Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!



  • Дата: 03/05/2019 | 09:51

Централно празнување на Источен Петок-Балаклија во црквата Св.Петка во Гостивар

Празникот посветен на Мајката божја и нејзините чуда, Источен Петок-Балаклија со црковно-народни собири се прослави во Гостивар и гостиварско. Црквата Св.Петка традиционално секоја година е местото на централното празнување и ги собира верниците во голем број. Утрово, во чест на Источен Петок свештеници од гостиварското архиерејско намесништво отслужија света литургија, по што беше извршен чин на осветување на водата. Верниците се помолија, запалија свеќи, се поклонија пред иконите и  оставаа велигденски јајца.

Источен Петок-Балаклија е првиот ден петок по празникот Велигден. Спаѓа во Светлата недела и со него се оддава признание на Пресвета Богородица, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име. На овој ден се празнува обновувањето на храмот на Богородица во Цариград, наречен Живоносен Извор, поради чудотворниот извор со вода што се наоѓа во него. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите и ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите.

Освен во градската црква Св. Петка, православните христијани од гостиварско традиционално со црковно-народен собир го одбележуваат денот и во селото Долно Јеловце.

Напишете коментар