Гостивар
Заврши петтата Малореканска летна школа – „По патеките на Дичо Зограф“

Бигорскиот Манастир во изминатите денови беше домаќин на значаен културно-научен настан – петтата Малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“, која посветено се занимава со духот на мијачката уметност и култура и е посветена на истражувањето на делото на еден од најголемите македонски зографи – Дичо Зограф.
Под покровителство на Институтот „Цветан Грозданов“ при МАНУ, школата беше организирана со поддршка на здружението на граѓани „Брзовец“ од село Тресонче, Општина Маврово-Ростуше и со благослов на игуменот на Бигорската Обител, епископот Антаниски г. Партениј.
Програмата за оваа година опфати научни и едукативни сесии посветени на уметноста, архитектурата и духовното наследство на мијачкиот крај, кои се одржаа на неколку локации во мијачкиот крај, и главно во Бигорскиот манастир.
Свеченото отворање се одржа на 1 септември во црквата „Свети Петар и Павле“ во Тресонче. Присутните имаа можност да ја проследат промоцијата на Зборникот на трудови „По патеките на Дичо Зограф“, кој беше промовиран од проф. д-р Ненад Макуљевиќ.
Во текот на следните денови, вечерните сесии што се одржаа во Бигорскиот Манастир опфатија предавања од реномирани истражувачи, меѓу кои д-р Љупчо С. Ристески, д-р Сашо Цветковски, д-р Ненад Макуљевиќ и д-р Ивана Женарју Рајович. Темите што беа обработувани вклучуваа истражувања за културно-историските карактеристики на Мијачијата, за иконографијата на Дичо Зограф и за неговото наследство, како и за улогата на мијачките зографи во македонската и во балканската уметност.
Покрај научните сесии, учесниците на Школата ја посетија и изложбата посветена на резбаниот иконостас на Петре Филиповски Гарката во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Гари, како и значајните културно-историски споменици во регионот, вклучувајќи ги црквите „Свети Велкомаченик Георгиј“ во Лазарополе и „Свети Ахилиј Лариски“ во село Требиште. Овие посети беа придружени со стручно водство и дискусии за архитектонските и уметничките вредности на овие свети храмови и споменици.
Школата заврши со заклучна сесија, на која повторно беше истакната важноста на зачувувањето и промоцијата на духовното и културното наследство на мијачкиот крај. Културниот центар „Дичо Зограф“, во неговото родно Тресонче, чие целосно опремување се очекува да заврши до крајот на годинава, останува клучна платформа за истражување и претставување на ова уникатно наследство.
Овој настан не само што ги привлече научниците и уметниците од регионот, туку и ја истакна важноста на мијачкиот крај и на Бигорскиот манастир како негов центар и како еден од столбовите на нашата културна историја, потенцирајќи ја потребата за зачувување и промоција на богатото духовно наследство.
фото:Бигорски манастир
-
Гостиварпред 3 месеци
Распоред на свештеници за Задушница во Гостивар
-
Што, како, каде?!пред 2 месеци
Во Гостивар отворен нов салон за убавина „Beauty Room Stella“ – Жените го заслужуваат најдоброто!
-
ФОТО ВЕСТпред 3 месеци
ФОТО ВЕСТ: Гостиварските советници ги обоија дланките како симболична поддршка за лицата со ретки болести
-
Македонијапред 2 недели
9 мај – Ден на победата над фашизмот
-
Македонијапред 1 месец
Православен празник Цветници, предвесник на Велигден
-
Видео емисиипред 3 месеци
ВИДЕО | Вештините на мечувањето во Гостивар – На тренинг со клубот „Витез“
-
Видео емисиипред 3 месеци
ВИДЕО | Осмомартовско интервју со д-р Елеонора Спасовска, специјалист радиолог
-
Македонијапред 1 месец
Денеска е Лазарова сабота во спомен на чудесното воскресение на Лазар извршено до Исус Христос