Живот
„Две униформи, едно срце“ – Осмомартовско интервју со САЊА АДАМОВСКА
8 Март е ден кога вниманието се насочува кон жените, нивните приказни, успеси и предизвици. Наместо вообичаени честитки, Gostivarpress.mk овојпат реши да го насочи вниманието кон една млада жена чија истрајност и посветеност се гледаат на спортскиот терен.
Сања Адамовска, родена во Гостивар, со години е едно од најпрепознатливите имиња во македонската женска кошарка. Низ клубовите ЖКК Гостивар, ЖКК Бадел 1862 и Баскет Кам, таа изгради кариера исполнета со титули, индивидуални признанија и континуирани настапи во националниот дрес.
Паралелно со спортската кариера, Адамовска гради и професионален пат во областа на психологијата – насока во која го гледа својот иден придонес во спортот и општеството. Во иднина таа ќе го применува своето знаење како психолог во Армијата на Република Македонија, каде психолошката подготвеност, дисциплината и менталната стабилност имаат особено значење.

Кога и како започна твојата приказна со кошарката – љубов на прв поглед или постепено градење на страста?
Мојата приказна со кошарката започна сосема случајно, пред околу 16 години. Дефинитивно не беше љубов и желба на прв поглед. Се отвори кошаркарска школа во моето маало, па бидејќи целото друштво се пријави да членува во клубот, „приморана“ бев и јас. Првиот мој коментар беше: „Немам попаметна работа, ќе трчам по една портокалова топка.“ На инсистирање на татко ми, само да пробам и да видам како е, заминав на првиот тренинг. И еве ме – 16 години подоцна, сè уште трчам по истата портокалова топка. Љубовта кон кошарката ми ја пренесе мојот прв тренер, Серафимоски Крсте. Од година во година, од тренинг на тренинг, од натпревар на натпревар, љубовта стануваше сè поголема. И ден-денес, истата страст и љубов кон кошарката ме водат низ животот.
Како е да се биде жена кошаркарка во Македонија?
Кошарката во Македонија во минатото воопшто не беше развиен и познат спорт, особено женската кошарка. Во последните неколку години таа почна постепено да доаѓа до израз, да добива медиумска покриеност и да станува попрепознатлива за публиката. Немаме голем простор за развој и напредок, бидејќи лигата со години наназад е значително ослабена. Голем минус е и тоа што клубовите ретко, или воопшто, не се натпреваруваат надвор од границите на државата. Сепак, за мене е чест и привилегија да бидам кошаркарка во Македонија. Уживам во тоа што го правам. Малечка земја сме, но со огромен талент и потенцијал за работа.

Колку е тешко да се изгради кариера како репрезентативка во услови каде женскиот спорт често е во сенка?
Да се биде репрезентативка во услови каде женскиот спорт е во сенка е мошне тешко, но не и невозможно. Желбата да докажеш дека вредиш е мотивот што те води во тие моменти. Тоа е пат исполнет со предизвици – финансиски, медиумски и општествени – но и со силно чувство на мисија и вредност. Како земја, често сме потиснувани од помислата на помала вредност. Тешко е да се избориш со тоа, но многупати сме биле блиску до докажување дека вредиме и дека можеме. Затоа, прашањето не е само „колку е тешко“, туку и „колку сме како општество подготвени да инвестираме во еднакви можности“.
Што те научи кошарката за животот, а што не можеше да го научиш во училишните клупи?
Би можела многу да зборувам за тоа што ми донесе и на што ме научи кошарката. Најпрво ме научи на дисциплина, одговорност, истрајност, борбеност, желба за секојдневно подобрување и напредок, самокритичност. Ме научи да споделувам, да прифатам пораз и од него секогаш да ја извлечам најголемата поука. Ме охрабри самоуверено да чекорам во секое поле од животот – нешто што во училиште не се ни потрудиле да го опфатат и разработат во секојдневните лекции. Исто така ме научи дека, што и да се случи, никогаш не сум сама – има некој што ми го чува грбот. Ми подари луѓе, пријатели што веќе не се само пријатели, туку семејство. Не едно, туку повеќе.

Што би променила во македонскиот спорт за жените да добијат поголемо признание?
– Поголема медиумска застапеност. Женските екипи и спортистки ретко добиваат простор во медиумите. Натпреварите во женските лиги треба почесто да се пренесуваат, а успесите да се истакнуваат подеднакво како и машките.
– Еднакви услови и финансиска поддршка. Женските клубови често имаат помали буџети, послаби услови за тренинг и пониски награди.
– Повеќе жени во спортското раководство: претседатели на федерации, тренери, спортски директори, спортски новинари. Кога жените учествуваат во одлучувањето, полесно се создава рамноправност.
Како и зошто психологијата влезе во твојот живот?
Психологијата ми стана омилен предмет во средношколските денови. Отсекогаш ме интересирало како функционира човечкиот мозок и кои процеси се одвиваат во него и во нас во одредени моменти. Освен општата психологија, најмногу ме интересираше спортската психологија, па со желба да се надоградувам во тој правец одлучив да се запишам на Институтот за психологија при УКИМ. Иако во Македонија психологијата сè уште е табу-тема, очекувам период кога ќе се прифати како наука и ќе почне да се применува во секојдневието. Спортската психологија е нешто што сериозно недостига во нашиот спорт. За жал, кај нас многу повеќе внимание се посветува на физичката отколку на психолошката подготовка – да не кажам дека на психолошката речиси и не се обрнува внимание. Кога психолошката и физичката подготвеност ќе дојдат на исто ниво на важност, ќе имаме врвен спорт во државата.

