Поврзи се со нас

Македонија

Зошто Велигден не е секоја година на ист датум – како се пресметува?

Објавено

на

Сите знаеме дека Велигден е празник со непостојана дата за празнување. Празник неврзан за датум. Тој е секогаш во недела, но која недела и на кој датум? Денот не го менува, а датумот го менува. Може да биде во април, а и во мај. Зошто е така и како се определува тоа?

Временското растојание, од кога до кога може да се падне Велигден е определено и тоа се движи од 4 април до 8 мај, односно, најрано: три дена пред Благовец, а најдоцна: два дена по Ѓурѓовден. Тоа значи дека Велигден може да се падне на 35 различни датуми.

Велигден е Празник над празниците. Тој не се вбројува во ниедна група на празници, бидејќи му нема рамен на него – тој е над сите. Но, со Велигден се поврзани најмногу празници во годината. Тие произлегуваат од него – или му претходат, како подготовка за празникот. Тие постојат од неговото постоење. И едните и другите се датираат според Велигден. На пример, најконкретно и неиздвоиво се поврзани со Велигден празниците 50 дена пред него и 50 дена по него. Секогаш, педесеттиот ден пред Велигден е Прочка и секогаш педесеттиот ден по Велигден е Дуовден (Педесетница). Потоа, празниците по Дуовден се нарекуваат недели по Дуовден, од првата до триесет и првата – втората, но зар не е и тоа поврзано со Велигден, кога Дуовден се определува според Велигден? Тој му ги отстапил тие недели на Дуовден. А и Спасовден е секогаш на 40 ден по Велигден, Цветници е неделата пред Велигден, а саботата е Лазарева сабота итн.

Е сега, замислете, сите тие празници – толкав број на празнувања, зависат од определената дата за Велигден. Тие постојат за него и ќе се празнуваат кога ќе каже тој. А кој кажува кога ќе биде Велигден и како тоа го определува?

Светата Црква кажува кога ќе биде Велигден и тоа го определила за сите и за секогаш, на два Вселенски собора: на Првиот и на Шестиот.

Во почетокот на христијанството, уште веднаш почнало да се празнува Велигден. Тоа е првиот празник на христијаните. Најстариот празник. Почетниот празник. Но, во првите векови, немало ускладеност и еднообразност во празнувањето. Не го празнувале Велигден сите во исто време. Така било цели три века.

Христијаните на Исток, во Азија: Ерусалимската, Антиохиската и Александриската црква го празнувале Велигден во исто време и на ист датум, но другите не. Тоа бил датумот на Старозаветната Пасха. Велигден се празнувал секогаш на 14 ден од првиот пролетен месец, без разлика во кој ден од седмицата ќе се падне тој датум. Значи, Велигден можело да падне и во петок и во вторник… А, уште повеќе што тоа било истовремено празнување на Велигден со Јудејската Пасха.

Христијаните, пак, во Европа велеле дека е неприлично да го славиме нашиот најголем празник Велигден, заедно со најголемиот празник на Евреите – Пасха. Затоа, се определиле да го слават Велигден секогаш во неделниот ден по првата пролетна полна месечина. Тоа значело дека Велигден ќе биде секогаш во недела.

Зошто во недела?

Затоа што во тој ден Христос воскреснал. Воскреснал во недела и треба да се празнува во недела.

Поделбата започнала. Настанале спорови, расправии, кавги, непријателства и прекари, именувања едни кон други: едните ги викале „кватродецими“, на латински, што значи „четиринаестодневници“, другите „доминикани“ – „неделници“.

Значи, календарското неединство е од дамнина. Не е нешто ново и нешто што ни се случува нам, сега, туку постоело со векови.

Овие две различни празнувања на Велигден постоеле во првите три века, па дури на Првиот вселенски собор, во 325 година, било поставено и решавано прашањето за едно и заедничко празнување на Велигден за сите христијани. Соборот донел одлука: Велигден да се празнува насекаде во првата недела по Пасхалната полна месечина. Тоа, веднаш значело дека Велигден ќе биде секогаш по јудејската Пасха. Не треба да биде заедно со неа.

Значи, Соборот ги определил: Денот – недела; периодот – пролет;  денски, сонцев знак – пролетната рамнодневница; ноќен, месечев знак – полна месечина, првата полна месечина во пролетта, по пролетната рамнодневница; споредбен празник – Пасха јудејска, секогаш во неделата по неа, но никогаш со неа, ни пред неа. Таа е старозаветна, а Велигден новозаветен. Таа претходи, а Велигден следи. Тој е Новата Пасха.

Ова правило од Соборот важи и до ден денес. Тоа не се темели на ничија мудрост или било каква поврзаност со нешто и со некого, освен со законите на вселената. Богомудро решиле светите отци и го поврзале Христовото воскресение со вселената, што значи дека тоа е од вселенско значење – за сите луѓе и за цел свет. Велигден е дел од космосот и тој е неодвоиво поврзан со космичките движења, од дневното вртење на Земјата околу Сонцето. Тоа движење е непрестајно и ни ја претставува вечноста, и најголемиот христијански празник Велигден е слика на вечноста. Воскресението Христово и Распнувањето е со значење за целата вселена, за сето време и за вечноста.

Тоа се решило така и започнале сите да празнуваат на ист ден. Настанало единство во сето христијанство – единство за Празникот над празниците. Но, не за долго. Всушност, уште веднаш се појавиле разлики по прашањето за часот и времето од денот. Спореле: Кога да почне празникот? Во недела, ама кога во недела? Имено, западните христијани – Римската црква рекла дека на полноќ се објавува Воскресението Христово и започнува Велигден. Буквално, на почетокот од денот недела. Христијаните на Исток, пак, започнувале еден час по полноќ, а некои, пред зори – во 4 часот наутро, по европско време. Оваа различност продолжила нови три и пол века.

