Поврзи се со нас

Гостивар

Проект во Гостивар за да се намалува иселувањето на младината

Објавено

на

Гостивар е еден од градовите во кој почнува да се спроведува проектот „Млади за инклузија, еднаквост, доверба“ со фокус на младата популација и нејзино вклучување во процесите на донесување одлуки. Проектот има за цел намалување на миграцијата и мотивирање на младите да ја градат својата иднина во земјава.

Начините на реализација, активностите и другите детали денес беа прецизирани со  Меморандум за соработка, кој Општина Гостивар го потпиша со Програмата за човекови права на Обединетите нации (УНДП), агенција за помош на Обединетите нации, и со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).

„Ова е многу важна иницијатива, ако се има предвид дека младите се иселуваат од земјата, а како една од причините го напоменуваат непартиципирањето во процесите на донесување одлуки. Меѓу другото проектот ќе помогне да се создадат Младински совети, кои ќе бидат место каде младите ќе може да ги надополнуваат своите знаења и вештини, да почувствуваат не само како е да зборуваш за нешто, туку и да учествуваш во самото одлучување.“, рече Сања Бојаниќ од УНДП.

Градоначалникот Арбен Таравари истакна дека ваквите проекти се добредојдени и дека заложбите на општината се младите што повеќе да се вклучуваат во донесувањето одлуки.

„Последно време се случува егзодус на младите од државата и ова е голема трагедија. Преку овој тип на проекти ќе успееме тие да бидат дел од општеството кое креира политики и донесува одлуки. Се надевам дека ние како општина и државата генерално ќе ги вклучиме младите што повеќе да бидат дел од донесувањето на одлуки.“, кажа градоначалникот.

Заедницата треба да креира простор и шанса за да се слушне гласот на младите, подвлече Јованка Брајовиќ Ѓригориевиќ, претставник на Фондот за население на Обединетите нации.

„Сакаме на сеопфатен начин да ги поддржиме младите да го исполнат својот потенцијал. Ако младиот човек не се чувствува дека има простор да го каже тоа што го мачи, дека неговиот глас се слуша и продира таму кадешто треба, го губи својот потенцијал и затоа и имаме разочарување и иселување. Не смееме да ги тргнуваме настрана од креирањето на политики, одлуки и планови во локалната заедница.“, изјави Брајовиќ Ѓригориевиќ.

Во рамки на проектот наскоро ќе бидат објавени повици за учество во работилници на теми што ги засегаат младите.

Сподели ја веста:
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена