Живот
Прекрасни места за прошетка во гостиварскиот регион (3)
Продолжуваме со предлози за посета на места во нашиот крај кои изобилуваат со природни убавини и каде може да ја одморите душата и да се препуштите на уживањето.
Врбен
Ова горнореканско село, опкружено со шуми и пасишта е дар од природата кој едноставно треба да се доживее. Таму владее неодолив мирис на мајчина душичка, чист воздух, мир и спокој. Врбен, за разлика од другите села во тој регион не е раселен. Напротив, има околу 150 жители. Се наоѓа на над 1.600 метри надморска висина, а до селото од Маврови Анови води посебен пат. Искачувањето нагоре по патот донесува прекрасен поглед.
Шумата во околината на Врбен е позната по богатството од билки за чаеви, шумски плодови и печурки. Да не заборавиме да ја споменеме и Хидроцентралата Врбен, што е можеби прва асоцијација за селото.
Сафари парк на НП „Маврово“
Ако до сега не сте ја искористиле можноста за обиколка на Сафари паркот, направете го тоа летово. Локација која изобилува со прекрасни места за одмор, видиковци, чешма со ладна изворска вода и кула за набљудување на животните од каде може да излезат неповторливи фотографии. Паркот зафаќа површина од 430 хектари, а низ него ќе ве водат стручни лица – ренџери од Националниот парк „Маврово“ кои ќе ве информираат за околината, за животните и слично. Во Сафари паркот живеат европски елени како и елен лопатар.
Во склоп на местото функционира и детската едукативна патека наменета за организирани тури на деца од 6 до 12 години.
Пожаране
Селото е сместено на падините на Шар Планина, на 900 метри надморска висина. Од Гостивар е одалечено околу 15 километри. Пожаране ќе ве плени со раскошното зеленило и природното опкружување со густа шума. Во минатото било доста населено и живо село, со бројни културни и спортски манифестации. Денес може да се сретне по некој пензионер и луѓе кои навраќаат за мирен и тивок одмор во своите викендици.
Многу позната е месноста Илиница, кое се наоѓа пред селото. Тука има црква Св.Илија, во која секоја година за 2 август се организира голема слава. Пред неколку години беше пуштена во употреба и чешма од која се верува дека тече лековита вода. Инаку самото Пожаране се нарекува село на многу чешми. Ги има чешмите: Гујчиница, Јаноска, Петроа, Јанческа, Волческа и други. Местото е познато по производство на еколошки мед.
(продолжува)
-
Гостиварпред 2 месеци
Курсна листа на НБРМ и приватните менувачници во Гостивар
-
Македонијапред 2 месеци
Денеска е Летник
-
Македонијапред 3 месеци
Србите го слават Свети Сава – Национален празник на српската заедница во земјава
-
Македонијапред 2 месеци
Денес е Прочка – Проштевајте и побарајте прошка од оној на кој сте му згрешиле
-
Гостиварпред 2 месеци
Објавен повик за невработени-По 6.000 евра грант за да си отворат бизнис
-
Видео емисиипред 3 месеци
Емисија „МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ – Гостин: д-р Агим Јакупи | НАТАЛИТЕТ И ЖЕНСКО ЗДРАВЈЕ
-
Вестипред 2 месеци
Историјат на Осми март – Празник посветен на правата на жените
-
Гостиварпред 3 месеци
Баба Нада со 90 години е најстар жител на Зубовце, денес пречека добри гости во домот