• Дата: 20/01/2018

Тага – Како да се справите со оваа нормална и природна емоција која не треба да се занемарува

 

Тагата е нормална и природна реакција на губиток од секоја врста. Според тоа и чувствата кои се јавуваат во состојба на тага се природни и нормални. Проблемот е во тоа што во процесот на социјализација, нас не учеле да веруваме како сите тие чувства се ненормални и неприродни.

Тагата е природна, нормална и најсилна од сите емоции која е предизвикана од промените кои настануваат на постоечките модели на однесување. Тагата има врска со срцето, а не со разумот и погрешно е настојувањето да се излечи срцето преку разумот.

Во процесот на социјализација не учеле тагата да ја решаваме низ интелектот. Се сметало дека машката и женската социјализација се различни и машките и женските лица на различен начин ја доживуваат тагата, но многуте истражувања покажале дека двата пола и машкиот и женскиот се слично ограничени кога треба да се справат со тажните, болни и негативни чувства. Самото чувство е бесполово, не може да се каже дека некој е женски или машки тажен или женски или машки среќен.

Не може да се каже дека интелектот е потполно бескорисен во справување со тагата, но потребно е време и начин на справување со тагата.

Што подразбираме под опоравување? Опоравувањето значи дека се чувствуваме  подобро. Опоравувањето значи дека ние преземаме контрола врз околностите во кои се наоѓаме и ги контролираме оние ситуации кои владеат над нас и нашата среќа. Опоравувањето значи пронаоѓање на ново значење на животот без страв дека некој или нешто повторно ќе не повреди. Опоравувањето значи дека сме во состојба да уживаме во драгите спомени кои нема да побудат болно чувство на тага и каење. Опоравувањето е прифаќање дека е сосема во ред понекогаш да бидеме тажни и да зборуваме за тие чувства без разлика како луѓето на тоа ќе реагираат. Опоравувањето значи дека сме во состојба да им простиме на другите кога ќе кажат или ќе направат нешто без доволно знаење за тагата. Опоравувањето е кога еден ден ќе сфатиме дека нашата способност да разговараме за губитокот е нормална и здрава.

Она што е најважно, опоравувањето значи стекнување на вештина на која требало да не научат уште во детството. Тие вештини ќе ни помогнат да се справиме со губитокот. Многу од нас се свесни дека нема гаранција за тоа дека кога ќе стигнеме дома, нашите сакани ќе бидат живи. Луѓето кои поминуваат низ развод, исто така знаат дека нема гаранција дека партнерот ќе ги сака кога ќе стигнат дома. Вештините за справување со тага ќе ни го излечат срцето ако се скрши и за возврат ќе ви овозможат во целост да уживаме во сите односи. Знаењето и слободата која се стекнува со разрешување на губитокот ни донесува и дополнителна корист – ни овозможува да сакаме од се срце.

Опоравувањето од значајната емоција на губиток не е воопшто лесен процес – тоа бара внимание, отвореност, подготвеност и храброст.

 

пишува: м-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Советувалиште за брак и семејство

Центар за социјална работа Гостивар

Оставете коментар

Вашата Емаил адреса нема да биде објавена.Задолжителните полиња се означени *

*