Поврзи се со нас

Гостивар

Четврта книга од перото на гостиварскиот писател Дејан Крстески

„Херои од хартија“ е насловот на најновата книга на гостиварецот Дејан Крстески, која деновиве излезе од печат и ќе биде промовирана пред читателската публика. Станува збор за збирка поезија со 37 песни на теми: човекот и животот.

„Дејан Крстески е поетски глас кој му припаѓа на поновата поетска генерација. Во својата најнова книга (четврта по ред) со помалку необичен наслов Херои од хартија, Крстески на извонреден начин го има претставено животниот пат на човекот преку сите страдања, морални двоумења, како и падови и издигнувања. Просто зачудувачки е колку неговите песни се чисти, искрени и чесни, во време во кое владее една духовна и егзистенционална криза“, пишува меѓу другото рецензентот на делото,  Киро Кипроски, новинар и публицист…

Промоцијата на стихозбирката ќе се одржи на 3-ти октомври, во 18 часот во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

За својата четврта книга авторот вели: „Пред се, станува збор за самостојно издание, кое е поддржано од Министерството за култура и сум особено горд на изданието поради неколку причини. Оваа книга е моја платфома од која им се обраќам на читателите. А тоа што сакам да им го кажам е бескомпромисно искрено и едноставно. Иако, на прв поглед насловот на стихозбирката може да делува претенциозно, херојот е преширока категорија за да се објасни во една книга. Но тоа за мене претставуваше голем предизвик. Освен тоа, реалноста е толку субјективна, а светот во кој живееме стои на темели кои можат секој момент да се срушат. Такви се и хероите. Тие се храбри, силни и доблесни, но сите имаат слабости, или, барем по една слабост. Такви се и моите песни. Нивната слабост е мојата несвесна потреба да ја иронизирам идејата за модерната смисла на живеење, наспроти едноставноста.“

Дејан Крстески е роден во Скопје, 1986 година. Дипломирал македонски јазик и книжевност на филолошкиот факултет и психологија на филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на збирките раскази „Поглед кон небото“ и „Чист хероин“, и на стихозбирката „Луѓе без лица“. Добитник на литературни награди и признанија, меѓу кои и наградата за една од најчитаните книги во 2017 година од страна на Македоника и Унеско за книгата: „Луѓе без лица“. Песната, „Последната книга“, беше избрана за една од најдобрите творби, по повод „Ден на Читателот“, од страна на НУБ „Климент Охридски- 2017“.

„Херои од хартија“ ќе биде промовирана и во Гостивар, во текот на октомври.

Advertisement
Остави коментар

Напишете коментар

Advertisement
Advertisement
Advertisement
Advertisement

Популарно

error: Содржината е сопственост на Gostivarpess.mk!