Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше, има 522 активно заразени со коронавирус. Секојдневно се бележат високи бројки на новозаболени, а расте потребата за хоспитализација на пациенти. Инфективното одделение во гостиварската болница е целосно исполнето. За да се обезбеди згрижување на сите пациенти на кои им е неопходно болничко лекување, дел од интерното одделение е пренаменето во ковид центар. Таму од неделава се примаат пациенти, а работата се организира под посебен протокол, да не дојде до мешање на заразените со останатите болни.
Директорот на болницата Јакуп Јакупи вели дека со ваквата реорганизација обезбедени се дополнителни 36 кревети за пациенти со ковид, што за сега ги задоволува потребите.
„Бевме приморани да го зголемиме капацитетот, поради енормниот раст на заразени. Со вклучување на дел од интерното одделение во хоспитализација на ковид пациенти, мислам дека создадовме услови за пациентите и за доторите да им пружат помош каква што им е потребна. На интерното имаме услови и за терапија со централен кислород“, рече Јакупи
Инфективното заедно со пренаменетиот дел од интерното одделение во болницата во Гостивар заедно имаат капацитет за лекување на 70-тина болни од ковид.
Дополнителни легла ќе се обезбедат и во некогашна дијализа, но за пациенти со полесна клиничка слика, со оглед дека објектот нема услови за централен кислород.
Од почетокот на пандемијата во трите општини од почирокиот гостиварски регион биле дијагностицирани вкупно 1658 лица. Вирусот завршил со смртни последици кај 72 пациенти.