Полицијата на гостиварското подрачје ги заостри контролите околу почитувањето на антиковид мерките во делот на задолжително носење на заштитна опрема на лицето.
Според податоците од Секторот за внатрешни работи во изминатите три дена (петок, сабота и недела) вкупно биле казнети 108 граѓани затоа што не носеле маски. Најголемиот број од прекршоците се утврдени во возила, каде се превезувале повеќе лица кои не се од исто семејство, а никој не носел маска.
Полицијата повторно апелира граѓаните да се придржуваат до мерките, за да се намали ризикот од ширење на коронавирусот. Предупредуваат да нема групирања и да се користи заштитна опрема на носот и устата.
Казните за неносење маска изнесуваат 20 евра, а доколку се плати на лице место тогаш сумата е 10 евра.
Засилени контроли на територијата на целата држава најави и Државниот пазарен инспекторат.
„Со оглед на трендот на зголемување на бројот на заболени од вирусот КОВИД-19, апелираме граѓаните, како и трговците, да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот, со цел да се спречи негово ширење. Сите инспекциски служби се постојано на терен и ќе продолжат и во следниот период со интензивни контроли во делот на почитување на здравствените протоколи.“, соопштија од ДПИ.