уредениот комплекс со висечки градини и фонтани, скапи лустери, дебели теписи, сауни и салони за масажа, елегантни барови и приватни плажи, дополнително беше „украсен“ со над 50 „подразголени“ девојки кои ги пречекувале гостите на аеродромот и се грижеле за нивниот престој и удобност во хотелот.
Во годините потоа тука доаѓале бизнисмени, пејачи, филмски уметници и светски познати политичари, на пр.: Муамер Гадафи, Садам Хусеин, Том Џонс… Иако, веднаш по првата сезона Роберто Гучионе се повлекува од „Халудово“. Од тоа едно лето, како што самиот изјавил, никогаш финансиски не заздравил.
Се покажало дека југословенскиот стандард не може да ги задоволи богатите западни посетители, делумно поради проблемите со снабдувањето и лошите телефонски врски, но и со недостатокот на намирници на коишто овие гости се навикнати.
Така, луксузното „Халудово“ полека се претвори во одморалиште за масовен туризам.
Сегашниот сопственик – руско-ерменскиот бизнисмен Ара Абрамјан, според наводите, имал намера да отвори суперлуксузен хотел со пет плус ѕвезди и приватна плажа, што наишло на жесток отпор кај месното население. Но, во последно време почнало расчистување на околината. Од Општината потврдуваат дека во октомври таму ќе се почне со работа, а Рибарското село веќе следното лето ќе ги пречека првите гости.
Има и втора фаза, којашто предвидува нов урбанистички план и јавна расправа. Која е новата замисла на сопственикот, што ќе кажат околните жители за тоа, и дали луксузното „Халудово“ навистина повторно ќе заживее – времето ќе покаже, велат познавачите.
-
Рецептипред 3 месеци
Наједноставниот рецепт за плескавици од тиквички е сѐ што ви треба во овие топли денови за супер брз ручек и совршен вкус!
-
Гостиварпред 3 месеци
Гостиварецот Гоце Димовски нов директор на Дирекцијата за ТИРЗ
-
Гостиварпред 3 месеци
Жител на Добридол измамен за 2700 денари на пазар во Тетово
-
Гостиварпред 2 месеци
Преполно инфективното одделение во Гостивар, труењата со храна зачестени
-
Светпред 3 месеци
Земјотрес од 4,4 степени во Албанија
-
Македонијапред 3 месеци
Денес се слави Петровден
-
Гостиварпред 3 месеци
Општина Гостивар: Остри казни за сите кои го прекршуваат законот и го уништуваат јавниот имот
-
Гостиварпред 3 месеци
Викендов 61 издание на Галичка свадба