Сторија од Гостивар: Тежок е животот на слепите лица, со милион препреки, вели Ненад Ристески

„Тежок е животот на слепите лица“, со овие зборови Ненад Ристески, гостиварец со оштетен вид, почна да ни раскажува за своето секојдневие, маките и предизвиците со кои се соочува, но и напорите кои ги вложува за да се подобрат состојбите. Тој вели: „Кога се движам низ град, има еден милион препреки. На пример, нема патеки за слепи. И таа една што беше поставена на шеталиштето на Вардар е уништена. Звучна сигнализација има само на еден семафор, на кружните текови нема никаква сигнализација, а луѓето не покажуваат никаква култура. Кога ќе го кренам стапчето на поминување улица многу возачи и не застануваат со автомобилите, има паркирани возила насекаде, не може да се помине. Па, често се случува кога се движам по тротоар, минувачите да се туркаат во мене, како тие да не гледаат. Да не зборувам колку опасност имаме на улица од кучињата скитници, стапчето ги привлекува, само да чукнеме тие се нафрлаат. Јас лично имав таков страшен напад од куче.“