• Дата: 13/02/2018

Како вистински да се ужива во љубовта?

Дали е љубовта уметност? Доколку е уметност, таа бара знаење и труд. Или љубовта е пријатно чувство кое е резултат на чиста случајност, нешто што може да ни се случи доколку имаме среќа? Голем број луѓе проблемот на љубовта го сфаќаат како проблем  како  да се  биде сакан, а не како проблем на сакање, способност да се сака. Нивниот проблем е како да се биде сакан и како да се биде достоен за љубовта. За да ја постигнат таа цел момчињата и девојчињата се движат низ различни правци. Еден кој најчесто го користат момчињата е да бидат успешни, моќни и богати колку тоа им го дозволуваат границите на нивната општествена положба. Друг карактеристичен за девојчињата е себе си да се направат привлечни, со негувано тело, добро избрана облека. Останатите начини на постигнување на привлечност кои подеднакво ги користат и момчињата и девојчињата се состојат во усвојување на убави манири, развиваат интересни комуникации, скромност, добронамерност, спремност да се помогне. Она што голем број луѓе во нашата култура подразбираат да се биде достоен за љубов  во суштина е мешање на „да се биде популарен“ и „да се биде сексипилен“.

Љубовта е најпотполен и најплеменит од сите односи бидејќи го содржи најдоброто од сите:почитување, обожавање, пријателство, блискост, возбуда – се на едно место, а пред се – своја сопствена елеганција и магнетизам.

Љубовта не е првенствено однос кон една личност, љубовта е став, ориентација на карактерот кој го одредува односот на човекот кон светот како целина, а не само кон еден објект на љубовта. Ако човекот сака само една личност, а е рамнодушна кон своите блиски, тоа не е љубов, тоа е симболичка поврзаност или зголемен егоизам. Сепак, голем број луѓе веруваат дека љубовта се воспоставува со посредство на објекти, а не со посрество на способност. Тие веруваат дека доказ за нивната љубов е  тоа што освен нивната „сакана личност“ не сакаат никого. Овој став може да се спореди со ставот на човекот кој сака да слика, но наместо да научи да црта тој тврди дека трага по вистински објект и кога ќе го најде прекрасно ќе го наслика. Ако вистински сакаме една личност тогаш знаеме да ги сакаме и сите луѓе, го сакаме светот, го сакаме животот.

Постојат различни видови на љубов: братска љубов, родителска љубов, љубов кон бог, партнерска љубов.

Партнерската љубов е поразлична од сите други облици на љубов, таа е желба за потполно соединување со друга личност. По својата природа таа е посебна, а не универзална. Оваа љубов често се меша со експлозивно доживување на  „заљубеност“, ненадејно рушење на бариерите кои до тој момент биле постоеле помеѓу две личности кои до тој момент не се познавале. Оваа експлозивна заљубеност по својата природа е краткотрајна бидејќи брзото рушење на бариерата доведува до површно запознавање на двете личности кои до тој момент не се познавале. Кога подлабоко би ја запознале другата личност, кога би можеле да ја вкусиме бесконечноста на нејзината личност, ке ја запознаваме постепено секој ден и би откривале нешто ново со што повеќе би се врзале за да на крај дојде до физичко поврзување. Често во партнерската љубов идејата за љубовта ја изедначуваат со сексуалната желба и лесно доаѓаат до погрешен заклучок дека постои взаемна љубов тогаш кога и физички се посакуваат. Љубовта може да предизвика желба за сексуално соединување и желбата за освојување е исполнета со нежност. Сексуалната привлечност создава за момент илузија на единство.

Љубовта во својата суштина треба да биде чин на сакање, одлука својот живот во потполност да го посветиме на друга личност, љубовта треба да биде резултат на спонтани емоционални реакции, чувства кои ненадејно ќе не обземат и на кој не можеме да им одолееме. Во тоа светло кај личноста се гледаат само посебности. Да се сака една личност не е само јако чувство тоа е одлука, ветување. Доколку сите личности се исти, сите ќе може да сакаат на ист начин, но нашата различност доведува до различен начин на сакање и изразување на љубовта, а партнерската љубов бара извесна специфичност, многу индивидуални елементи кои доведуваат до индивидуална привлечност, нешто едноставно во однос на две специфични личности.

 

пишува:м-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Советувалиште за брак и семејство

Центар за социјална работа Гостивар

Оставете коментар

Вашата Емаил адреса нема да биде објавена.Задолжителните полиња се означени *

*