Како дојде до одлуката да се приклучиш на Армијата на Република Македонија?
Одлуката да конкурирам на конкурсот за стручно оспособување и усовршување на офицери за потребите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија ја донесов многу лесно. Љубовта кон татковината и кон армијата ја наследив од мојот чичко, а желбата да се запишам на Воената академија постоеше уште во периодот кога одлучував на кој факултет ќе студирам. Во тој момент љубовта кон кошарката преовлада. Со овој конкурс добив можност да ги остварам и живеам двата сона – да играм професионално кошарка и да станам дел од армијата. Курсот го започнав минатиот месец и предвидено е да трае шест месеци. По неговото завршување се стекнуваме со офицерски чин и се распоредуваме по единици. Јас сум дел од групата за основна воена евиденциска специјалност со завршен факултет по психологија.
Која е најважната лекција што би сакала да им ја пренесеш на младите девојчиња кои сега почнуваат да тренираат?
Никогаш да не се откажуваат. Да си постават цел, да имаат сон и да го следат. Ќе има успони и падови, но најбитно е да сакаат да продолжат и да се борат за тоа што го сакаат и, пред сè, да уживаат додека го прават тоа. Само така ќе можат да го исполнат сето она што си го замислиле.
Која жена е твојот најголем херој во животот, а која жена во спортот ја доживуваш како најголема инспирација?
Жената што ја доживувам како најголем херој во животот е таа што, кога сите викале против мене, кога галамата на другите била прегласна и сакала да ме растревожи, стоела исправено и гласно навивала за мене. Чиј аплауз секогаш сум го слушала како да е единствениот што треба да се слушне. Таа секогаш со гордост ме бодрела во моите одлуки – како на терен, во кошаркарските сали, така и во животот. Таа жена е, секако, мојата мајка.
Жената во спортот што ја доживувам како инспирација поради сите нејзини постигнувања и признанија е Diana Taurasi.

Која ти е прва асоцијација за Денот на жената, 8 Март?
Тоа не е само датум во календарот, туку историски и општествен симбол што ја обединува борбата за еднаквост со славењето на женскиот придонес во сите сфери на животот. Борбеност, храброст, истрајност и пожртвуваност се првите епитети што ме асоцираат на 8 Март. Потсетник дека силата и нежноста можат да одат заедно.
Каде се гледаш себеси за десет години од сега?
За десет години се гледам како личност која успеала да исполни барем дел од своите цели и идеали, опкружена со своето семејство и најблиските роднини и пријатели, луѓе кои веќе прераснале во фамилија. Пензионирана кошаркарка или „ветеранка“, која можеби веќе зачекорила во тренерските води со поголеми предизвици.

Кариерата на Сања Адамовска е обележана со бројни титули, индивидуални признанија и значајни статистички достигнувања во македонската женска кошарка.
Во дресот на Баскет Кам Каменица, таа беше дел од генерацијата што ја освои „тројната круна“ во сезоната 2023/2024 – шампионатот, Купот и Суперкупот на Македонија. Претходно, со клубот беше освоена и двојна круна во сезоната 2022/2023.
Со ЖКК Бадел 1862 има три шампионски титули и еден освоен Куп.
Сезоната 2025/2026 е историска за неа и по статистичките достигнувања. Таа стана првата кошаркарка во македонската лига со два трипл-дабл учинка во една сезона, со натпреварите против Патриот и МЗТ Скопје.
Адамовска е и лидер во асистенции во лигата, со просек од околу седум асистенции по натпревар.
Паралелно, таа е и долгогодишна репрезентативка на Македонија, со настапи во квалификациите за Евробаскет 2021, 2023 и 2025/2027.
-
Животпред 3 месециМатуранти јубилејци од Гостивар: 60 години сложна генерација, емоции, вредности!
-
Културапред 3 месециОд спомените, преку првите раскази до книжевните признанија: Симона Јованоска за прв пат пред гостиварската публика
-
Гостиварпред 2 месециЗемјотрес во Гостивар!
-
Гостиварпред 2 месециКомуналец Гостивар: Водата не е безбедна за пиење!
-
Гостиварпред 2 месециГостивар од ноќеска без вода-Комуналец: Дефектот е саниран, водоснабдувањето наскоро ќе се нормализира
-
Што, како, каде?!пред 2 месециНа одмор без дефекти: Пет проверки на автомобилот што не треба да ги прескокнете
-
Културапред 2 месециГостиварскиот автор Љубомир Јованоски – Кара со нов роман: „Проклетството на суетата“ е приказна за власта, егото и човечките слабости
-
Културапред 2 месециНово книжевно дело на Дејан Крстески-Стихозбирка за човекот, отуѓеноста, внатрешните борби…
