Симптомите на сезонскиот грип и настинките се слични со оние на коронавирусот, па граѓаните кои добиваат покачена температура, болно грло, малаксаност и слично сакаат да се осигурат за дијагнозата преку тестирање. Во Гостивар се бара ковид тест повеќе. Изминатиот период епидемиолошката служба земаше и до 90 брисеви дневно. Во лабараторијата пак на Здравствениот дом во Гостивар, се прават од 25 до 30 брзи антигенски тестови. Иако, закажувањето мора да оди преку матичните лекари некои граѓани самоиницијативно дирекно одат во лабараторијата и бараат да се тестираат.
„Има и случаи кога граѓани доаѓаат самоиницијативно да се тестираат, дури бараат и да го платат тестот на приватно, но мора да нагласам дека тоа не е можно. Брз ковид тест е само со закажување преку матичен лекар, кој со посебен алгоритам долучува кој пациент да го препрати на брз тест.“, вели д-р Абдулкадир Алији, раководител на лабораторија-Здравствен дом Гостивар.
Во однос на брзите тестови матичните лекари може да ги закажат само доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има симптоми на вирусот, не повеќе од 5 дена.
До сега Гостивар доби 250 брзи тестови. Лекарите сметаат дека се потребни поголем број на тестови, за да се опфатат повеќе пациенти со симптоми, со што позитивните навреме ќе се изолираат.
Гостиварскиот регион моментално е со 856 активно заразени со коронавирус.