Во екот на летната туристичка сезона, инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, спровеле вонредни контроли во хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, во маркети и во други објекти каде се подготвува, послужува или се продава храна во туристичките центри Охрид, Струга и Дојран. „Спроведени се вкупно 124 контроли во 55 објекти при што се констатирани недоследности кои се однесуваат на нехигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење на задолжителните здравствено – хигиенски прегледи на вработените. Со контролите утврдено е дека дел од операторите со храна немале уверенија за извршена обука од областа на безбедноста на храната и неуредно и нередовно воделе евиденција согласно пропишаните процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса. За констатираните недоследности издадени се 23 решенија за нивно отстранување, издадени се вкупно 36 покани за едукација, а изречена е и една парична казна. Како небезбедни уништени се 25 килограми храна (10 килограми мелено месо и 15 килограми пилешки стек).“, извести Агенцијата.
Од таму наведуваат дека покрај вонредните, засилени контроли во туристичките центри, од страна на инспекциските служби зајакнати контроли се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места.
Надлежните апелираат граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават во Агенцијата.