Поврзи се со нас

Гостивар

Сторија од Гостивар: Тежок е животот на слепите лица, со милион препреки, вели Ненад Ристески

„Тежок е животот на слепите лица“, со овие зборови Ненад Ристески, гостиварец со оштетен вид, почна да ни раскажува за своето секојдневие, маките и предизвиците со кои се соочува, но и напорите кои ги вложува за да се подобрат состојбите. Тој вели: „Кога се движам низ град, има еден милион препреки. На пример, нема патеки за слепи. И таа една што беше поставена на шеталиштето на Вардар е уништена. Звучна сигнализација има само на еден семафор, на кружните текови нема никаква сигнализација, а луѓето не покажуваат никаква култура. Кога ќе го кренам стапчето на поминување улица многу возачи и не застануваат со автомобилите, има паркирани возила насекаде, не може да се помине. Па, често се случува кога се движам по тротоар, минувачите да се туркаат во мене, како тие да не гледаат. Да не зборувам колку опасност имаме на улица од кучињата скитници, стапчето ги привлекува, само да чукнеме тие се нафрлаат. Јас лично имав таков страшен напад од куче.“

Објавено

на

Го посетивме во гостиварското село Вруток кадешто живее со семејството, а поминавме и еден ден со него во Гостивар, кога со личен асистент направи прошетка низ улиците и завршуваше други обврски.

Ненад го изгубил видот кога бил дете од компликации по висока температура. Во неговиот живот се среќава со бројни тешкотии и пречки поради тоа што не може да гледа. Но, како потпретседател на Здружението на слепи и лица со оштетен вид „Реалност“, наоѓа начини и посветува време да се ангажира на полето на олеснување на секојдневието на лицата со оштетен вид.

„Во Здружението имаме 65 члена, а од неодамна не‘ примија и во Националниот сојуз на слепи и лица со оштетен вид. Помага кога заеднички, преку здружението се бориме за нашите барања, така сме посилни. Инаку, прво нешто што го кажуваат нашите членови кога доаѓаат во Здружението е немањето доволно финансии со оглед дека не можат самостојно да живеат, тешко е да се вработат, постојано им е потребна помош, некој да има до нив. Тоа што ни следува од државата месечно како надоместок за туѓа нега и додаток е многу мала сума, не стасува за основни потреби, особено сега со овие кризи и поскапувања. Затоа и бараме да се покачи. Исто така, активно бараме правото на надоместок за помош и нега од друго лице за лицата со телесна попреченост да важи од 18 години возраст, а не како што е сега од 26 години. Тоа прави да чувствуваме дискриминација“, вели Ристески.

Надоместокот за туѓа нега месечно е 5.260 денари, а додатокот за попреченост 8.660 денари. Барањето на Националниот Сојуз на слепите лица е износот на првиот да се зголеми за 30% од просечната плата, а на вториот за 40% од просечната плата.

„Организиравме и два протести за нашите барања, влеговме во преговори со Министерството, но до сега нема никакви резултати. Освен покачување на надоместоците наше барање е и државата да ни обезбеди помагала кои ни се неопходни за олеснување на секојдневниот живот“, подвлече гостиварецот изразувајќи надеж дека институциите ќе го слушнат нивниот глас и ќе излезат во пресрет на нивните потреби.

Џеват Фејзули, исто така гостиварец со оштетен вид, е првото лице со попреченост кое е советник во општински Совет во земјава. Тој беше дел од работната група што подготви двегодишен Акциски план за унапредување на правата на овие граѓани кои живеат на подрачјето на Гостивар. Документот опфаќа делување во неколку области: јавна свест, физички пристап, образование, спорт и култура. Надежите се вперени дека повеќето планирани активности ќе се реализираат за полесно секојдневие на оваа категорија луѓе.

„Во планот се опфатени потребите на граѓаните со различни видови на попреченост. Конкретно за оние со оштетен вид се предвидува на сите семафори да се постави звучна сигнализација. Јас сум во постојан контакт со одговорните во општината и најавата е дека  тоа ќе почне да се имплементира. Секако ќе се одвива полека, полека, не може се‘ одеднаш да се направи, но има добра волја и ќе се работи. Звучната сигнализација да се среди е навистина приоритет. Исто така, добро решение за оние кои имаат оштетен вид на пример 50-60% е обележувањето на пешачките премини да се направи со соодветна боја која ќе им ја олесни ориентацијата, а не бела“, вели Фејзули кој е и претседател на Здружението „Реалност“.

Во план на општината е да ја подобри инфраструктурата за потребите на лицата со оштетен вид, вели претседателот на Советот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.

„Општината започна со звучна сигнализација на семафорите. Веќе се поставени на една раскрсница, а се планира да се комплетираат сите семафори во градот. Посебните патеки се разгледуваат во склоп на работната група и акцискиот план. Имаме одлична соработка со Здружението „Реалност“, правиме максимални напори за позитивно да одговориме на нивните барања и да ги потпомагаме нивните активности“, вели тој.

