Занимливости
„Може кафе?“ – навика, ритуал, традиција или уживање
Ритуал, традиција, уживање, социјализација, навика, рутина,… Кој може да го „собере“ сето ова во само еден филџан, ако не древниот пијалок – кафето. Вкус, мирис и арома што враќа во минатото, што потсетува на некои актуелни убави, па и лоши мигови, што те тера да се смешкаш на чудни, инспиративни идеи додека го „шмркаш“ или да „вртиш“ интересен муабет со семејството и пријателите.
Дома, на работа, во парк, на планина, по улици, во автомобил, на плажа, во авион, за „сиктер“…
Велат, кафе секогаш се пие во добро друштво, но денес, поради интензивниот начин на живот, не ретко сакаме да го испиеме и сосема сами.
Кафето е универзален јазик што го разбираат сите. Ги поврзува луѓето од сите земји. Со него го почнуваме денот, а знаеме многу малку – дека, на пример, во светски рамки е второ по водата во консумација и второ по нафтата во трговија или дека, на пример, зрното му е црвено, жолто или зелено.
Според Прирачникот за баристи што го издаде Институтот за туризам, едукација и менаџмент (ИТЕМ), во светот постојат повеќе од 120 видови кафиња. Најпознати се „арабика“ и „робуста“. За комерцијална употреба, во малопродажбата, најчесто се мешаат овие две. Се одгледуваат и најразлични подтипови, како „Бурбон“ и Тајпика“, а веќе има и хибриди добиени со вкрстување како што е „Мундо ново“.
Се смета дека дневно во светски рамки се пијат по три милијарди шолји кафе.
Најголеми консументи се земјите од ЕУ со 46,8 милиони вреќи (од по 60 килограми) годишно што е 28,1 отсто од глобалната потрошувачка. На САД отпаѓаат 16,1 процент со 26,9 вреќи, а на трето место е Бразил со 22,9 милиони вреќи или 13,7 отсто. Потоа следуваат Германија со 5,7 отсто, Јапонија со 4,7 отсто, Индонезија со 3,3 проценти, Франција со 3,2 отсто, Италија со 3,1 процент, Русија со 2,9 отсто и Канада со 2,4 проценти.
Кафето е и еден од најтргуваните земјоделски производи. Во 2017 година биле извезени 70 проценти од вкупната светска продукција која изнесувала 19 милијарди долари, а пазарната вредност на кафе-индустријата достигнала 83 милијарди долари. Притоа, овој сектор обезбедил работа за 125 милиони луѓе.
Етиопија – „мајка“ на кафето
Кафето е цветно растение во вид на грмушка. Ако е оставено слободно да расне, може да достигне висина над 15 метри. Но, за полесна берба, кога е култивирано, се остава до максимум два – три метра. Не е отпорно на студ и нагли температурни промени. Најчесто му се потребни три години за да го даде првиот плод. Основен елемент за преработка, а потоа и за консумација, е всушност зрното во плодот. Добро одгледувано кафе може да биде продуктивно 80 или повеќе години, но „економскиот живот“ на кафето е околу три децении.
Од производство до добивање краен продукт, кафето минува низ шест фази: садење и одгледување, жетва (рачна или машинска), постжетвен третман (сушење, делумно сушење, влажна обработка), печење, мелење и финален производ (кафе подготвено за пиење со различни методи).
Првите пишувани податоци поврзани со кафето се пронајдени во медицинските белешки на Авицена од 11 век, а зборот „кафе“ има арапско потекло. Притоа, се смета дека Етиопија е земјата во која е „родено“ кафето. Легендите велат дека од Етиопија, кафето било пренесено во Јемен, откако свештениците кои патувале низ Етиопија забележале дека нивните кози се свежи, витални и полни со енергија по консумирањето одредени грмушки кои всушност биле растенија кафе. Свештениците ги пробале „волшебните“ зрна и почувствувале слични ефекти како оние што ги забележале на козите.
Од Јемен, кафето пристигнало во Турција во 16-от век каде станало многу популарно. Во овој период биле отворени и првите кафетерии во Истанбул. Од Турција кафето продолжило да се „шири“ во Италија, Австрија, Франција, Германија и други европски земји. Велика Британија, Франција и Холандија потоа го пренеле кафето преку своите колонии во Африка, Азија, Јужна и Централна Америка, како и во Австралија.
Во светот се подготвуваат преку 100 типови кафе на најразлични начини
Како што е наведено во Прирачникот, во кафетериите најчесто се служат кафиња базирани на еспресо: американо, макијато, капучино, лате, виенско, ирско и мока, но во домашни услови, посебно кај нас и во останатите земји од регионот, незибежно е т.н. турско кафе.
Здравствени придобивки
Кафето содржи повеќе состојки, кофеин, танин, масти, јаглехидрати, протеини,… Кофеинот се создава во самото растение како природна заштита од штетници (птици, инсекти). Врз човекот, по пиењето кафе, кофеинот делува како подобрувач на физичките и когнитивните способности. Затоа, неговото внесување мора да биде умерено. Една шолја кафе содржи 75 – 100 милиграми кофеин, а Европската агенција за безбедност на храна препорачува внес на кофеин до 400 милиграми дневно. Според некои научни истражувања, кафето го намалува ризикот од мигрена, Паркинсова и Алцхајмерова болест, демециа, дијабетес тип 2, кардиоваскуларни и болести на црниот дроб.
Мирјана Чакарова
-
Гостиварпред 2 месеци
Инцидент во маркет во Гостивар
-
Македонијапред 2 месеци
Невработените со можност за бесплатни обуки и полагање за возачки дозволи за камион и автобус
-
Светпред 2 месеци
Во Словенија нови правила за странци за постојан и привремен престој
-
Гостиварпред 2 месеци
ПАТЕПИС: Во прегратките на Кораб – Светилиштата како вечност
-
Македонијапред 3 месеци
Ваучери од 250 евра за студенти за набавка на електронски уред и грантови за млади за старт на свој бизнис
-
Рецептипред 3 месеци
Домашна кремаста пилешка паштета – брз и едноставен рецепт
-
Вестипред 2 месеци
УЈП со важно известување за корисниците на МојДДВ
-
Гостиарскипред 2 месеци
Гостиварецот Деан Поповски победник во уникатното голф дерби во Белград