Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!



  • Дата: 23/09/2017 | 09:27

ЕДЕН ДЕН СО: Агим Амети, фармацевт

Работата динамична – релаксација со семејството и со скијање

Кое се вашите утрински ритуали и навики?

Станувам рано и може да кажам дека уште од наутро имам динамично темпо и така останува преку целиот ден. Често се случува да немам време ниту да се напијам кафе пред да излезам од дома. Во 8 часот веќе сум во мојата аптека и почнувам со работа. Не сум човек кој негува некои посебни утрински ритуали и навики, туку се прилагодувам според условите што ќе ги донесе утрото.

Како ви поминува еден вообичаен ден?

Доста време од денот го минувам во аптеката. За мојата работа како фармацевт може да кажам дека не е многу тешка, но бара посветеност, концентрација и постојана доедукација. Мора да ги следиш современите трендови и понуди ако сакаш да бидеш успешен во работата и пациентите да бидат задоволни. Обично работам двократно и попладне правам неколку часа  пауза, па навечер повторно се активирам. Освен работата со граѓаните, дел од работното време го поминувам во контакти со претставници на фирми за лекови и обука на млади колеги кои доаѓаат на пракса. Убаво е кога ќе видиш дека има некој што ги почитува твоите совети и го цени професионализмот и искуството, а секако можноста да се пренесе знаењето за мене е чест. Генерално на работа сум постојано опкружен со луѓе и тоа го гледам како позитивен дел од мојата професија.

Со што го исполнувате слободното време?

Секој слободен момент го посветувам на моето семејство, децата Леандра и Леарт и сопругата Леудиа. Времето поминато со семејството е нешто што најмногу ме исполнува. Кога си со деца многу лесно е да „станеш“ и ти дете, повеќе да се смееш, да играш, да се забавуваш и да заборавиш на грижите. Нема ништо поубаво од тоа. Сакам на моите деца да им овозможам да имаат знаење и да развиваат таленти, па во таа насока ги носам на курсеви, часови и слично.

Кое е вашето животно мото? 

Би рекол: да – животот треба да се живее, но мора и да се работи. Едно без друго не оди.

Кои совети им ги давате на вашите деца?

Без оглед на професијата која ќе ја одберат во иднина, да се трудат да бидат врвни во тоа што го работат.

Како за вас изгледа еден одмор од соништата?

Една недела помината на скијање. Тоа максимално ме опушта.

Како фармацевт сметате ли дека гостиварци пијат многу лекови?

За жал, да, мора да кажам дека гостиварци пијат релативно многу лекови. Најмногу бараат антидепресиви, лекови за покачен крвен притисок, антидијабетици… Најмалку пак се пијат витамини.

Close