Култура
Светски ден на поезијата – вистинските зборови во совршен ред
Денешниот датум, 21-ви март го обединува светот преку безграничната моќ на стиховите. УНЕСКО го одреди овој ден во 1999 година како Меѓународен ден на поезијата, препознавајќи ја како уникатен начин на експресија на креативниот дух на човековиот ум.
Една од главните цели е да се поддржи јазичната разновидност преку поетски израз и да им понуди на загрозените јазици можност да бидат слушнати во нивните заедници. Да го охрабри враќањето на усната традиција на поетски рецитали, да се промовира учењето поезија, да се врати на дијалогот меѓу поезијата и другите уметности и да им се даде поддршка на малите издавачи и создавање атрактивна слика за поезијата во медиумите.
Во продолжение уживајте во стихови од автори кои оставиле траен поетски белег.
Пабло Неруда – Забрането е
Забрането е да плачеш, а ништо да не научиш,
да се разбудиш, а да не знаеш што со себе,
да се плашиш од сопствените спомени.
Забрането е да не се смееш на проблемите,
да не се бориш за она што го сакаш,
да се откажеш од сè поради сопствениот страв
да ги оствариш своите соништа.
Забрането е да ги оставиш своите пријатели,
не обидувајќи се да разбереш сè што заедно сте проживеале,
и да ги бараш само тогаш кога ти требаат.
Забрането е да не се биде свој пред другите,
да се преправаш пред луѓето кои не ти значат,
да изигруваш кловн за да те запаметат,
и да заборавиш на оние што навистина се грижат за тебе.
Забрането е да не направиш сè за себе самиот,
да бидеш уплашен од животот и од она на што тој те обврзува,
да не живееш секој ден до последниот здив.
Забрането е да ти недостига некој без радост,
да ги заборавиш неговата насмевка и очите,
само затоа што тој избрал поинаков пат од твојот,
забрането е да заборавиш на неговото минато
и да го замениш за неговата сегашност.
Забрането е да не се обидуваш да ги сфатиш другите,
да сметаш дека нивниот живот е поважен од твојот,
не спознавајќи дека секој има свој пат и слава.
Забрането е да не создаваш сопствена приказна,
да немаш миг за оние на кои им требаш,
не разбирајќи дека животот е она што се дава,
но исто така и она што се зема.
Забрането е да не ја бараш среќата,
да не го живееш животот со позитивен став,
не сметајќи дека секогаш можеме да бидеме подобри;
Забрането е да заборавиш дека без тебе
овој свет не би бил истиот.
Матеја Матевски – Ѕвона
Некаде ѕвони. Некаде далеку ѕвони.
звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети.
Некаде ѕвони. Продолжително и нежно.
Глуво е сè. Сал ритамот
плиска по брегот на железото.
Некаде ѕвони. Шибни ме високо и бездно
Бегајте низ кафезот звучен
глуво и безнадежно.
Некаде ѕвони. Малечок ѕвонам и врискам.
Сè е затворено. Опчинет
за звуците сум виснал.
Некаде ѕвони. Удри ме. Колку сум храбар а питом.
Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.
Некаде ѕвони. Премногу дамна и сега.
Сè боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.
Орхан Вели – Убаво време
Овие убави времиња ме уништија.
На вакво време си дадов отказ
кога бев службеник во вакуфот.
На вакво време пропушив.
На вакво време се заљубив.
На вакво време почнав да заборавам
да носам дома леб и сол.
И, секогаш на вакво време ми се враќа
болеста да пишувам стихови.
Овие убави времиња ме уништија.
-
Гостиварпред 2 месеци
Курсна листа на НБРМ и приватните менувачници во Гостивар
-
Македонијапред 1 месец
Денеска е Летник
-
Македонијапред 3 месеци
Србите го слават Свети Сава – Национален празник на српската заедница во земјава
-
Македонијапред 1 месец
Денес е Прочка – Проштевајте и побарајте прошка од оној на кој сте му згрешиле
-
Гостиварпред 2 месеци
Објавен повик за невработени-По 6.000 евра грант за да си отворат бизнис
-
Вестипред 2 месеци
Историјат на Осми март – Празник посветен на правата на жените
-
Што, како, каде?!пред 3 месеци
ШОУ: Легендарните „Солза и Смеа“ доаѓаат во Гостивар
-
Видео емисиипред 3 месеци
Емисија „МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ – Гостин: д-р Агим Јакупи | НАТАЛИТЕТ И ЖЕНСКО ЗДРАВЈЕ