Дури на Шестиот вселенски собор, во 680/81 година, повторно било поставено за решавање разногласието за почетокот на Велигден. Соборот одлучил: Велигденскиот пост престанува на полноќ на Велика сабота и започнува Велигден на полноќ, веднаш, штом влегува во недела (89 Правило на Соборот).

Оттогаш настанала истовременост на празнувањето.

Започнала секаде еднообразност за Велигден.

Христијанскиот свет имал ист празник, во исто време и час. Големината на Најголемиот празник се зголемила и со единството во празнувањето на празникот.

На полноќ, Црквата ги собира христијаните во едно празнување на Празникот над празниците.

Зошто така одлучил Соборот?

Зошто на полноќ веднаш, а не дента?

– Светите отци сакале да биде празникот, колку е можно, најблиску до времето на Христовото воскресение. Но, нам не ни е кажано точно времето и часот кога Христос воскреснал. Тоа не го пишува во Библијата. Евангелијата ја премолчиле оваа точност.

Тогаш, како определувале на Соборот?

Какво е објаснувањето?

Точно е дека во евангелските текстови не се спомнува часот на Христовото воскресение, но се даваат одредени временски ориентири. На пример, за жените мироносици се вели дека „во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето“ (Марко 16,2). Во Евангелието според Матеј пишува: „Кога измина саботата, на осамнување“ (Матеј 28,1). А Лука запишал: „Многу рано тие дојдоа на гробот“ (Лука 24,1). И најпосле, Јован, којшто последен го напишал Евангелието и ги прочитал претходните, запишал: „уште дури беше темно“ (Јован 20,1). Но, никој не вели: на полноќ. Можно е целото време од полноќ до 3-4 часот наутро, пред да зазори. Така е. Временска точност нема.

Тогаш што нè води кон полноќта? Еве што. Прво, сигурно е дека тоа не се случило денски. Ова е јасно, бидејќи жените мироносици пошле „уште во темно“, а Христовото тело веќе не било во гробот и ангелот Божји што стоел кај влезниот камен рекол: Христос воскресе.

За моментот на Христовото воскресение не е напишано, но за доаѓањето на ангелот Божји, којшто ги пречекал жените мироносици кај празниот гроб, се вели: „Стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото…, а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви “ (Матеј 28,2-4). Ним им е допуштено да го видат само ангелот и тоа во неопислив страв и трепет, а не и воскресението. Тоа и не можеле да го видат, не само тие, туку и никој со човечко око. Дури и најизбраните тројца апостоли: Петар, Јаков и Јован, кои ги зел Христос со Себе на Преображението, биле заслепени од Божјата светлина и ничкосани до земја, не можеле да видат ништо, а не стражарите. И, сепак, тоа било само Неговото преображение, а не Воскресението. Кој можел да ја поднесе таа светлина? Стражарите одвај го издржале јавувањето на ангелот Божји, а не… Потоа, во страв избегале и право отрчале кај првосвештениците да им кажат. Кога дошле жените, нив веќе ги немало таму. Сето ова траело некое време. Изминале неколку часа. В зори веќе било сè готово.

Значи, настанот се случил порано, а можело и на полноќ, но сигурно не пред полноќ, вели светата Црква. Не пред полноќ, затоа што рекол Христос дека ќе остане во срцето на земјата, како што беше Јона во утробата на китот три дни (Матеј 12,40; Јона 3,5 сп. Матеј 26,61; 27,40; Јован 2,19). Бројот три има симболика на потполност, целина и довршеност. Народите на Исток, па и Евреите, верувале дека душата на покојниот два дена останува во близина на телото, а во третиот ден заминува. Тоа е уште еден доказ дека Он бил мртов и душата си заминала од кај телото. Не било тоа клиничка смрт или времена несвесност, туку вистинска смрт и умирање, вистинско погребение на мртвото тело и висинско воскресение.

Сподели ја веста:
„МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Фејзи и Ѓурчиновска | ЖЕНИТЕ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ
Прочитај повеќе
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Огласи за вработување:

- Монтенегро ДОО Гостивар
- Клуб Спорт 77
- Млекара Маврово с.Ижиште
Гостиварпред 8 часа

Со љубов и почит кон корените – „Танец“ одржа концерт во Гостивар

Гостиварпред 2 месеци

Водици 2024 Гостивар: Осветени водите на Вардар – Бог се јави, Навистина се јави!

Гостиварпред 2 месеци

Ангелчињата во Гостивар го најавија Христовото раѓање-Бадникова поворка 2024

Спортпред 3 месеци

По првиот круг од сезоната КК Гостивар „виси“ на 8-та позиција на табелата

Спортпред 3 месеци

Кехинде од пенал му пресуди на Македонија Ѓорче Петров 1-0

Гостиварпред 6 месеци

Стефановски: Гостивар одличен како домаќин и публика, благодариме од срце!

Спортпред 6 месеци

ФК Гостивар загуби на домашен терен од Силекс 1-2

Гостиварпред 7 месеци

Осветена црквата „Св.Климент Охридски“ во Пожаране: Да го чуваме православието, секој храм е парче небо на земјата!

Гостиварпред 7 месеци

Гостивар домаќин на атрактивна Меѓународна изложба на кучиња со учесници од 25 земји

АНКЕТА:

Дали ќе гласате на претстојните ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ и ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ 2024?
Advertisement

Популарно изминативе 100 дена