Поврзи се со нас

Македонија

Секој трет тинејџер е со симптоми на депресија, но не бараат помош

Објавено

на

За време на пандемијата од Ковид, адолесцентите се соочиле со драматичен прекин на нивните вообичаени дневни рутини и со поголеми предизвици во однос на менталното здравје во споредба со возрасните. Студиите потврдуваат дека долгата социјална изолација, затворањето на училиштата, прекинот во дневните рутини, несигурноста, грижата за здравјето и добросостојбата на членовите од семејството и блиските луѓе, имаа големо влијание врз менталното здравје на адолесцентите. Како последица на тоа, се зголемило и нивното чувство на депресија и анксиозност.

Ова беше потенцирано на конференцијата „Менталното здравје ги засега сите“, што се одржа во Скопје, каде беа претставени резултатите од направени истражувања за менталното здравје.

Секој трети адолесцент изјавил дека има симптоми на депресија. Четириесет и два отсто од адолесцентите пријавиле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност. И покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците што изјавиле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, не побарале такви услуги. Во истражувањето се наведува дека многу поголема е веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата, дури шестпати.

Студиите покажуваат и дека повеќе од 54 отсто од младите мајки, кои пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето што е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но, исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.

На конференцијата, Фондот за деца при Обединетите Нации, заедно со клучните чинители и партнери од земјата, отвори дискусија за системското зајакнување на поддршката на менталното здравје на децата и нивните семејства, со посебен осврт на зголемување на инвестициите во услугите за ментално здравје и психо-социјална поддршка, соодветен пристап кон менталното здравје во училиштата и во заедницата и промена на јавниот дискурс за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје.

Доколку некој има потреба од психо-социјална помош или поддршка на менталното здравје, може да се јави на 072 912 676 за анонимен и доверлив совет од клинички психолози од Универзитетската клиника за психијатрија.

Сподели ја веста:
Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена