Свет
Велика среда-Последното помазание на Исус, заговорот за убиство и предавството на Јуда

На Велика Среда се одбележуваат три значајни настани: Последното претсмртно помазание на Господа, Заговорот на јудејците за да го убијат и Јудиното предавство на Христа за триесет сребреници.
Последното претсмртно помазание на Господа
Христос е помазан со миро во Витанија (Матеј 26,6-13; Марко 14,3-9; Лука 7,37-50; Јован 12,1-8). Според евангелските сведоштва, Господ Исус Христос и апостолите ноќта ја поминале „во Витанија, во куќата на Симона Прокажениот“ (Матеј 26,6).
Во Евангелието, коешто се чита на Предосветената Литургија (Матеј 26,6-16), се вели дека токму на тој ден некоја жена излила миро врз главата на Господа Исуса Христа (Матеј 26,7). Со тоа, таа Него Го подготвила за погребение, како што рекол и Самиот Он (Јован 12,7).
1) Во Евангелието според Лука се спомнува „жена грешница“ која му ги помазала нозете на Исуса со миро излиено од „алабастрен сад“. Тоа се случило во Ерусалим, во домот на Симон Фарисејот (Лука 7,36-50). Според Светото предание, таа жена била Марија Магдалина „од која“ преку чудотворната моќ на Спасителот, „беа излегле седум демони“ (Лука 8,2).
2) Второто помазание е опишано во Евангелието според Јован, каде што се вели: „На шест дена пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите. Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше… а Марија, како зеде литар скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја“ (Јован 12,1-11).
3) Третиот случај бил пак „во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот“ (Марко 14,3 и Матеј 26,6). Тоа се случило два дена пред Пасха. Така се вели во Евангелието според Марко (Марко 14,1). И тогаш некоја жена, различна од првите две, чие име останува скриено, се удостоила да Го помаза Исуса со „скапоцено и чисто нардово миро“ кое го излила врз „главата Негова“ (Марко 14,3).
Jуда приговарал за излиеното миро и зошто барал за него да се добијат 300 динарии?
Затоа што бил среброљубец и затоа што бил нечесен, како што запишал апостолот и евангелист Јован: „Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него“ (Јован 12,6).
По овие евангелски зборови можеме јасно да го сфатиме однесувањето на Христовиот среброљубив благајник Јуда. Ова е опомена и за нас, за да не претеруваме во световното и во материјалното.
Реченото, дека добиените пари од продаденото миро можеле да се раздадат на сиромаси било сосема точно, но Бог повеќе сака вистинска оддаденост и дар, без елементи на пресметки и пресудување при давањето дарови, односно, Господ сака вистинско радосно дарување, без проценки и математики, како што вели свети апостол Павле: „Секој да дава од се срце, а не со жал или принуда; оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Кор. 9,7).
Забележливо е и тоа дека на почетокот, при Неговото доаѓање во тело на земјава, уште во витлеемската пештера, Христос бил даруван со скапоцени дарови: злато, смирна и ливан (Матеј 2,11).
Исто така, и на крајот од Неговиот живот во тело на земјава, Он бил помазан со скапоцени мириси. А ова помазување со миро, за кое Христос рекол дека жената „испревари да го помаже телото Мое за погребение“, се случило по Божја промисла, затоа што при погребението Он не ќе можел да биде помазан, па затоа било и одењето на жените мироносици на гробот – отишле за да го помазуваат со миро телото на Христа.
Постапката на жената и постапката на Јуда се две крајни спротивности: жената е пример на пожртвувана љубов, а Јуда е пример на саможивост и егоизам. Таа не жали најскапоцена жртва за да покаже љубов кон Господа, а Јуда од ништо не се срамува и не се плаши, за да ја задоволи љубовта на Мамона (Мамон бил бог на богатството и парите). Таа го излила скапоценото миро, па дури и садот го скршила, давајќи се што има за Бога, а тој, бидејќи среброљубец само за 30 сребреници го продаде Господа, бесценетиот.
Христовото помазание во Витанија била слатка капка, а Јудиното предавство, горка капка во чашата Господова. Овие две личности, засекогаш остануваат претставници на двете групи луѓе, кои различно приоѓаат кон Господа и кон спасението на душата. Блажени Теофилакт Охридски вели да се срамат сите кои претпочитаат нешто друго повеќе од Христа, па дури ни сиромасите. Еве, овде лично Господ Исус Христос покажал дека повеќе го цени служењето Нему, отколку на сиромасите.
Заговор за убиство
Јудејците се договориле да Го убијат. Библискиот текст вели: „По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници; а првосвештениците и книжниците сакаа да го фатат на измама и да го убијат; но велеа: ,На празникот не, за да не стане бунт меѓу луѓето‘ “ (Матеј 26,3-5; Марко 14,1-2).
Заговорот против Христа првосвештениците и книжниците го направиле во средата пред Пасха. Овој настан што се случил тогаш е причина во Црквата Христова среда да биде ден определен за пост, бидејќи тогаш Господ Исус Христос бил предаден и првосвештениците и книжниците се договориле да го фатат, лажно да го обвинат и да го осудат на смрт, распнувајќи го на крст. А во петокот бил паспнат. Непријателите сакале да го исползуваат предпразничното време, пред Пасха да го фатат и убијат, за да можат ослободени од Него да ја прославуваат Пасха. Господ Исус Христос, пак, го определил времето на Своите страдања и според промислата на Светата Троица, Он бил распнат спроти Пасха, затоа што Он Самиот е вистинската Пасха.
Овде е забележано дека првосвештениците и книжниците донеле најконкретна одлука: Исус мора да биде фатен и убиен, и тоа, што е можно побрзо. Ним им недостасувало само погодно време тоа да го извршат. Тие, отишле дури дотаму во гревот, така што, на нивната морална и верска содржина, не им пречело убиството на Христа и биле согласни Он да биде убиен дури и на Пасха, не сметајќи дека со тоа ќе го осквернат праз¬никот. Тоа не им пречело, туку биле загрижени, од практични причини, „за да не стане бунт меѓу луѓето“. Тие се договориле „да го фатат на измама“, затоа што немале вистин¬ска причина со која би Го обвиниле, осудиле и убиле.
Јудиното предавство на Христа
Јуда Го предал Господа за 30 сребреници (Матеј 26,14-16; Марко 14,10-11; Лука 22,1-6; Јован 13,2,27). Во Евангелието е запишано вака: „Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетте, отиде кај првосвештениците, за да им Го предаде. А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат сребреници. И бараше погодно време, за да го предаде“ (Марко 14,10-11).
Јуда отишол кај првосвештениците со намера да им го предаде Господа Исус Христа.
„Отиде“ – значи отишол сам, без некој да го повика, односно, првосвештениците не го повикале, па дури и тие биле изненадени од неговата постапка. Јуда, всушност, им ја олеснил нивната работа.
Што го натерало Јуда да „отиде при првосвештениците“?
Светиот евангелист Лука вели: „Влезе сатаната во Јуда“ (Лука 22,3), се разбира по негово допуштање и според слободната волја на апостол Јуда, бидејќи сатаната нема таква сила и моќ, без наша волја да раководи со нас, туку ние, со нашата слободна волја, му допуштаме. Светите отци истакнуваат уште една причина за желбата кај Јуда да го предаде Христа. Имено, сè до тој момент Јуда се двоумел дали Христос ќе биде Јудејски цар на земјава или не. Јуда повеќе посакувал Исус да биде политички цар. Зошто? За да добие некаква важна функција во државната власт. Но, неговите планови пропаднале кога видел дека Учителот се подготвува за страдање, за смрт и тогаш веќе, конечно ја изгубил сета надеж. Почнал да си размислува за себе и си велел дека од Христа не ќе може ништо повеќе да добие, а можел да биде само гонет, па затоа решил да искористи барем нешто, а тоа било да го предаде Христа и за тоа да земе некоја награда во пари. „И рече: ,Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?‘ А тие му предложија триесет сребреници“ (Матеј 26,15).
Евангелието мудро ги открива работите. Забележуваме дека Јуда во оваа реченица не сака ни да го спомне името на Спасителот. А, не спомнува и никаква цена, туку, едноставно, си вели: дајте колку ќе дадете. Тој, пак, бидејќи не предложил цена за Исуса, тоа веднаш го направиле првосвештениците и „му предложиле триесет сребреници“. Тоа значи дека Исус е потценет и вреднуван само колку еден најобичен роб.
Евангелскиот текст спомнува дека тие му ветиле „да му дадат сребреници”, од што, јасно заклучуваме дека Јуда се одлучил на предавство затоа што бил среброљубец и алчен за пари. Откако видел дека неговите надежи се завршени и дека играта во своите мисли, дека ќе биде важна личност во земното царство на Господа Исуса Христа е неисполнлива, а наскоро ќе нема и пари во ковчежето од каде што ќе може да краде, се одлучил да се откаже од Христа, да им го предаде на јудејските старешини, да се приврзе кон нив и да ја задоволи својата среброљубива страст, земајќи дури и толку малку пари. Според текстот од Евангелието според Матеј, точно се наведува ветениот износ што му го дале првосвештениците на Јуда: „30 сребреници“ (Матеј 26,15 сп: Зах. 11,12).
Во Втората книга Мојсеева се спомнува дека износот од 30 сребреници претставувала цена определена како “крварина” за еден ненамерно убиен роб, како што е запишано: “Прободе ли, пак, волот роб, или робинка, тогаш на господарот нивни да му се платат триесет сикли сребро, а волот да се убие со камења” (2. Мој. 21,32). Исто така, познато е дека цената на еден најлош и безвреден слуга изнесувала 30 сребреници. Таа цена била определена и за Господа Исуса Христа во пазарот меѓу Јуда и првосвештениците. Откако ја договориле цената, и Јуда и свештениците, потоа, само барале „погодно време“ за да го исполнат договореното. Чудно било задоволството што го чувствувале и Јуда и свештениците!
Јуда ја задоволил својата среброљубива страст и чувствувал задоволство како што чувствува пријатност алкохоличарот од голтката алкохол, клептоманот од украденото итн.
Првосвештениците, пак, биле задоволни што можеле така безвредно да Го добијат галилејскиот Учител и уште еднаш да им се потврди нивната мисла дека парите можат сè и дејствуваат секаде, па дури и меѓу Христовите ученици.
Синедрионците сакале да Го понизат Христа со цена за роб, иако можеле да понудат повеќе за бараниот Човек, а таквата „услуга“ чинела многу повеќе!
Кој бил Јуда? Јуда бил Христов апостол. Човекот што одел постојано со Господа Исуса Христа и дење-ноќе, го слушал Евангелието, ги гледал чудата и добрините што ги правел Господ и знаел сè што треба да прави, го знаел доброто, а го извршил злото. Тој е пример за отстапништво. Пример колку може човекот да падне и да се оддалечи од Бога. Пример како праведникот може да постане грешник, апостолот – предавник.
Среброљубието, парољубието, материјалноста, овоземното богатство и слава, злобата и зависта, му го обзеле неговото срце и тој станал предавник. Кога човекот ќе го опфатат тие гревови и пороци, тогаш, од таквиот може да пострада секој, па дури и Господ Кој бил единствено безгрешен во светов.
Зошто и како можел Јуда да го предаде Господа, кога тој бил избран за апостол од Христа? Тоа покажува дека Бог, повикувајќи ги луѓето кај Себе, не им наложува ништо насила и не ги принудува, не ја присилува нашата волја, туку ја почитува нашата слобода и нè остава самите, со нашата слободна волја, да се определиме за доброто. Притоа, Бог само ни помага да се насочиме кон тоа, нè упатува, советува, помага, се грижи и сака да ја побуди нашата волја кон доброто и да станеме добри, но Он не одлучува, туку ние. Ако и покрај сè, некои не сакаат да бидат добри, нив Бог не ги принудува.
А, ако Бог принудува, тогаш каква е нашата заслуга? Зошто тогаш да бидеме наградени за направеното добро, ако не е наша одлуката за тоа? Со кое право, пак, би нè казнувал за злото, кога Он е Којшто одлучува? Ние не сме виновни. Тогаш ние не сме ни за казна, ни за награда.
Господ Исус Христос знаел кој го предал. Знаел дури и пред да го предаде. Тоа го покажал на Тајната вечера. Прекрасно објаснување на овие евангелски содржини има во богослужбата на Велики Четврток вечерта, ако внимателно ги слушаме антифоните.
Со Велика Среда се завршува редот на великопосните богослуженија и особености. Тогаш, последно се служи Предосветена Литургија и се прават длабоки поклони при пеењето на: „Нека биде благословено името Господово“…– (Буди имја Господне…).
Некаде, особено по манастирите, и на Велика Среда се извршува чинот простување, како на Прочка.
Со богослужението на Велика Среда, завршуваат и великопосните Големи повечерија со поклони, како и читањето катизми на утрените богослужби, на часовите и на вечерните богослужби. Од овој ден до Томина недела не се богослужи Полуноќница (Полноќна богослужба).
-
Гостиварпред 3 месеци
Распоред на свештеници за Задушница во Гостивар
-
Што, како, каде?!пред 1 месец
Во Гостивар отворен нов салон за убавина „Beauty Room Stella“ – Жените го заслужуваат најдоброто!
-
ФОТО ВЕСТпред 3 месеци
ФОТО ВЕСТ: Гостиварските советници ги обоија дланките како симболична поддршка за лицата со ретки болести
-
Македонијапред 1 недела
9 мај – Ден на победата над фашизмот
-
Македонијапред 1 месец
Православен празник Цветници, предвесник на Велигден
-
Македонијапред 1 месец
Денеска е Лазарова сабота во спомен на чудесното воскресение на Лазар извршено до Исус Христос
-
Видео емисиипред 3 месеци
ВИДЕО | Вештините на мечувањето во Гостивар – На тренинг со клубот „Витез“
-
Видео емисиипред 2 месеци
ВИДЕО | Осмомартовско интервју со д-р Елеонора Спасовска, специјалист радиолог