Недоволна информираност и недостапност на веб страниците

Работната група која го изработила акцискиот план увидела дека е неопходна и подобра информираност на лицата со попречености за нивните права и бенефициите кои им следуваат, за која цел ќе се организираат посебни средби со нив и нивните семејства.

Потребата од достапност до информации ја нагласува и Ненад, посочувајќи дека сите веб страни, а особено оние на институциите треба да имаат аудио верзија, за да можат и лицата со оштетен вид да дојдат до саканите податоци и информации.

„Многу проблеми имаме со веб страните, немаат пристап за слепи лица што ни отежнува да се информираме, да добиваме податоци, да ги следиме актуелностите. Лично многу ги следам српските интернет страни и во Србија на пример, под текстот има поднаслов „читај на глас“ и тие текстови имаат пристап и за слепи лица, значи тоа што е напишано се чита и на глас. Многу е корисно. Инаку, јас работам на компјутер со помош на говорна програма  „читач на екран“, но не знам да читам со брајово писмо. Разочарувачки е што за нас, што сме го изгубиле видот подоцна, не од раѓање, нема рехабилитација. Во Гостивар нема каде и кој да ме научи да ја користам брајовата азбука.“, вели тој.

Ристески поголемиот дел од денот го поминува на компјутер или на телефон. Новите технологии придонесуваат за подигнување на квалитетот на животот на лицата со оштетен вид, во смисла на проширување на можностите на самостојност, учење, обучување за работа, стекнување вештини. Во таа насока пред две години за лицата со оштетен вид беше обезбедена бесплатна дигитална алатка „аудио читач“ на македонски јазик соодветен да одговори на нивните потреби. И покрај тоа, искуствата говорат дека интересот за користење на електронски уреди и апликации е многу мал.

„Имав иницијатива преку здружението да организираме курс за изучување на компјутерски вештини, ама за жал, иако е многу корисно, никој не се пријави“, потврдува Ненад.

Исполнувањето на барањата неизвесно?!

На прашањето дали се планира да се зголемуваат износите на додатоците кои им следуваат на лицата со оштетен вид како што бараат Здруженијата и Националниот сојуз,  од Министерството за труд и социјална политика не дадоа конкретен одговор. Информираа дека по направените усогласувања во јануари годинава, надоместокот за туѓа нега и додатокот за попреченост се зголемени за 14.2 %.

„Дополнително во 2022 година правото за посебен додаток е зголемено за 15%., со што истото е покачено за близу 30%.“, наведоа од МТСП.

Во однос на планирани проекти за поддршка и помош на овие граѓани, Министерството најавува реконструкција на „Заводот за рехабилитација на деца и младинци“ во Скопје. „Установата ќе прерасне во Центар за социјални услуги, каде покрај постоечките услуги, предвидени се и палета на здравствени, социјални и рехабилитациски услуги. Министерката за труд и социјална политика континуирано одржува работни состаноци со претседателот и секретарот на Сојузот на слепи на кои се разговара за прашањата кои ги допираат лицата кои се членови на сојузот.“, се вели во одговорот од МТСП.

Во Северна Македонија живеат над 3.000 лица со оштетен вид. Тие ја продолжуваат борбата за посамостоен и подобар живот во надеж дека со поголемо разбирање, напор и уважување барем дел од потешкотии и маките ќе се решат.

Сподели ја веста:

Маркетинг

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

Македонијапред 23 минути

Училиштата сепак нема да работат во саботи, наставата ќе се надомести во работните денови

Гостиварпред 2 часа

Промовирана Монографија за библиотеката во Гостивар, труд на Теута Османи

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 3 часа

Граѓаните со истечени документи од 24 јули 2023 година ќе може да гласаат утре

Вестипред 3 часа

Москва: Украина загуби речиси половина милион војници

Гостиварпред 4 часа

Поддршка за 12 стари занаети во Гостивар

Гостиварпред 5 часа

Обид за напад и закани вчеравечер во Гостивар

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 5 часа

Упатство за гласање на претседателските избори

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 6 часа

Се распределува избирачкиот материјал на ИО во Гостивар, гласаат болни и немоќни

ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ 2024пред 7 часа

Молк пред утрешните претседателски избори – Денес гласаат болни, затвореници, лица во старските домови

Гостиварпред 1 месец

Света архијерејска Василиева литургија во Гостивар со гости од Србија и чин на ракоположување

Гостиварпред 1 месец

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 3 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 4 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 5 месеци

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 5 месеци

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

Гостиварпред 8 месеци

Стефановски: Гостивар одличен како домаќин и публика, благодариме од срце!

Спортпред 8 месеци

ФК Гостивар загуби на домашен терен од Силекс 1-2

Гостиварпред 9 месеци

Осветена црквата „Св.Климент Охридски“ во Пожаране: Да го чуваме православието, секој храм е парче небо на земјата!

Advertisement

Популарно изминативе 100 дена